период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Online Вести
Датум: 11.09.2016, 21:55

ЗЕМЈОТРЕСИ ГО ТРЕСЕА СКОПЈЕ

Земјотресен феномен, кој се случува еднаш во 200 години предизвика паника кај скопјани

Паника, страв и вознемиреност завладеа вчера меѓу граѓаните на Скопје и повеќе други околни градови откако се случија серија земјотреси од кои три беа мошне силни, но, за среќа, не предизвикаа материјални оштетувања или повредени граѓани.

Најсилниот во серијата на земјотреси, кои почнаа две минути пред 7 часот изутрина, се случи во 15 часот и 10 минути, кога скопјаните почувствуваа силно брмчење и тресење на земјата, прво во вертикална, а веднаш потоа и во хоризонтални насоки. Тоа беше доволна причина да настане паника меѓу граѓаните кои веднаш почнаа да ги напуштаат своите домови и да се засолнуваат на отворените простори, подалеку од своите живеалишта за кои стравуваа дека ќе се урнат.

Сеизмолозите вчера укажаа дека вакви потреси се своевиден феномен и оти ваква серија на потреси не е забележана во последните 200 години на скопското подрачје, кое е познато како мошне сеизмички активно. Ова, според нив, најверојатно се должи на внатрешни тектонски поместувања на плочите во длабочината на земјата, а чиј главен причинител е африканската плоча.

Вознемиреноста меѓу граѓаните беше присутна цело време и тие стравуваа да се вратат во своите домови. До затворањето на весникот најголемиот дел од граѓаните беа сж уште надвор, а многумина правеа планови како да ја поминат ноќта на отворено. Имаше и извештаи дека дел од граѓаните синоќа почнале да го напуштаат градот за да се засолнат кај роднините во внатрешноста.

Серија на потреси

Од разни делови на Скопје доаѓаа информации за помали оштетувања при што се забележани случаи на паднати оџаци на кола во населбата Железара. Кај голем дел од граѓаните се случија оштетувања по домовите – имаше повеќе паднати лустери, слики, и разни други домашни предмети.

На официјалната страница на светската земјотресна опсерваторија ЕМСЦ, каде што се објавуваат сите земјотреси случени во реално време е забележано дека третиот земјотрес се случил во 15.10 часот по локално време со магнитуда од 5,3 степени по Рихтер. Епицентарот на потресот бил на длабочина од 4 километри на 6 километри источно од Скопје, 7 километри североисточно од Сопиште и 4 километри од Усје.

Претходно, од Сеизмолошката опсерваторија ги соопштија податоците за утринските потреси

- Два од овие земјотреса беа почувствувани во Скопје и околината. Првиот од нив се случи во 6,58 часот, имаше локална Рихтерова магнитуда 3,9, а беше почувствуван со интензитет од шест и седум степени според Европската макросеизмичка скала. Вториот земјотрес се случи во 6,59 часот имаше локална Рихтерова магнитуда 2,8, а беше почувствуван со интензитет од четири и пет степени според Европската макросеизмичка скала (ЕМС) - се вели во соопштението од Сеизмолошката опсерваторија.

Вера Чековска од Сеизмолошка опсерваторија при ПМФ вчера ни изјави дека тие немаат инструменти со кои би можеле да предвидат дали ќе следат други земјотреси, кои, не дај Боже би можеле да бидат и со посилен интензитет.

- Вториот земјотрес, всушност, бил серија од земјотреси на неколку секунди еден од друг со магнитуда од 5,3 степени според Рихтеровата скала и 7-8 степени според Европската скала. Имаме среќа што епицентарот на овој земјотрес бил од 10 до 15 километри во земјата така што сме го почувствувале помалку. Но, досега ретко, ретко сме имале ваква серија на потреси кога прво следува утрински земјотрес, а потоа и трет земјотрес, кој е мошне силен. Според наши сознанија, вакво нешто не се случило изминативе два века - потенцира Чековска.

Таа објаснува дека причината за серијата потреси е тоа што најверојатно африканската тектонска плоча силно тргнала кон Европа и дошла во судир со плочата што има влијание на Скопје и на регионот околу него.

- Утринските земјотреси биле само претходница на попладневниот, што не значи дека ќе нема и трет, но не значи дека ќе има и посилен. Апелирам до граѓаните да не се вознемируваат, да одбегнуваат објекти што се доградувани или за кои се знае дека не се сеизмички градени. Голем дел од градот е граден според сите стандарди, осоебно по земјотресот во 1963 година, што значи дека тие објекти се посигурни - рече таа.

Чековска укажува дека кај некои граѓани може да се јават вртоглавици, односно, губење рамнотежа во моментите додека трае потресот.

Граѓаните ќе спијат на отворено?

Во перидот меѓу 16 и 17 часот уште можеа да се почувствуваат потресите, кои најверојатно се должеа на смирувањето на почвата. Но, вознемиреноста кај граѓаните најмногу се должеше на тоа што посилниот земјотрес се случил цели осум часа по првите два утрински земјотреса. Односно, откако поминаа првите земјотреси најголемиот дел од граѓаните помислија дека веќе нема да се случат посилни земјотреси и оти почвата ќе се смири. Меѓутоа, наместо смирување, се случи уште посилен земјотрес, за 1,3 степен според Рихтер.

- Бевме дома кога се случи најсилниот земјотрес. Многу бучеше, почна да се тресе, ни падна веднаш лустерот и сиот се испокрши. Се исплашивме многу, не знаевме што да правиме и каде да се скриеме. Потоа малку се смири и јас викнав помош да се симнеме долу бидејќи жената што ја чувам е во количка. Ни помогнаа соседите и сега сме надвор но не знаеме кога ќе можеме да се вратиме дома. Ризично е да се вратиме, ова не е нормален земјотрес на какви што сме научени туку е нешто поинакво и непознато - ни рече Татјана Асанова од скопската населба Капиштец.

И другите граѓани беа видно вознемирени и загрижени околу тоа дали наскоро не ќе смеат да се вратат во живеалиштата и каде ќе ја поминат ноќта.

- Не знам што ќе направиме. Најверојатно ќе останеме надвор, ќе преспиеме во кола или на отворено во паркот. Страв ни е пак да не се случи земјотрес. Видовме дека не значи ништо тоа што прво се случиле два земјотреса. Очигледно е дека како во внатрешноста на земјата да има уште енергија која може да предизвика тресење - ни рече Мирко Петровски од Кисела Вода.

Земјотрес со ваква силина од 5,3 степени според Рихтер се има карактеристики на „умерен“.

Такви земјотреси во светот се случуваат по 800 пати годишно во разните региони.

Поплавите не се причина

Инаку, меѓу граѓаните вечера струеја гласини дека серија на потреси се должи како на неодамнешните поплави така и големите дождови кои последниве денови опаѓаа во Скопје и околните региони. Ова се надоврзува на фактот што епицентарот на земјотресите е токму во поплавените подрачја. Ваквите стравови се поткрепуваат со катастрофалниот земјотрес во 1963 на кој му претходеше големата поплава што го погоди Скопје една година претходно.

Меѓутоа, сеизмолозите велат дека ова е случајност и дека поплавите не предизвикуваат земјотреси. Михаил Гаревски, директор на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) вели дека овој земјотрес нема врска со поплавите. Вели дека поплавите од 6 август токму во областа околу Скопска Црна Гора се само коинциденција со раздвижувањето на тектонските плочи, но не предизвикуваат земјотреси.

-Можеби случувањата ме демантираат, но во светот не постои ниту еден научен труд кој што ќе ги поврзе поплавите со земјотрес. Земјотресите се случуваат поради придвижување во длабоките слоеви на земјата до кои површинската вода не допира, вели Гаревски.

Слично смета и сеизмолог Драгана Черних:

- Генерално, водите од дождовите, односно поплавите не можат да бидат непосредна причина за појава на земјотрес. Тие, продирајќи во пукнатините и порите на земјиштето можат само да ја забрзаат појавата на многу плиток земјотрес што веќе е во подготовка заради тектонската активност.

И Борис Ангеловски, жител на селото Црешево, вели дека земјотресот ги вознемирил, но не предизвикал никаква материјална штета во селото.

- Како природна појава која не можеме да ја контролираме секако не вознемири земјотресот, но ништо особено. Ние во минатото сме почуствувале и посилни земјотреси - вели Ангеловски.

За катастрофални земјотреси се сметаат оние потреси што се со магнитуди од 5,5 до 9 степени, а сж што е над тоа претставува катаклизма. Магнитудата на скопскиот земјотрес во 1963 година изнесувала од 5,7 до 6,1 степени, во зависност од тоа на кој начин е мерена.

Тројца скопјани се повредиле бегајќи по вториот земјотрес

Веднаш по потресот во 15.10 часот имаше голем број јавувања од граѓаните до Итната помош најмногу поради страв, паника и стресни состојби, што особено е изразено кај дел од хронично болните што послабо ги издржуваат ваквите состојби. На сите што се јавиле им бил даден совет и екипите не интервенирале, зашто немало потреба од тоа. Но имаше пријава и за два-три случаи на повреда при бегање од дома и овие граѓани се однесени во болница. Можно е да добиле скршеници на рака или нога, а можеби имаат само набиеници - ни рече д-р Анита Димоска, управничка на скопската Служба за итна медицинска помош.

Отежнато било и движењето на возилата на Итна помош, кои вчера попладне одговарале на други итни повици поради тоа што голем број граѓани излегоа на улица од страв од можни нови потреси.

- Колку може да се обидеме да бидеме поприсебни, зашто паниката некогаш може и полошо да направи, еве дел од граѓаните се повредиле трчајќи по скали - советува д-р Димоска.

Во аптеките се бараше витамин Б6, не и „дијазепам“

Еден час по вториот земјотрес, кој многу ги исплаши жителите на Скопје, во аптеките во градот ни изјавија дека најмногу се барал витаминот Б6.

- Досега, еден час по силниот земјотрес, немаше помасовна побарувачка на лекови за смирување, како „дијазепам“, туку повеќе се бараше само витамин Б6, кој има слабо седативно дејство - ни рече аптекарка од аптеката во Трговскиот центар „Зебра“.

Кучето како да претчувствуваше - два часа не се тргна од прозорецот

Многу страшно, мојот стан кој е на 17 кат од зградата во Капиштец се нишаше. Лустерите одеа лево-десно, а кучето, кое е од расата малтешка пудлица, како да претчувствуваше - цели два часа не се тргна од прозорецот и постојано беше до мене. Мачката избега некаде по дома, кога стресе и не успеав да ја земам со мене долу пред зграда - раскажуваше скопјанката, која беше излезена со многу други исплашени соседи на паркингот во Капиштец, кој е на улицата Васил Ѓоргов.

Нејзиниот сосед раскажуваше дека пред неколку дена видел стаорец на балкон на 6 кат од зградата, првпат по многу години.

Чести земјотреси меѓу 4 и 5 степени

Во Сеизмолошката опсерваторија појаснуваат дека серии слаби земјотреси со интензитет од 4 до 5 степени ЕМС-1998 се јавуваат често на територијата на Македонија и тоа барем три до четири пати годишно. Според статистичките истражувања, најсилниот земјотрес што може да се очекува кај нас во рамки на период од 500 години е со интензитет од 10 степени по ЕМС-1998 (скалата има распон од 12 степени). Во покуси периоди се очекуваат земјотреси со послаби интензитет. Сеизмичките поместувања на почвата се резултат на долготрајно акумулирање на тектонските напрегања во Земјината кора кои траат непрекинато. Постојат подрачја во светот каде што нема вакви тектонски напрегања и тие се релативно малку, најчесто кај старите планини и карпи. За жал, Македонија е во подрачје на тектонски напрегања и појавата на земјотреси може да се смета за нормална.

Екипа на „Дневник“

#



Останати вести
Нови потреси го тресат Скопје
Забрана за работа на шестте професори од Економски факултет осомничени за примање мито
Данско училиште ги дели учениците според етничка припадност
Иванов: Почитта кон Мајка Тереза се изразува со заедничкото живеење со разликите
Стотина граѓани побарале лекарска помош по серијата земјотреси
Нов земјотрес ги потресе Скопје и околината
Граѓаните во паника ги напуштија домовите, делови од градот без струја

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
строиник, 11.09.2016 22:34:02
1.Епицентарот на земјотресот беше меѓу Смилковци и Камник. 2.На речиси истото место пред еден месец беше формиран и вертикалниот облак во висина од 14 км а ширина од 1,6км кој предизвика неверојатен излив на вода и замрзната маса што предизвика поплави. 3.На речиси истата линија од севорзапд кон југоисток,од шуто Оризари под радишани кон Арачиново, две неделеи претходно се појави помал вертикален облак кој беше страшен но не предизвика шети--беше како најава. 4. Претходно се појави слика од Скопје, сликана негде од Нерези-Водно кон Ченто-Ск. Црна Гора, со облак над градот во облик на печурка. 5. Харповите и хемтерјловите и порано се појавувале но никогаш како денвоите пред да се случат овие непогоди, не биле толку ниско поставени---барем така изгледаше кој гледал..... Не ми се верува дека е природна појава. Но дури и да е, предизвикана е од НЕчовекот. Природата,земјата е жив организам и исто како нас трепери. Таа Господ бог Универзмут ги слушаат нашите желби, маки, страдања, дејствувањ
EU, 11.09.2016 22:48:52
Ke pojasnat li tie sto zemjotresot, kako i neodamnesniot poroen dozd, go objasnuvaat kako fenomen, sto sakaat da kazat. Ne oti se vinovni,za reakciite na prirodata, no ne e odgovorno da se tvrdi deka vo izminative 200 godini nemalo vakov zemjotres. Koj vo togasnata Otomanska imperija gi merel zemjotresite.A ,dobro e poznato deka za zal ziveeme na trusno podracje,taka sto zemjotresite ne se retkost.
PRAVEDEN, 12.09.2016 00:04:04
Panika ,strav i voznemirenost kaj Graganite po serijata Zemjotresi koj se sluchija vo Skopje. Kako i sekogash kaj SDSMovcite obratno potsmev i opmalozuvanje kon Graganite i navredlivi zborovi kon VMRO DPMNE. Prirodnite katastrofi SDSM gi koristi za dobivka na bedni politichki poeni nesvesni deka niv gi cheka prava katastrofa. na 11 Dekemvri silen zemjotres ke go strese na SDSM ,zemjotres so jachina od 10 stepeni po rihterovata skala, toj zemjotres nema da bide priroden fenomen tuku naroden fenomen, narodot ke go strese na SDSM do taa mera shto od SDSM nema da ostane skoro nishto gradbata narechena SDSM ke bide zasekogash unishtena .
leto 2016, 12.09.2016 09:09:02
Posle site vakvi katastrofi sto ja pogodija Makedonija,krajno vreme e Vladata na RM da povede smetka za formiranje na Ministerstvo za vonredni sostojbi,bidejki vakvi katastrofi natamu ke bidat se poizrazeni!
galeb, 12.09.2016 09:16:40
Najgolemite lopovi i politicari od vnatresnosta na drzavata kupija stanovi vo Skopje od ukradeni i necesni i valkani pari ,zatoa i zemjata se luti i negoduva i dava predupreduvacki signali.
Најнови вести