период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
ONLINE Култура
Датум: 10.06.2016, 09:57

Елизабета Линднер: Да ја славиме авангардата додека е жива



Елизабета Линднер-Костадиновска една деценија живее во Берлин, а петнаесет години во Германија. По професија е литературен преведувач од германски на македонски, а преведува и пишува поезија на германски.Во слободното време и се посветува на визуелната уметност.


Од 2008 соработувала со Игор Исаковски и со "Блесок" каде што досега се објавени 15 нејзини преводи. Во Берлин работи на афирмирање наши автори преку книжевниот портал "СловоКулт": www.slovokult.de

, кој од 2015 прераснува во издавачка куќа (SlovoKult::Literatur Berlin), а од неодамна е и уредничка на порталот на македонски јазик www.slovokult.eu.

На годинашното издание на фестивалот "Паратисима Скопје и'3" (од 10 до 12 јуни) во Младинскиот културен центар ќе биде изложено нејзино дело - триптих State of Art. Ќе го видат и посетителите на фестивалот "Бош" во Гевгелија. Преку него го прикажува односот на уметноста и политиката, како и револтот од маргинализирање на квалитетот, а фаворизирање на шундот, сето тоа условено од политички цели.
- Преводот на англискиот наслов на германски и на македонски јазик е повеќе игра на знаци и зборови - Из/Држa/в/ност на Уметноста - за да се задржи двосмисленоста на англискиот збор - состојба и држава во едно - вели Линднер-Костадиновска.

Делото го завршив во 2015 година. Тоа е колаж, кој го работев долго време. Создавањето траеше подолго зашто работам повеќе работи одеднаш. Најмногу работам на литературни преводи, повремено и на свои текстови, па кога сакам да избегам од текстот, наоѓам прибежиште во визуелното творење - открива таа.

Елизабета уште од рана возраст црта, но дури сега овој уметнички израз си го нашол патот за да излезе во јавност.
- Постојано цртав, но не мислев дека овие мои креации треба да бидат изложени, си ги чував за себе. Кога цртежот премина во колаж како форма на уметничко изразување, бараше големи формати, а со оваа и со некои други околности спонтано се јави потребата да излезат и во јавност. Првото дело во голем формат беше колаж посветен на Игор Исаковски. Почнав да го работам еден ден пред неговата смрт, а го завршив на 27 декември.

- Декември е за мене месец на депресија. Не ја поднесувам божикната хаотична и заслепувачка атмосфера. Таа пренагласена еуфорија ме прави депресивна. Во 2014 во тој период немав професионален ангажман за книжевен превод на кој би работела, па си зедов време за себе и за своите дела. На 14 декември почнав да ги сортирам сликите наменети за колажот, подготвив картон како подлога и почнав. На 15 веќе беше поставена основата, а на 16 декември ме шокира веста за смртта на мојот издавач и пријател Игор Исаковски. Тоа беше еден од најстрашните и најтешки денови, а еве дури и година и пол од тогаш уште постои чувството на тежина. Кога во тие моменти на длабока тага поубаво го погледнав почнатиот колаж, сфатив дека основниот мотив што сум го избрала бил смртта. Веднаш решив да му го посветам на Игор Исаковски. Додека работев на колажот, некако ја преработував и тагата.

Од 2014 досега објавив свои текстови во два броја на "Пролог" - независно списание за уметност и текст од Берлин, кое излегува 3-4 пати годишно, а чии изданија се презентираат на неколку мултимедијални вечери. На две презентации од овие (број 13 и 15) беа изложени мои дела, прво "Ванитас" (за Игор Исаковски), од кое им испратив слика по имејл и им кажав дека ќе ми значи многу ако делото одговара за изложбата, а ним им се допадна колажот. На овој настан, кој се одржа на крајот на јануари 2015, прочитав мои експериментални песни и две песни од Игор Исаковски, кои ги преведов на германски. Присутните ги слушнаа германските преводи на "Смртта има коса од морска трева" и "Еби се, Исаковски". Секако дека ги прочитав со многу емоции и енергично бидејќи неговата поезија останува моќна и гласна и по неговата смрт. Убаво помина. Тоа беше првото излагање на делото и можност за мене од Берлин да му оддадам почест на Игор - открива Линднер-Костадиновска.

Подоцна за презентацијата на Пролог број 15 го изложила делото што ќе учествува на "Паратисима" и на фестивалот "Бош". Еве како течело создавањето на триптихот State of Art:

- Делото е комбинација од исечени слики, фотографии, цртеж и потези со акрил. Кога е готов колажот, секогаш му вметнувам текст - значи нема бегање од текст - монтиран од претходно исечени зборови што ги лепам по некој редослед. Има форма на стихотворба и носи приказна. Секогаш е поврзан со визуелното од колажот. Текстот настанува многу спонтано, исто како што настануваат и сликите. Целото дело е резултат од вообичаениот процес на креативно-интуитивна комбинација - вели таа.

Интересно е што најголем дел од текстот што ја следи приказната во делото на Линднер-Костадиновска е составен од зборови што ги сечела од книгата "Хари Потер".

- Првиот том од трилогијата го купив за две-три евра со цел да го користам за ова, а и за други свои дела. Беше книга со крупен печат и веднаш знаев дека токму оттука ќе ги избирам зборовите што ќе ја дополнуваат приказната - открива авторката.

- За триптихот се инспирирав од изложбата на латвиско-советскиот уметник Густав Кулцис, што ја видов во Рига. Ме заинтригираа неговите дела и неговата лична приказна. Првин ~ припаѓал на авангардата, а потоа почнал да изработува плакати за пропагирање политичка партија. На крајот бил тајно убиен од истата таа политичка партија. Низ тоа се гледа лицемерието на системот - вели Линднер-Костадиновска, која додава дека е среќна што триптихот ќе го претстави токму во период на протести кај нас.

- Триптихот почна со слика од бомба, исечена од весник и се надополни со слики од Клуцис, од неговите авангардни и политички мотивирани дела, од кои користам фотографии. Тие се повторуваат во колажот. Во делото вметнав и покани за изложби - едната со критична заднина зашто е покана за изложба на уметничко дело во куќата на претседателот на Австрија. Целото дело има цел да ја покаже поврзаноста на уметноста и политиката, односно (не)зависноста што се создава. Најинтересните уметници се секогаш сиромашни и се борат за гола егзистенција за да можат да создаваат. Повеќето од нив не се разбрани зашто се критични и понапред од своето време и низ делата најчесто испраќаат пораки, кои не им се допаѓаат на оние што треба да ја поддржат уметноста. Државата не треба да ги остава уметниците на работ на егзистенција, а подоцна да ги слави како великани. Секаде во светот се форсираат уметници на чие творештво се трошат милионски суми, иако повеќето се здодевни медиокритети, а оние чиј глас треба да одекне се оставени на маргините. Нив државите ќе ги слават по смртта - како, на пример, Австриецот Томас Бернхрад, кого го преведов на македонски, и како впрочем и сите авангардисти од сите сегменти на уметноста и од сите времиња.

Материјалите за колажите, сите овие фотографии, покани, списанија, летоци, ги собирам и ги чувам и кога ќе решам да создавам, спонтано ги листам и ги одбирам - потоа во процесот се надополнуваат елементите со кои ја комплетирам приказната што сакам да ја пренесам преку колажот - вели Линднер-Костадиновска.

При создавањето дела користи и летоци од театарот "Фолксбине" (Volksb?hne) во Берлин. Логото има важно место во колажите уште од самиот почеток (2012), а интересно е што сега во овој театар се водат дебати за крајот на демократијата со остра критика кон капитализмот на која учествувале Славој Жижек, Среќко Хорват, а на една од нив преку видеоврска и Џулијан Асанж.



На триптихот работела девет месеци (со долги прекини), а од планиран еден колаж, станале три.

http://paratissimaskopje.mk



http://boshfest.com



http://prolog-zeichnung-und-text.de/blog/



Светлана К. Симоновска

#



Останати вести
Младите уметници имаат идеи, но нема креативни индустрии без поддршката од бизнисмените
Почина карикатуристот и сатиричар Дарко Марковиќ
„Магор“ објави нов превод на „Браќата Карамазови“

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести