период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Online Вести
Датум: 19.05.2017, 11:54

ПОЧНУВААТ ПРЕГОВОРИТЕ ЗА НОВА ВЛАДА

Ахмети бара осум, Заев дава пет министерства

По денешната средба меѓу мандатарот Зоран Заев и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, очекувањата се дека ќе биде појасно дали интегративците ќе се изборат за осум министерски позиции или ќе треба да се задоволат со пет-шест, колку што ќе биде понудата на идниот премиер. Средбата Заев - Ахмети е официјалниот почеток на преговорите за поделба на владиниот колач, кој се очекува да продолжи викендов со средби на мандатарот со лидерот на Беса, Билал Kасами, и со „Алијансата за Албанците“.

Официјално, од СДСМ и од ДУИ се воздржани за распределбата на министерските позиции.

Неофицијално, од партијата на Ахмети велат дека преговараат за пет министерства и три вицепремиерски позиции, а информациите од СДСМ се дека понудата за ДУИ е пет ресори со оглед на тоа дека во кабинетот на „Илинденска“ ќе треба да седнат уште два владини партнера - „Алијансата“ и Беса.

Партиите не откриваат кој се седне во министерските фотелји иако од СДСМ е извесно дека двоецот Заев и Радмила Шекеринска ќе бидат во извршната власт. За Шекеринска се споменуваат вицепремиерска позиција за реформи и евроинтеграции или министерското столче во Одбрана. Kако извесни кандидати за министерски фотелји се споменуваат и Оливер Спасовски во ресорот МВР, Никола Димитров за надворешни работи, а во зависност од поделбата на ресорите со ДУИ можно е во извршната власт да бидат и Рената Дескоска-Треневска и Фросина Ременски.

Иако во јавност веќе се вртат имињата на Артан Груби и на Изет Меџити како можни вицепремиери за Рамковниот договор, како и враќање на Теута Арифи во извршната власт, дознаваме дека Ахмети ќе приреди вистинско изненадување при изборот на министрите од ДУИ во новиот владин кабинет. Извори од ДУИ брифираат дека одлуката на Ахмети е во новата влада да нема ниту еден функционер кој веќе бил министер во која било претходна влада и дека ќе нема ниту еден од рефрешираните министри од последниот владин состав. Ова би значело дека Ахмети на „Илинденска“ ќе понуди целосно нов состав.

При поделбата на ресорите, според првичните најави, едно министерско место ќе ~ биде понудено на „Алијансата за Албанците“, и тоа ресорот здравство. Доколку се потврди тоа, за таа функција веќе се споменува генералниот секретар на ДР-ДПА, Арбен Таравари, кој по професија е лекар. Информациите се дека лидерот на ДР-ДПА, Зијадин Села, ќе остане пратеник. Од „Алијансата“ велат дека допрва ќе преговараат со Заев дали ќе бидат дел од владиниот кабинет.

Најнеизвесно е дали на „Илинденска“ ќе седне и партијата на Билал Kасами. Заев по добивањето на мандатот Иванов, веднаш се сретна со Kасами и разговарале за изборните платформи за да се допрецизира владината програма.

- Првичните позиции во разговорите меѓу нас се дефинирани, а се во согласност со тоа што ќе стои во програмата на реформската влада - изјави Заев.

Лидерот на Беса, пак, повтори дека нема да учествува во влада со луѓе што се под истрага на СЈО. Беса, за да биде дел од владата, бара редефинирање на државата и транспарентна владина програма со рокови за сите проекти.

Висок функционер на Беса брифира дека ќе бидат дел од новата владата доколку биде прифатен нивниот услов владата да функционира на партнерски основи. Ова би значело еден вид консензус за сите прашања, односно Беса не сака да се доведе во ситуација да аминуваат одлуки на Заев и Ахмети, како што бил договорот на двајцата лидери за претседател на Собранието, туку меѓу Заев, Ахмети и Kасами да има партнерски однос. Вториот услов за Беса да биде дел од владата е да добие еднаков број министерства како ДУИ и со еднаква тежина на ресорите.

Ваквите позиции на Беса може да ги отежнат преговорите и желбите на Заев во новиот владин кабинет да бидат трите партии на Албанците. ДУИ не крие дека не ја сака Беса во владата бидејќи, како што велат, не е албанска партија. Ахмети во никој случај не би прифатил да дели еднаков број ресори со Беса.

Мендух Тачи во опозиција

Партијата на Мендух Тачи с` уште нема одлука дали воопшто ќе преговара за влез во новата влада. По добивањето на мандатот, Заев изјави дека ќе контактира со ДПА, но оти е рано да каже дали и со нив ќе преговара за влада. Ако се суди по ставот на Тачи по минатонеделната средба со странските претставници, очекувањата се дека ДПА ќе дејствува како конструктивна опозиција.

Од партијата потврдуваат дека нивната позиција е да бидат конструктивна опозиција, но додаваат дека за тоа ќе решаваат партиските тела.

Мариела ТраЈковска

#



Останати вести
Проект со најголемо значење за македонското здравство
СДСМ и Беса не сакаат да слушнат за амнестија, другите молчат
Јунска трка за 35.000 места
Тиранската платформа е жива и ќе биде дел од владината програма
Иванов не отстапува од кажаното - Алтхаузер шири лажни вести
Диогарди: Во Македонија по една третина се Албанци, Бугари и македонски Словени
Доколку Заев мрдне од гаранциите, ВМРО-ДПМНЕ ќе реагира жестоко

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести