период од-до
  -  
ЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
ONLINE Актуелно
Датум: 19.05.2017, 11:25

СЕЌАВАЊЕ: 105 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА АРХИЕПИСKОПОТ Г.Г. МИХАИЛ

Ќе го убијам ако Методи зел пари од кралот за да стане Србин

Надарен и образован свештеник и вероучител, голем патриот, полиглот што зборувал англиски, француски, руски и други јазици, исклучителен црковен оратор, чии беседи уште се паметат, учесник во НОБ и член на АСНОМ, единствен духовник кому му била нудена функцијата претседател на Републиката при осамостојувањето на Македонија, свештеник и човек што имал големи проблеми со окупаторските власти во Македонија, но и по нејзиното ослободување шест години поминал в затвор...

Сето тоа во едно е свештеникот Методи Гогов или архиепископот охридски и македонски г.г. Михаил, кој на тронот на Македонската православна црква беше од декември 1993 до јули 1999 година, кога мирно замина на небесното царство. На 20 мај навршуваат 105 години од неговото раѓање. Скромната куќа во штипско Ново Село во која се родил уште стои, но одамна има други сопственици.

- Штип може да биде горд што во него се родил дедо Михаил, што во оваа средина го минал детството и го завршил основното образование, што по дипломирањето првпат станува свештеник во штипската црква „Св. Никола“, централен храм на Брегалничката епархија на МПЦ-ОА, што оттука се вклучува и во народноослободителното движење во Втората светска војна – вели Емилија Kоруновска, историчарка во штипскиот Завод и музеј.

Силно влијание од мајка му

Иако бил голем оратор, за себе, за својот бурен животен пат и премрежињата низ кои минал многу малку зборувал. Во мај 1994, шест месеци по неговиот избор за четврти архиепископ на МПЦ од нејзиното обновување пред пет децении, за тогашниот „Штипски весник“ направивме опширно интервју со г.г. Михаил во зградата на Брегалничката епархија, чиј митрополит тогаш беше владиката Стефан, негов наследник на тронот на МПЦ. Архиепископот Михаил ја отвори душата и ни раскажа повеќе малку познати работи.

„Син сум на Панче и на Санда Гогови од штипско Ново Село. Роден сум во 1912, уште додека Турците биле овде. Големо влијание врз мене имаше мојата мајка, ретко интелигентна жена со патриотски дух. И татко ми беше голем патриот. Растев во сиромаштија. По завршувањето на осмото одделение (тогаш тоа беше IV клас) во Штип, се запишав на богословија. Татко ми не сакаше да учам богословија, доаѓаше на неколкупати да ме врати. Со плач го молев да останам. Потоа и тој увиде оти добро сум избрал“, раскажуваше г.г. Михаил.

Во 1932, по завршувањето богословија во Битола, се запишал на Богословскиот факултет во Белград. Родителите немале пари да му испраќаат, но младиот Методи успевал да се снајде - учел деца во Белград, работел семинарски работи за богати студенти. Во трета година на едно натпрерварување за писмен труд ја добил главната награда. Тоа тогаш биле големи пари, па веста била објавена во весниците. Ја прочитале и новоселци, па му кажале на татко му дека Методи добил пари од кралот. Панче бил многу лут. „Ќе го убијам, од кралот тој пари да зема, а стопати сум му рекол дека ако стане Србин, на сон ќе му го пресечам вратчето како на врапче“, зборувал татко му и веднаш потоа го испратил зетот Панче Мировски да оди во Белград да види што е работата. Методи таму му објаснил дека наградата само се викала кралска, а парите биле од факултетот.

По дипломирањето, во 1936 година, се враќа во Штип, но немал многу среќа мирно да ја почне работата како свештеник и вероучител. Владика тогаш бил Симеон Поповиќ-Босанецот.

„Ме праша што сакам да работам. Му реков дека моја желба е да бидам вероучител во гимназијата. Ми рече дека така ќе заработувам само 850 динари. Kога му реков дека ми се доста, ме прекина: ’Слушај, ќе бидеш мој секретар, за што ќе добиваш 1.200 динари, паралелно ќе бидеш и секретар на црковниот суд, тоа се уште 1.200, а притоа ќе си го добиваш и хонорарот од 850 динари како вероучител. Освен тоа, вашиот сенатор овде, Михајло Kаламатија, многу те почитува и сака да му бидеш секретар, за што ќе ти дава 3.500 или вкупно ќе ти се собираат 7.000 динари. Го прашав што треба јас да работам кај него. Ќе бидеш национален работник, ќе ги посрбуваш твоите штипјани. Јас за таква работа не сум учел, туку за свештеник и професор по вероучение и знам да проповедам само евангелие, му нагласив, а тој дрско ми одговори да го врзам евенгелието на опашот на мачка. Му реков дека не знам дали сонувам најстрашен сон или на јаве слушам“, ја опишува г.г.Михаил средбата со владиката.

Затворен од своите

Потоа две години бил без работа, па по казна го испратиле за вероучител во Ужице, Србија. Почнала војната. Се вратил во Штип. Претходно веќе се оженил со девојка од старо штипско семејство. Се вклучил во народноослободителното движење, подоцна бил кооптиран во АСНОМ. Бил еден од иницијаторите и организаторите на Првиот црковно-народен собор за обновување на древната Охридска архиепископија во март 1945 во Скопје. Се залагал за самостојна МПЦ во време кога изгледа тоа било грев, па бил осуден и таа година поминал шест месеци во затвор. Во 1948 е осуден уште на пет и пол години.

„Тоа што претходно од мене го бараа Србите, сега на некој начин како да го бараа нашите. Бев двапати в затвор. Kога ме одведоа вториот пат, ми рекоа дека ако ја оставам мантијата, веднаш ќе ме пуштат. Не се согласив. Одлежав до последниот ден, пет и пол години. Потоа шест години бев свештеник во Австралија. По враќањето бев ректор на Богословијата, потоа архиепископски секретар и еден од основачите и професор на Богословскиот факултет во Скопје. Сите сегашни архијереи се мои ученици. Kога почина мојата домаќинка, ме избраа за владика повардарски. Ми беше многу добро. Имав спокоен живот. Јас сум човек на книгата, на перото, на молитвата. Не се надевав на изборот за архиепископ. Сега имам многу одговорна задача“, зборуваше архиепископот.

Многумина денес стари штипјани лично се познавале со г.г. Михаил. Некои дури добро се сеќаваат на последната служба што ја имал два месеца пред да биде затворен во 1945 година, кога на Водици го фрлил светиот крст од Kамениот мост во водите на Брегалница.

Оптимист за иднината на Македонија

Во тие години на ентузијазам по осамостојувањето на Македонија, г.г. Михаил гледаше исклучително оптимистички на нејзината иднина:

„Верувам дека иднината на оваа наша земјичка ќе биде с` посветла, особено ако Македонија влезе во ЕУ, ако таа ’Европа без граници‘ дојде во Македонија, граници без кои и ние Македонците ќе бидеме како едно јато. И од Вардарска, и од Егејска и од Пиринска Македонија, но и од Бугарија, не само од пиринскиот дел. Ние имаме во таа земја многу повеќе наши сонародници од оние 240.000 што најчесто ги споменуваме. Грција само во 1922 година во Бугарија испрати 600.000 Македонци“.

ЉупЧо Шатевски

#



Останати вести
На хартија мед и млеко, во пракса економската програма зависи од многу фактори
Трамп е убеден дека специјалниот советник нема да најде ништо во истрагата за врските со Русија
Иванов од утре во Јордан
Почнуваат преговорите за нова влада, денеска средба Заев – Ахмети
Најавени нови искачувања на младиот неготински планинар
Рама и Баша се договорија - избори на 25 јуни?

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести