период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
ONLINE Култура
Датум: 20.04.2017, 13:42

ПРЕТСТАВАТА „Р.Е.М.- НИЗА ОД СОНИШТА“ ОД „ТАНЦ ФЕСТ“ ОДИ НА ОДИСЕЈА

Kинески танчари со македонска кореографија на турнеја во Европа

Kинески танчари во македонски костими ќе танцуваат на македонска кореографија и музика во претставата „ Р.Е.М. - Низа од соништа“, која вечерва во Македонскиот народен театар ќе биде изведена во рамките на 13. фестивал на современиот танц „Танц-фест“. Театарот за современ танц „Најн“ (9) од Пекинг, Kина, со овој настап ја почнува првата европска турнеја на една кинеска танцова група со странски кореограф. Kореографијата на „Р.Е.М.“ е на македонската кореографка Рисима Рисимкин, костимите се на Благој Мицевски, а музиката, специјално подготвена за претставата, на „Љубојна“.

Сон во сценска приказна

Рисимкин ја постави претставата во Пекинг во мај и во август минатата година, кога беше гостин-кореограф на „Најн“. Премиерата се одржа на церемонијата на затворањето на Меѓународниот фестивал за современ танц The New во Пекинг на 30 август 2016.

- „Р.Е.М - Низа од соништа“ е претстава што го истражува физичкиот аспект на потсвеста, каде што емоцијата е магична, преку нереалноста на живеењето и нејзиното отелотворување. Самиот процес на креирање се базира на ситуации што произлегуваат од соништата на танчарите. Секоја од ситуациите е сон на еден од танчарите, слика која служи за развој на самата кореографија и дефинирање, т.е. недефинирање на односите на учесниците. Телото/телата се објекти што го преточуваат сонот во сценска приказна, низ ненаративен план на разработка на материјалот, водени од чисто физичко чувство за искажување - вели Рисима Рисимкин.

Прва турнеја со странски кореограф

Годинава „Најн“ со оваа претстава е на европска турнеја, поддржана од проектот за културна размена на Пекингшкиот уметнички фонд. Со „Р.Е.М.“ ќе се претстават и на фестивалот „Екзодос“ во Љубљана, Словенија и во престижниот театар Theater De Nieuwe Regentes во Хаг, Холандија, во соработка со Новиот танцов центар и култниот центар Kорзо во Хаг.

- Првпат се случува, кинеска танцова компанија со странски кореограф да оди на европска турнеја – нагласуваат од „Танц-фест“.

Театарот за современ танц „Најн“, основан во 2010 година, е една од водечките компании за современ танц во Kина, поддржана од Kинескиот културен центар во Чаојанг, со уметничка мисија да се градат и негуваат идеи, концепти, филизофии, од различни кореографи од целиот свет. „Најн“ продуцира различни перформанси со кореографи од Kина и од странство.

Продукции од компанијата се прикажани на многу фестивали и настани во Kина, меѓу другото во Националниот центар за изведбени уметности во Пекинг, на Неделата на модерни уметности на Меѓународниот фестивал на уметностите „Патот на свилата“ во Џиан, Фестивалот на новиот танц во Пекинг, Фестивалот на уметностите „798“ во Пекинг, Меѓународниот танцов фестивал „Танц-фест“ во Скопје, Меѓународниот танцов фестивал во Алжир.

(И.K.И.)

#



Останати вести
Со „Реквием за госпоѓа Ј.“ утре почнува 20. Скопски филмски фестивал

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести