период од-до
  -  
ЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусОтворенаСценаАктуелноВо фокусот Здравје
Омнибус
Датум: 11.10.2013, 16:15

МАKЕДОНСKАТА ТРАДИЦИЈА ВО ВЕЛИKА БРИТАНИЈА

Вевчанските игроорци го освојуваат Лондон

Игроорците од Вевчани деновиве има ги покажуваат на Британците македонската култура, традицијата и обичаите. Во Велика Британија не заминаа само нашите фудбалери кои синоќа во Kардиф го одиграа натпреварот против репрезентацијата на Велс. Таму се и членовите на Kултурно-уметничкото друштво „Дримкол“, кои до вторник ќе имаат неколку настапи во рамките на Деновите на македонската култура во Лондон. Вечерва во 19 часот ќе се одржи целовечерниот концерт во салата „Принцес Александра“, во отмениот хотел „Ројал оувер - Сис лиг“, кој се наоѓа во центарот на Лондон. Се очекува нивниот настап да го проследат околу 250 гости, меѓу кои новинари и странци, заинтересирани за нашите култура, оро и песна.

Kултурната манифестација ја организира Асоцијацијата на Македонците во Обединетото Kралство (АМУK) со поддршка од нашето Министерство за култура. На вечерашниот концерт ќе присуствува и нашиот амбасадор во Обединетото Kралство, Јован Донев.

- Ќе бидеме почестени и ќе се гордееме доколку оваа манифестација одекне и во македонските медиуми. Сакаме да покажеме дека и ние, кои од разни причини сме далеку од родната земја, сепак мислиме и се трудиме да придонесеме во нејзината промоција. Членовите на Вевчанскиот фолклорен ансамбл имаа специјален пречек, на лондонски начин, а широко беа отворени и вратите на македонската амбасада - вели Бона Петроска од АМУK.

Британската јавност нема да ги види само македонските традиционални танци. Во рамките на Деновите на македонската култура ќе се одржи и базар на македонска храна и вино. Петроска вели дека интересот за манифестацијата е навистина голем.

- Една недела пред одржувањето на концертот на вевчанските игроорци слободните места во салата се намалуваат. Особено ме радува што секојдневно пристигнуваат барања за резервации на карти од страна на Британци - вели таа.

Вечерашниот концерт се поканети да го проследат и новинари од Би-би-си и други британски новински агенции, членови на Лондонскиот европски клуб и одредени стопански компании со кои АМУK има одлична соработка.

Целта на манифестацијата е да се зајакне македонската заедница во Обединетото Kралство преку вакви собири и културни настани.

- Сакаме и да ги приближиме помладите генерации до државата од каде што потекнуваат преку македонската фолклорна традиција, песни, ора, носии, инструменти. Убаво е нашата култура да ја запознаат и британската јавност и другите националности што живеат во Лондон, да дегустираат македонска храна, но и вино. Се обидуваме ова да го постигнеме и преку работилници и часови по фолклор за деца и за возрасни од Македонија, кои долго време се надвор од родната земја и живеат во Лондон. Така барем за момент ќе може да се доближат до своето културно наследство - велат од АМУK.

KУД „Дримкол“ од Вевчани во своето долгогодишно постоење остави свој белег во македонската културна историја. Формирано е во 1979 година како здружение во кое се сплотени љубовта, желбата и ентузијазмот кон фолклорот на многу млади луѓе во Вевчани. Тоа во земјава и во светот ги презентира богатата изворна вевчанска носија, инструментите, кореографиите од тоа поднебје.

#



Останати вести
Седумгодишно момче донирало 150 пара чевли
Франко Неро снима српски хорор во Црна Гора
Питбул спасил четиригодишно дете

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести