период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаЕврорамаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Отворена
Датум: 05.01.2016, 16:05

ИСЕЛУВАЊЕ НА МЛАДИТЕ

Мујо во Kанада

Минатата година, како и оние неколку пред неа, една од главните теми на опозициската критика кон власта беше процесот на иселувањето на младите од државата. Постојаните критики на оваа тема не можат да го остават човека без коментар и без асоцијација со познатите вицеви за Мујо во Kанада, и за Мујо во Флорида. Поучни се, вреди да се прочитаат. Заминувањето на младите многу често се генерализира и се сведува на давање паушални и површни коментари. Посебно за заминувањето на некои луѓе кои и лично ги познавам. Социјалните мрежи се преполни со постови од типот браво, алал да ти е, кај и да е и јас ќе заминам и слично. За разлика од овие коментари, моите сознанија за проблемов се поинакви. Опозицијата, но и луѓето многу малку навлегуваат во вистинските причини за заминувањето на младите во странство.

Иако мојот репрезентативен примерок е релативно мал (околу триесетина луѓе), сепак тој може да биде добра основа за лоцирање на вистинските причини за заминувањето на младите од земјата. Иако генерално во јавноста се мисли дека причините се од егзистенцијална, а се шпекулира дека се и од политичка природа, многу малку се знае дека најголемиот дел не заминале во странство заради недостаток од пари, туку заради духовна неисполнетост, нереализираност на приватен план, како и поради чувството на љубовна празнина во домот. Во најголем број од случаите се работи за тага поради невозвратена или непреболена љубов па чарето одлучиле да го бараат во заминување подалеку од партнерот со мислата дека ако се подалеку од местото каде што с` ги потсетува на неа/него полесно ќе им оди со преболувањето. Значи, раскинувањето или разводот од партнерот, но и незадоволството од семејните односи меѓу родителите, браќата, сестрите (главно заради присутното семејно насилство) се најчестата причина за заминувањето на младите.

Ако ги прашате и психолозите, и тие ќе констатираат дека овие проблеми се главната причина за запаѓање во депресија кај младите. Поради срам од нејзино соочување, и срам да се побара помош за соодветно и стручно да се лечи, луѓето одлучуваат да ја потиснат депресијата длабоко во себе. А лекот го бараат во бегство од средината која што ги потсетува на одредени болни моменти, во бегство од државата. Во еден дел, причините за заминување на младите се лоцираат и во неприфатеноста во средината и во семејството поради различностите што ги имаат. Потребата да се биде со партнер од ист пол ги тера некои млади да заминат во друга држава, во друга средина која е полиберална од онаа дома.

Проблемот со заминувањето на младите од Македонија најчесто се разгледува многу површно, многу пати крајно субјективно, лично и некритички без да се согледа целата негова вистина. Во такви околности, најлесно е да се нападне власта дека не го спречува процесот. Најлесно е политички да се поентира преку голите и штури обвинувања од опозицијата дека власта е виновна за с` што им се случува на младите, и за нивната одлука да живеат во друга земја. Но, ајде да видиме дали е секогаш така.

Заминувањето од државата во земјите од посакуваниот Запад е приказна која од секогаш успешно се продава меѓу младите во земјата. Паметам кога јас бев мала многу мои роднини заминаа во „белиот свет“ во потрага по подобар живот. Иако потрагата им заврши прилично неславно, речиси сите одлучија да останат таму каде што заминаа заради тоа што го распродадоа имотот во земјава, ги напуштија своите работни места, земаа големи кредити таму каде што се населија за да можат да ја плаќаат киријата и месечните сметки за станот. „Белиот свет“ ги претвори во вистински робови што работат повеќе од дванаесет часа, на неколку различни работни места. Големите трошоци за комуналии, кирии, трошоци за градинки или за училишта и факултети на децата, трошоците за живот ги сведе на машини за правење пари доволни да ја покријат нивната основна егзистенција. Приказната што им се продаваше овде дека таму ги чека живот од соништата, идила исполнета со среќа и радост, многу брзо се сведе на сурова и безмилосна реалност.

А изговорот дека таму, далеку од дома наоѓањето работа според образовните квалификации е лесно како нарачка на парче торта, се сведе на реченица од која денес си прават вицеви на своја сметка. Сите се едногласни во реалноста дека подобрите професии и подобрите работни места според степенот на стручност државата ги резервира најнапред за своите државјани, а потоа ако остане слободно место и за останатите. Странците со дозвола за работа и престој работат тоа што ќе остане непополнето на пазарот на трудот. Потрагата по работно место не завршува ако најдеш една работа. Таа продолжува и за втора, а понекогаш и за трета работа, бидејќи трошоците се толку големи што не може да се опстане само со една плата.

Работниот ден трае десет, дванаесет, па дури и четиринаесет часа, зависно од земјата во која се живее. Се работи и во саботи, и во недели, и на празници за да се заработи пара плус. Често пати знаат да кажат, се претворивме во класични работни манијаци, не гледаме бел ден, бела недела, бел месец. Дел од нив велат дека со работата ја компензираат духовната празнина што ја носат во себе, дел велат дека работата им го прави животот поубав, а дел дека едноставно немаат што друго да прават. Работата им е и пријател, и роднина, и партнер. Велат немаат многу пријатели, бидејќи сите се во свој филм, во своја трка по пари. Ако сакаш да се видиш со пријател, велат, треба да се најавиш неколку недели порано за да те стави во телефонскиот потсетник како вид обврска. Обврска да одам со пријателот од Македонија на вечера, обврска да гледаме филм заедно, да одиме на фудбал, обврска попатно да размениме неколку збора. Нема човек со кого сум разговарала да не му недостига македонското дружење, навиката за одење на кафе кај пријателка без најава, без посебни церемонии.

Нема човек што не му недостигаат дружењата на македонските слави со полни домови, македонските гурмански специјалитети направени дома, а не во некоја јавна кујна. Нема човек што не го сонува детството и игрите без граници. И на крајот на денот, кога работите ќе се постават на реален начин, секогаш си го поставуваат неизбежното прашање, а можевме ли сево ова да го имаме дома? Во Македонија? Но, и прашањето, а кое ова? Работа на две-три различни места, работа по дванаесет до четиринаесет часа во денот без разлика дали е сабота, недела, празник, чувството дека си странец секаде каде што одиш, несигурноста дали ќе имаш доволно пари да ја платиш киријата за гарсониерата која никогаш нема да биде твоја, дали ќе имаш пари да ги платиш месечните сметки, дали ќе имаш доволно пари за јадење, дали ќе имаш пари за на доктор, дали ќе имаш доволно пари да појдеш во ресторан со пријателите, ако воопшто може да дојдат?

Дали сево ова можеш да го најдеш во твојата Македонија? Прашања на кои однапред ги знаат одговорите. И во нивната Македонија ако имаат амбиција и желба да работат две-три работи истовремено можат да ги најдат и да работат. Можат да работат и во сабота и во недела, и на празници, ако сакаат. Можат да имаат и свој дом, и многу поевтини градинки, училишта, факултети за своите деца, многу поквалитетно дружење со пријателите од детството без план и програма. Можат да имаат многу работи што ги нуди единствено и само татковината. И не случајно старите велат, каменот си тежи на своето место. Ние тежиме во нашата земја. Затоа, наместо духовната празнина да ја пополнуваме на места каде што никој не се грижи за неа, да направиме поголем индивидуален и колективен напор среќата, убавината и благодатот да си го создадеме дома.

Тоа си го должиме себе, но и на генерациите што доаѓаат по нас. Да се свртиме кон духовното. Да се грижиме повеќе за духовното здравје, и за убавините во домот. Kога ќе ја пронајдеме убавината на домот, и во домот, никогаш нема да посакаме да заминеме од него. Домот ќе не излечи од секоја болка. Домот и најблиските ќе н` направат посилни. Време е конечно да се свртиме кон вистинската страна на светот...

Тања Kаракамишева-Јовановска

#



Останати вести
Полска, Македонија и медиумите
Луѓе без фиксни адреси
Православни сојузништва

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести