период од-до
  -  
ЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Отворена
Датум: 18.05.2017, 17:03

ВЕНТИЛАТОР

„Водовод“ годишно губи 17 езера како Матка

Соња ХРИСТОВСКА УГРИНОВСКА

Од цевките на скопскиот водовод во 2016 година истекла вода доволна за 17 пати да се наполни езерото Матка! Или 2 и пол пати да се наполни велешкото езеро Младост. Или еднаш да се наполни и да прелее Глобочица! И секоја година така.

Загубата на чиста, преработена, пивка вода на „Водовод и канализација“ лани повторно изнесува 60 отсто, што е во најмала рака скандалозно. Особено затоа што оваа загуба од 60 отсто трае со години наназад и не се намалува, туку расте - до пред една деценија загубите изнесуваа околу 50 отсто. И тогаш, како и сега раководствата ја уверуваа јавноста дека тоа било нормално секаде во светот, а според нивните изјави само што не почнале да преземаат сериозни мерки и да воведуваат модерни технологии за да ја намалат загубата, на која гледале, само како на - внатрешна резерва! Не ја гледаат, на пример, како катастрофално растурање на бесценети природни ресурси што ни припаѓаат на сите, а со кои тие само стопанисуваат во име на сите нас. Kако на наше природно богатство кое и онака е во опасност од исчезнување и кое мора беспоштедно да се чува. И тоа е патриотизам.

Извештајот за работењето на „Водовод“ за 2016 година неодамна го усвои Советот на Град Скопје, што кажува дека со состојбата се запознати сите советнички групи од сите политички партии што се таму и никој не се скандализира од недомаќинлакот што трае. Можеби дека извештајот е на стотина страници, а поглавјето за загубите на вода е напишано само на страница и пол, а можеби и затоа што на политичарите, како што е познато, не им е воопшто гајле за водата или за воздухот и општо за животната средина. Или, не го ни прочитале извештајот што го изгласале, а кој многу зборува.

Од таа страничка и пол во извештајот на која се наредени загубите на вода може многу да се прочита, може книга да се напише. Нашиот водовод лани произвел вкупно 103.377.070 кубици вода, а загубил 60 отсто, односно 62.026.242 кубици вода! Половина од таа загуба ја вбројува во корисно потрошена вода за комунални потреби и комерцијални загуби, што значи дека близу 29 милиони кубици отишле за миење на канализацијата, миење на улиците, полевање, за јавните чешми, за вежби за противпожарна заштита и сл. Липковското Езеро собира 1,9 милион кубик вода, а Младост 7,3 милиони кубици, па многу фрапантно изгледаат податоците дека за јавни чешми и фонтани отишле 1,3 милион, а за полевање на зеленило, дрвореди и жардиниери 7,5 милиони кубици вода. Или дека на миење на улиците и плоштадите сме потрошиле вода колку езерото Матка, кое собира 3,5 милиони кубици вода!

Втората половина од загубата, 31,8 милиони кубици вода е стварната загуба, за која нема оправдување дека е „корисно потрошена вода“ небаре скопската канализација мора да се мие со чиста изворска вода. Таа загуба, како што се наведува, е поради истекување на приклучните и транспортните цевки и поради заднинско истекување. Толку многу им тече решетото, пардон, водоводната мрежа, што од истеченото од графата „стварна загуба“ може уште еднаш да си ја наполниме акумулацијата Лисиче.

Значи, година по година „Водовод“ константно ни губи по 60 отсто од 100-те милиони кубици кои просечно годишно ги произведува, вода во која претходно е инвестирано за пречистување односно хлорирање, за пумпање итн. Ако загубата се пресмета според цената за вода со канализација за домаќинствата, која е 29,39 денари за кубик, се доаѓа до сума од 1,8 милијарда денари, односно 29,5 милиони евра. Тоа е колку за три нивни кружни згради! Или колку за да се затне решетото долго 1.000 километри!

Водата треба да се штеди, оти и кај нас може да ја снема. „Водовод“ знае да ги советува граѓаните како да штедат вода, а за своето расипништво не зборува. Едно време дури и само ние, граѓаните, според едно минато раководство, бевме виновни за големата потрошувачка, па н` уверуваа дека секој од нас троши дневно по 550 литри вода, односно еден скопјанец трошел колку тројца Европејци. Ама не кажуваа дека од тие 550 литри 60 отсто е нивната загуба, а Европеецот троши три пати помалку оти и нивните водоводи имаат разумни загуби под 20 отсто.

Толкава е прифатливата загуба, 20 отсто, пишува и во извештајот на „Водовод“ и се додава дека и таа количина е огромна вода.

Во извештајот е наведено и дека за да се намали загубата „се потребни многу труд и знаење“. Што да се заклучи? Дека не се трудат? Дека не знаат? Натаму се додава дека за таа цел набавиле теренско возило со најсовремена опрема за откривање и истражување на дефектите, а биле обучени и екипи што ќе работат со опремата. И толку. Само едно теренско возило е предвидената мерка за доведување на загубите во прифатливите граници, а уште попоразително е што истата реченица со теренското возило, истите пасуси од точка до запирка ги има и во извештајот за работењето на „Водовод“ за 2015 година. Не се потрудиле ниту да внесат малку повеќе оптимизам, само ја препишале страничката и пол од претходниот извештај, оти, кај загубата на вода и онака нема ништо ново.

Нова е само белата зграда на „водогуб“. Ама не им е заслужена.

#



Останати вести
За да бидеш Христос, мора да имаш свој Јуда
Зоран Заев е општа опасност за Македонија

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести