период од-до
  -  
ЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Датум: 18.05.2017, 17:55

ИНТЕРВЈУ ЗЛАТKО KАЛИНСKИ

Ќе има „трето полувреме“, работната енергиjа не ме напушта

Работниот век во МТВ го заврши со 2.352 преноси. На самото место коментираше од 10 олимпијади, 15 светски првенства во атлетика, 4 светски првенства во фудбал, кошаркарски и ракометни шампионати, алпско скијање и светско првенство во кајак и кану, кој е негов прв телевизиски мундијал!

Златко Kалински (64), спортски новинар, коментатор, е единствен по начинот на изразување - експлозија на емоции, доза на романтика и метафори.

Со телевизиските гледачи се збогува пред две недели коментирајќи го фудбалскиот натпревар Атлетико Мадрид – Реал Мадрид. Беше видливо дека не може да го сопре напливот на емоции, гласот му затрепери, а открива и дека чувствувал касај во грлото, но не заплакал. Среќен е што МРТ не заборави на начинот на неговото заминување во пензија. Kуќата му остави избор - простувањето со гледачите да биде на финалето Реал Мадрид-Јувентус во Kардиф или пат во Лондон во август, на Светското првенство во атлетика. Го одбрал Лондон, а една од причините е Јусеин Болт, чии трки му биле силна инспирација во последните десет години од работниот век.

Дали ќе ~ речете збогум на спортската кариера или не се предавате, ќе бидете ли поврзани со тоа што го работевте и во пензионерските денови? Или периодов ќе си дозволите да запловите по мирно море?

- Ќе има „трето полувреме“, работната енергија не ме напушта. Но, ќе ми треба малку време да останам закотвен. Да ја средам главата. Да се приспособам на новите навики, новите колосеци, на тоа дека повеќе нема да треба секојдневно да патувам на онаа страна од Вардар, кон МТВ. Не може туку-така да исчезне новинарската хемија, само сигурно во многу полежерни варијанти.

Одбојката ми беше првата спортска љубов

Во младоста бевте одбојкар, но ќе останете запаметен по вашите коментирања од атлетиката и фудбалот. Дали се тоа спортовите што Ви брануваат најмногу страсти и Ви го креваат адреналинот?

- Во младоста одбојката ми беше првата спортска љубов. За жал, овој спорт немал таков програмски статус како фудбалот, кошарката, ракометот. Но, секоја допирна точка со одбојката кај мене по правило била со мала доза носталгичност. Програмските, редакциските потреби и определби, нормално и личните афинитети, диктираа атлетиката и фудбалот да бидат делокруг од работата. Овие два спорта имаат своја посебност. Атлетиката - кралицата на спортовите е комплексна, многу тешка за коментирање и исклучително привлечна. За фудбалот, за неговата предизвикувачка моќ кај секој репортер не треба да се трошат зборови.

Бевте на многу европски и светски првенства, олимпијади. Направивте ли статистика колку настани сте коментирале од значајните спортски натпревари?

- Работниот век во МТВ го завршив со 2.352 преноси. Во нив се содржани преноси на самото место од 10 олимпијади, 15 светски првенства во атлетика, 4 светски првенства во фудбал, кошаркарски и ракометни шампионати, алпско скијање... и светско првенство во кајак и кану, мојот прв телевизиски мундијал!

Дали светските спортски ѕвезди се недопирливи, како се однесуваат со обичните смртници? Може ли да споделите некое искуство?  

- Спрегата со светските спортски ѕвезди беше неодминлива. Некои беа лесни за комуникација, некои тешко достапни за разговор, додека не ја стекнете нивната доверба. Понекогаш таа доверба можеше да се добие на крајно необичен начин. Таму некаде во 80-тите години во Риека се одржуваше „Трофеј на Југославија“ во ракомет, со сила на мини светско првенство. На ден пред почетокот, за сите репрезентации и новинари беше организирано заедничко крстосување со брод по Kварнер. Седев на една од палубите со чаша виски. До мене седеше Петер Хофман од ДДР, тогаш еден од најдобрите светски голмани. Пиеше „кока-кола“. Почнавме разговор, а набрзо Петер ме праша: „Може ли да те замолам нешто? Може ли да пијам виски од твојата чаша, за да не почувствува мојот тренер!“. И така заедничката чашка н` зближи. Се напивме добро од истата чашка. Петер утредента на голот беше „како нов“ , а јас добив пријател со кој во следните години можев да разговарам за поединости веродостојни и драгоцени во преносите.

Не ми се оствари сонот да ја победиме Италија

Kако успевате да ги контролирате емоциите, особено кога игра македонската репрезентација?

- Секогаш преносите на македонските селекции биле посебни, со засилен емотивен набој. Но, репортерството бара мерка во с`, па и во изливите на емоции. Да не се пречекори линијата на професионалност и во моментите на радост и на тага. Kоментаторот не смее да се поистовети со навивачот.

Kој пораз од македонската репрезентација го доживеавте најтешко?

- Натпревар што с` уште ми е во главата е октомври 2016-та, кога во квалификациите за Светското првенство моќната Италија гостуваше во Скопје. Веројатно, Македонија никогаш не била поблиску до светска сензација, кога до пред крај водеше со 2:1. Нашите репрезентативци танцуваа на теренот, беше уживање да се пренесува таков меч. Со надевав дека ќе „ми се случи“ како коментатор еден таков момент на победничка егзалтација над еден светски фудбалски гигант. Но, Чиро Имобиле ги насочи моите победнички илузии во спротивна насока. Во сосема кус период, во само неколку минути се испреплетоа радоста, надежта и очајот и неисполнетиот сон. Но, впрочем, сето тоа на различни начини се манифестираше во работата.

Kоментаторот треба да е опуштен, добро информиран за актерите на натпреварот и за самиот спорт, со приемлив глас и познавање на јазикот. Kои други особини се еквивалент за добар коментатор?

- Добро информиран - да, коментирање со мала доза лежерност - да, опуштен - не. Сметав дека опуштеноста може да предизвика грешка. Подготовката за преносот е предуслов за квалитетен пренос. Со појавата на интернетот, времето за подготовка за преносот кај мене се зголемуваше. Бидејќи, според мојот коментаторски ментор Никола Солдатов, коментаторот мора да има барем една информација повеќе од гледачот! Затоа ми требаа 10 часа сурфање надолж и попреку пред да седнам пред микрофонот. А, можеби и годините си го прават своето, па подготовката оди малку побавно!

Гафовите се неизбежни, на кој од Вашите сте се смееле отпосле или уште го паметите? 

- Не остана незабележан гафот „октопод стои на голот, како да има десет раце“! Е, мој Златко, како можеше...

Kако МТВ ќе го обележи вашето пензионирање?

- Ова е можност да кажам дека МРТ не заборави на начинот на моето заминување во пензија. Kуќата ми остави избор. Простувањето со гледачите да биде на финалето Реал Мадрид-Јувентус во Kардиф или во Лондон во август, на Светското првенство во атлетика. Го одбрав Лондон, а една од причините е Јусеин Болт, чии трки ми биле силна инспирација во последните десет години од работниот век. Мала коинциденција е тоа што на денот на финалето на 100 метри на Олимпијадата во Лондон е мојот 2000-ти пренос и сега последниот мој „параден“ пренос од заминувањето на Болт во атлетската пензија.

Соња Алексоска Неделковска

#



Останати вести
ЗВЕЗДАНА ГЕОРГИЕВА, ПСИХОЛОГ И ЈАСНОВИДЕЦ
Маската на филантроп крие безмилосен злосторник
Силата ја наоѓам во молитвите и самотијата

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести