период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Култура
Датум: 16.10.2012, 17:55
МултимедиЈален проект на Игор Јосифов, МузеЈ на современата уметност

Телото - ексклузивен медиум за уметност





Имајќи го предвид времето, минатото столетие е обележано со континуирано и постојано разделување од религиозната аура во чинот на раѓањето или смртта, земени како крајни точки на постоењето. Тоа што некогаш се случувало на ниво на поширок круг на луѓе, денес с` почесто се сведува на спротивното, односно на отсуство на тој чин или на негово практикување во најтесен семеен круг. Сето ова укажува на радикална секуларизација на смртта. Луѓето во денешно време како с` повеќе да отапуваат пред најстравотните глетки на есхатолошкото, односно алтернативата на ритуално испраќање на смртта како да не е пронајдена.

Перформансот под наслов „Дводимензионално“ на светски признаениот млад уметник Игор Јосифов, легнат во затворен ковчег од плексиглас поставен на самиот влез на музејот врз кој мораше да гази секој што влегува во галерискиот простор, ја шокира и ја изненади публиката. Остануваат отворени прашањата: Дали треба да се стане „слободен за смртта“ ( Хајдегер )? Дали имаат основа тврдењата на Аристотел и на Платон за вербата во духот, како супституција на бесмртноста? Дали психоанализата на Фројд може да н` увери дека во слоевите на потсвеста е скриена надежта за вечен живот?“. Преку овој вид себеизразување уметникот на своевиден начин директно и експлицитно ја сведува смртта на една припитомена варијанта: како метафора на животот, митот и сликата.

Но, тоа не значи дека овде стравот е целосно елиминиран, дека на моменти не го хипнотизира и не го става во стапица. Јосифов е еден од уметниците кој како ексклузивен медиум го користи сопственото тело. Така на пример, во фотографиите каде што во фокусот е човечкото торзо легнато во природа, тој симболички укажува на преминот од умирањето во новото раѓање, т.е. на панкосмичкото поимање на смртта (бескрајност, сеопфатност), како логичен дел на космичкиот поредок и терапија во совладување на нејзините негативни емоционални продукти (страв, депресија, шок, траума). Гледајќи го севкупниот опус на овој млад автор, се добива впечаток дека главна инстанција на истражување на границите на издржливоста на смртта е „злоупотребата“ на сопственото тело, во стилот на уметницата Марина Абрамовиќ, каде тоа што веднаш треба да се нагласи е дека есхатолошкото секогаш е ставено наспроти неговиот антипод – раѓањето. Наспроти таа деконструкција во процес, во делото „Ослободување“ се јавува и ослободувањето на телото однатре – вибрациите на животот – за да го негираат зазирањето од умирањето. Понатаму, поимот за расчленување на телото реферира на митот за Дионис, распарчан од титаните и потоа повторно составен. Реконструкцијата во фотографиите Being you uses me, сама по себе укажува на пресечениот ентитет и на неможноста за враќањето на автентичната интегрална целина. Тоа е еден вид искусување на другиот во однос на себеси или во искуството да се стане друг. Така поставени да сугерираат компактна целина стануваат деконструктивни и отуѓени од самите себе.

Согласно со модалитетите на презентацијата и длабочината на пробивот во личната есенција, неговиот ракопис испишува ликовни текстови (перформанс, видеоинсталација, слики, цртежи, фотографии) означени како поинакви од досегашната практика во македонската ликовна уметност. Но, дефинитивно највознемирувачката категорија со морбидна конотација во овој проект е храброста да се постави симулацијата на сопствена смрт пред очите на публиката.

Марија Стојческа


#



Останати вести
Независната сцена се избори за простор

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести