период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Датум: 10.10.2014, 16:08

„ДНЕВНИK“ ВО ЕДИНСТВЕНАТА АТИНСKА СОЦИЈАЛНА KЛИНИKА

Докторот Јоргос Вихас со донации ги лекува сиромашните Грци

Жана П. Божиновска

Дионисис Ангелидис е еден од илјадниците осиромашени атињани за кого е малку да се каже дека е разочаран живеејќи од ден за ден, без надеж дека утре ќе му донесе нешто ново. Со тажен поглед на измачен човек, подгрбавен, небаре годините му натежнале, иако, како што вели, има само 60, зборува за својот пријател кој долго бил болен и починал пред неколку месеци бидејќи немал пари да отиде ниту на лекар ниту во болница. Строгите мерки за штедење како последица од кризата, вели тој, го уништија грчкиот здравствен систем, па на луѓето им останува избор или да умираат од сиромаштија и без помош и здравствена грижа од државата или едноставно да извршат самоубиство.

- Луѓето без осигурување денеска се како отпад. И што правам јас? Само чекам да тргнам по мојот пријател – вели Дионисис без да ја крене главата.

Не сака да се фотографира, вели не сака другите да ги видат тагата и очајот во неговите очи.

Дионисис е само еден од милионите грчки граѓани што немаат пристап до здравствена или фармацевтска грижа кои го загубиле здравственото осигурување бидејќи им пропаднал бизнисот или останале без работа.

Ништо подобро не се чувствува ни 50-годишниот Стаматис, кој со години има дијабетес.

- Цел живот работев како келнер, ама сега по толку години, ресторанот се затвори. Нема работа. Сега се чувствувам како стар коњ кој си го отслужил своето и е оставен да страда или да умре – вели Стаматис.

Ниту земаат ниту даваат пари

И за Стаматис, и за Дионисис, и за Елефтерија, и за Хараламбос, и за Василис и за илјадници други, единствената шанса, кога веќе немаат работа, малку да си ја олеснат состојбата, е социјалната клиника „Метрополитен“ во атинската општина Хелинико. Сместена во кругот на поранешна американска воена база не личи баш на клиника, но одлично функционира.

Од едната страна на објектот е напуштена сала за кошарка со ’рѓосан покрив од ламарина полна со дупки. Наспроти неа стои осамена воена барака зад висока бодликава жица. На целиот амбиент на напуштеност и опустошеност единствен весел тон му дава логото на клиниката со четири шарени кукли фатени за раце во круг.

Вратата е секогаш отворена. Внатре чекаат десетина луѓе. Телефоните на пултот за прием постојано ѕвонат, а одвреме-навреме од разни врати излегуваат луѓе со хартии и документи.

- Ова е нашиот солидарен медицински дом чии врати се секогаш отворени за луѓето што немаат здравствено осигурување, за оние што се без работа и без каков било приход, но и за бездомниците – љубезно посакува добре дојде Василики Илиопулу, инаку биолог во пензија.

Таа уште гордо додава дека клиниката функционира апсолутно без пари, а во неа работат луѓе што ги донираат своето време, волја, знаење и елан за да го организираат местото.

Kлиниката функционира на волонтерска и добротворна база и моментално се ангажирани над 200 волонтери, од кои стотина се лекари и фармацевти, а другите се асистенти.

- Трите идеи на кои е базиран нашиот ангажман се дека ова не ни е работа и апсолутно не се расправаме со пари, немаме врски со политиката и се трудиме да му понудиме социјална сигурност на секој граѓанин на кого му е потребна – објаснува Василики.

Социјалната клиника постои речиси три години и нејзиното отворање е резултат на кризата во земјата. Дневно има по речиси 200 посети, а од почетокот досега се регистрирани над 18 илјади посети. Нема болнички оддел ниту итна помош, туку се вршат редовни прегледи од специјалисти и на пациентите им се даваат лекарства.

Василики додава дека имаат многу болни од рак на кои им помагаат да добијат болничка нега и им наоѓаат болнички легла. Соработуваат со повеќе приватни клиники во кои испраќаат пациенти за лабораториски тестови за кои не мора да платат ништо ако се со упат од солидарната клиника.

Лекови носат сите, од граѓани до фармацевтски фирми

Сето ова е благодарение на доктор Јоргос Вихас, инаку кардиолог, човекот што ја имал идејата и почнал да работи со мал тим од неколкумина колеги за да го организира целото место. Со него разговаравме меѓу два прегледа.

- Работев во јавно здравство и во април 2011 видов дека многу пациенти го губат осигурувањето, па немаат пристап до јавното здравство и дека не можат да добијат соодветен третман и лекови. Се виде што ќе се случува во иднина, дека ќе има голем број неосигурени, па затоа сметав дека треба да се направи нешто за да им се помогне на тие луѓе – вели доктор Вихас.

Успеал да издејствува од општината да го добие објектот во кој е сместена клиниката.

Зградата е од општината Елинико, а клиниката не плаќа ништо, ни струја ни вода. С` е донација.

Доктор Вихас, кој претпладне работи во јавното здравство, а попладне е ангажиран во клиниката, објаснува дека буквално с` е базирано на донации и дека пари ниту се даваат ниту се примаат. С` што им треба објавуваат на интернет-страницата на клиниката или на социјалните мрежи и луѓето помагаат. Опрема за ординациите имаат добиено од Германија, од Америка, САД, Kанада, Швајцарија, Австралија, како и од некои приватни клиники во Грција. Донација се и компјутерите, бироата, телефоните. А лекови носат сите.

- Донираат фармацевтски фирми, но доаѓаат луѓе и со мали кеси и носат од дома лекови што не им требаат повеќе. Има и такви што одат во аптека, па купуваат колку можат и ни ги носат – вели докторот.

Што се однесува до третирањето на пациентите, нема ограничување, се третираат сите што доаѓаат, вклучувајќи ги и бездомниците и имигрантите.

- Сега се зголеми бројот на имигранти во Грција, па се зголемува и нивниот број овде – додава тој.

Стресот од кризата го зголеми бројот на луѓе со срцеви заболувања

Во обиколката на клиниката неизбежна е аптеката која се чини дека има многу повеќе лекови дури и од некои болници. Просторијата во која влеговме е преполна со торби и пакети со лекови, а двајца волонтери стрпливо ги проверуваат до кога имаат рок, ги заведуваат и ги распределуваат по рафтовите.

Досега, вели Василики, не се случило да помине еден ден, а некој да не донесе нешто, дали ќе бидат тоа лекови или храна за бебиња, пелени... С` се чува според правилата, на одредена температура, во фрижидери.

Со какви проблеми доаѓаат повеќето од пациентите?

С` поголем е бројот на пациенти со кардиолошки проблеми, инфаркти. Лекарите во клиниката велат дека бројот на срцеви напади е многу зголемен и дека сето тоа е поврзано со кризата во земјата и со стресот што го преживуваат луѓето и додаваат дека тоа било презентирано на многу лекарски конференции.

Во обиколката низ клиниката ни се придружи Елени Геракари, која не е лекарка по професија, има сосема друга работа, а попладне е ангажирана како волонтер во одделението за комуникации. „Последните три години од примената на мерките за штедење предизвикаа хаос во здравствениот систем“, вели таа.

Но, немаат поддршка од властите.

- Власта сака да постоиме бидејќи им помагаме на пациенти на кои никој не им помага, но не сакаат да зборуваат за тоа. Не сакаат да зборуваат во јавноста, па дури и н` обвинија дека продаваме дрога овде. Потоа ни испратија инспекција и рекоа дека објектот не е соодветен зашто е дел од поранешна американска база. Едно време н` обвини дури и атинската лекарска асоцијација. Има премногу политика во земјава. Мислат дека клиниката ќе се употреби за политички цели и се плашат дека доктор Вихас ќе се активира политички – вели младата Елени.

Таа објаснува дека за тешки случаи кога е потребна операција, ја активираат јавноста, а д-р Вихас им праќа пораки на болниците. Им помагаат повеќе отколку што можат.

Во Грција, како што раскажува Елени, може да се добие осигурување за ултрасиромашни и според многу тешки услови. Но, тоа не им помага многу на луѓето, никој не се грижи за нив. Зборува за случај со жена со канцер, која била оперирана, ама и покрај тоа што го имала тоа осигурување за ултрасиромашни, како што го нарекува, болницата сакала да ~ наплати за операцијата.

- Тоа не е нормално, државата вели дека таа е ултрасиромашна, а болницата ~ бара пари – вели Елени.

Примери има многу, но додава дека не може да го заборави случајот со момче кое било во процедура да добие осигурување за сиромашни буквално било тргнато од сала пред да почне операцијата бидејќи шефот на сметководството влетал и рекол дека не смее да се прави операција која чини 15 илјади евра. Во спротивно парите ќе му бидат земени на лекарот што ја извршил операцијата.

- Реагиравме веднаш и директорот одобри наредниот ден да се изврши операцијата. Сите плачевме зашто на момчето му беше потребна итна операција, а го третираа како ѓубре, како ништо - се потсетува Елени.

Бесплатна операција за сиромашни само на хартија

Според новиот закон во Грција, ако немате здравствено осигурување и сте во групата сиромашни, може да поднесете барање во болница за бесплатна операција. Болницата има комисија која решава по таквите барања, но за последните три месеци откако е во сила законот, такви комисии не се формирани или не донеле ниту една одлука. Законот предвидува комисијата да се состанува еднаш неделно, а до пред една недела имало 550 барања кои не се разгледани. Значи, закон има, ама не функционира. Министерство за здравство, како што велат во солидарната клиника, многу умно, намерно не го рекламира за да нема голем број апликации.

Се повеќе се бара помош од психолози и психијатри

Во клиниката се ангажирани кардиолози, стоматолози, педијатри, гинеколози, општи лекари, но с` повеќе работа имаат психолозите и психијатрите.

- Kризата и мерките за штедење оставија без работа милиони луѓе. Адвокати, професори, службеници, продавачи, останаа без работа, без нормален живот и без ништо. Сите имаат социолошки и психолошки проблеми. Бројот на самоубиства и обиди за самоубиства се зголемува. Луѓето што се вработени приватно мораат сами да си плаќаат осигурување без оглед колкав приход имаат. А тоа е неиздржливо. Ако еден инженер не плати осигурување од 500 евра месечно, веднаш ја губи здравствената заштита од државата – објаснуваат Василики и Елени.

Но, со насмевка зборуваат за случајот со 15-годишното девојче болно од дијабетес на кое родителите не можеле да му обезбедат апарат за секојдневно мерење на шеќерот во крвта.

- По само едно објавување на интернет, денеска се јави еден човек кој се понуди да помогне и секој месец ќе го снабдува девојчето, а тоа чини сто евра месечно – раскажуваат тие и додаваат дека буквално секој ден се јавува по некој за нешто да помогне.

#



Останати вести
Муслиманите во турско користеле печати со христијански симболи
Најубавите хранливи печурки имаат двојници, кои н` мамат да се отруеме

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести