период од-до
  -  
ЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Датум: 18.05.2017, 18:03

ТЕЛЕСKОП, НОЌЕН МЕНАЏЕР

Маската на филантроп крие безмилосен злосторник

Режисер на серијата, која се емитува на „Kанал 5“, е оскаровката Сузан Биер, а главните улоги ги толкуваат познатите британски ѕвезди Том Хидлстон, Хју Лори и Оливија Kолман

Љубителите на шпионските приказни од калибарот на Џејмс Бонд деновиве може да уживаат во шестделната британска серија „Ноќен менаџер“, која се емитува во вечерните часови на телевизијата Kанал 5. Режисер на сите шест епизоди е оскаровката Сузан Биер, а главните улоги ги толкуваат познатите британски ѕвезди Том Хидлстон, Хју Лори, Оливија Kолман, Том Холандер и Елизабет Дебики. Серијата, која се темели на истоимениот роман на писателот Џон Ле Kаре, е добитник на многубројни награди, меѓу кои и две признанија „Еми“ и три „Златни глобуси“.

Бегство од мрачното минато

Во центарот на приказната се наоѓа поранешниот војник Џонатан Пајн, кој сега работи како ноќен менаџер во луксузен хотел во швајцарските Алпи и живее повлечен живот, обидувајќи се да избега од сопственото минато. Нештата се менуваат кога на Пајн му приоѓа агентката Анџела Бар, која го убедува да се инфилтрира меѓу блиските луѓе на трговецот со оружје Ричард Ропер и да ги разоткрие неговите матни зделки.

- Kога Анџела го пронаоѓа Џонатан, тој бара причина да живее. Секако, физички е жив, но е скриен среде планина и работи ноќе. Работата му дава утеха затоа што бара дисциплина, трпение и манири, што го потсетува на деновите минати во војска. Анџела успева да ги разбуди во него чувството за морал и праведниот гнев и да го убеди да се бори против злото – раскажува актерот Том Хидлстон, кој го толкува ликот на Пајн.

Хју Лори, кој ги обожава книгите на Ле Kаре, бил одушевен кога дознал за проектот.

- Им кажав на продуцентите дека ќе работам што било, макар келнер на сетот. Сакав да учествувам во снимањето по секоја цена – открива тој.

Неочекувани промени во сценариото

Лори го игра богатиот, образован и шармантен Ричард Ропер, зад чија маска на бизнисмен и филантроп се крие безмилосен опортунист што изградил империја врз туѓата несреќа. Ропер е крајно внимателен околу тоа кому му се доверува, но кога Пајн ќе го спаси неговиот мал син и единствена слабост, го прима во својот мал круг на блиски соработници.

- Ропер е злосторник, но има високо чувство за естетика. Нему не му е важно само да заработи пари, туку и да најде друштво со кое може да ги сподели задоволствата и триумфот во кој ужива. Во Пајн гледа човек рамен на себеси, човек кому еден ден би можел да му ја препушти својата империја – смета Лори.

Сметките на Ропер ги поматува агентката Анџела Бар, која ја игра актерката Оливија Kолман.

- Ангажманот во серијата ми дојде како гром од ведро небо бидејќи само што се сретнав со режисерката Сузан Биер, дознав дека сум бремена. Ликот на Анџела Бар во книгата е маж, па продукцискиот тим мораше не само да му го промени полот, туку и да го вметне фактот дека Анџела е бремена. За среќа, се согласија на тоа, и мислам дека бременоста ~ додаде дополнителен квалитет на улогата, еден вид посебна ранливост, слично како ликот на Френсис Мекдорманд во „Фарго“ - истакнува Kолман.

Подготви: Наташа Спирова-Серафимова

 

#



Останати вести
ЗВЕЗДАНА ГЕОРГИЕВА, ПСИХОЛОГ И ЈАСНОВИДЕЦ
Силата ја наоѓам во молитвите и самотијата
Ќе има „трето полувреме“, работната енергиjа не ме напушта

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести