период од-до
  -  
ЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Датум: 18.05.2017, 18:01

ИнтервЈУ антониа шола

Силата ја наоѓам во молитвите и самотијата

Хрватската кантавторка признава дека метежот на градот го заменува со домашната самотијата каде што доминираат приказните што траат и што ги паметат своите почетоци

Стиховите што ги пишува Антонија Шола (1979) ја имаат кревката жичка на тага што предизвикува емпатија кај публиката. Kога зборовите ќе се спојат со музиката, веќе е решена енигмата на нивната популарност, а оваа шармантна Хрватка вели дека песните ~ се како мали временски машини: проработуваат уште на прво слушање.

Пејачка, авторка, актерка. И покрај тоа што сите овие професии се надополнуваат, во што ја наоѓате базата, припаѓање?

- Уживам во својата работа, не стојам, не сум пасивна и еднолична, сакам да учам, да осознавам...С` зависи од тоа кој ден од неделата е, и секако дали има дожд, темно ли е... Тогаш вообичаено сум авторка, а за време на викендите сум пејачка. Актерка не сум била одамна и тоа навистина многу ми недостига.

Иако е малку депласирано тврдењето дека атрактивните жени задолжително одат на картата - надворешен изглед, колку убавината Ви го олеснуваше животот? И, освен гените, што уште е заслужно за тоа?

- Убавината е во окото на набљудувачот. А јас со текот на годините разбрав дека аксиомата „убавината доаѓа однатре“ навистина не е само фраза, зошто кога добро се чувствуваш, така зрачиш и привлекуваш. Kонкретно, никогаш не се вљубував само во убавина, веројатно затоа што неа можеме да најдеме во с` што е околу нас и с` што н` надополнува и инспирира. Сакам да верувам дека инспирирав луѓе околу себе, а не дека ги освојував само со надворешна убавина, туку со онаа вистинската, која извира од моите песни.

Патем, за таа пријатна надворешност, постои и еден икс-фактор, а тоа е оној симпатикус, елемент кога некој ќе ве освои, и тоа обично во неговиот поглед, став или фреквенција на гласот. Постои мистика што е харизматична и што опседнува.

Импресивна е соработката, односно песните кои ги направивте за големите - Здравко Чолиќ, Оливер Драгојевиќ, Тијана Дапчевиќ, Даниела Мартиновиќ... Несебични сте во однос на песните кои можевте , а сепак им ги дадовте на другите да ги пеат?

- Не ми е жал ниту една секунда затоа што сите мои колеги на песните им дадоа живот на свој специфичен начин, со својата интерпретација, емоции и дух. Имам композиции што се доволни за цел живот, а кои с` уште не се снимени. Верувам дека тоа што не сум себична, токму тоа ме инспирира да творам уште повеќе.

Хрватските медиуми многу пишуваат за Вашата хуманитарна работа. Патем, што моментално Ви ги окупира мислите?

- Тоа побрзо би го нарекла подршка за хуманитарните проекти, за кои сметам дека се одговорност на секоја јавна личност. Моментално создавам нови песни и некои нови проекти, и затоа се наоѓам во некој свој креативен облак.

Одамна не сте биле во Македонија... Секогаш асоцијацијата е Тоше, Ви ги краде ли мислите понекогаш?

- Навистина долго не бев кај вас на југ и, искрено, многу ми недостасува Македонија. Сепак во мислите сум често таму. Што се однесува до Тоше, да, мислам на него, секој ден. Тој е дел од мојот творечки пат, од мојата професија како кантавтор и тоа не може да се избрише. Ми беше инспирација, тоа никогаш не го криев.

Што мислите за годинешната Евровизија, и имате ли амбиции да се појавите на таа спектакуларна сцена?

- Евровизија секогаш беше забавна и спектакуларна, но јас ги немам тие амбиции. Барем не засега.

Прочитав Ваша изјава дека сте најсилни кога Ви е најтешко. Нешто како – тоа што нема да ме убие, ќе ме зајакне. Kолку станавте силни, во меѓувреме?

- Силата ја наоѓам во самотија и во молитвите. Често сум опкружена со многу луѓе, соработници, публика. Но, сакам да се осамам, сама со своето пијано, тогаш сум најкреативна. Така повторно се наоѓам себеси, за уште подобра да им се вратам на оние што ги сакам.

Тоше е дел од мојот творечки пат

„Волим осмех твој“ - дуетот што Антонија го испеа со Тоше во 2012 година, потоа „Пратим те“ и „Једина“ се песни на кои Проески, како и во сите испеани дела, во изведбата им дал препознатлива емоција.

- Не поминува ниту еден ден, а да не се сетам на него со благодарност. Тоше е дел од мојот творечки пат, од мојата професија како кантавтор и тоа не може да се избрише. Ми беше инспирација, тоа никогаш не го криев - вели Шола.

Тина Бауер од „Забранета љубов“

Создавањето на оваа серија цели 4 години кога се снимени 805 епизоди, беше прекрасно искуство и големо училиште за глума, каде што научив многу.

Во тој период потполно ~ се посветив на глумата, сето останато беше во втор план, освен музиката, со која другарував за време на викендите. Би сакала повторно да глумам, ми недостига оваа уметност.

Валентина Тодоровска

#



Останати вести
ЗВЕЗДАНА ГЕОРГИЕВА, ПСИХОЛОГ И ЈАСНОВИДЕЦ
Маската на филантроп крие безмилосен злосторник
Ќе има „трето полувреме“, работната енергиjа не ме напушта

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести