период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаЕврорамаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Македонија
Датум: 12.04.2017, 14:32

ХУМАНА АKЦИЈА „ОД НАС ЗА НАС“

Млад кавадарчанец подарил повеќе од 20 компјутери

На многумина млади што потекнуваат од семејства што не можат да си дозволат да купат компјутер младиот кавадарчанец Борче Стаменов им овозможува да ја почувствуваат магијата на овој апарат. Овој скромен и хуман кавадарчанец поведе акција за обезбедување компјутери за сите што не можат да си го дозволат тоа од разни причини.

Скромниот Борче ни кажа дека идејата за оваа акција е од пред една-две години. Тој работи во фирма што се занимава со изработка и продажба на софтвер за книговодствено работење од Kавадарци, која целосно го поддржува во оваа акција.

- Гледаме дека има луѓе кои поради разни причини не се во можност да си обезбедат компјутерска опрема. Во нашата фирма честопати се случува клиенти да остават машина што веќе не им користи, а е во исправна состојба. Гледам ако може некому да му користи, ја подарувам. Тоа се корените на идејата - раскажува Борче.

Акцијата ја започнал околу новогодишните празници бидејќи му се видело како добро време некој да добие подарок и да биде израдуван. Подарокот е навистина користен компјутер, но во исправна состојба.

- Одѕивот е одличен. Оваа акција ја најавив на една од социјалните мрежи. С` уште добивам пораки од луѓе што имаат не само компјутери за подарување туку разна друга опрема, како печатари, скенери и слично. Потешко е наоѓањето на луѓе што би ги зеле донираните машини. Можеби во заднина на сето тоа е некој срам што го чувствуваат, не би знаел да кажам. Преку луѓе разгласувам дека не мора директно кај мене да се обраќаат ако тоа е проблемот. Може да се пријават кај нив и ние воопшто да не се сретнеме. Мене не ми е важно кој го зел компјутерот, важно е да оди на правото место - нагласува Борче.

Тој вели дека нема да престане акцијата и таа ќе трае с` додека има донации.

- Добивам пораки од луѓе и од други градови, со пофалби и прашања како да се вклучат во оваа приказна. Лесно, им велам. Во секој град има некоја фирма со оваа дејност. Договорете се таму и на локално ниво усреќете некој. Во текот на денот можам да одвојам по еден или два часа по работа, нормално и да средам некоја машина. Не ми е тешко. Јас сум во оваа работа веќе 15 години и си ја сакам работата. А верувајте ми, секојдневно имам работа до таванот. Ама со добар распоред на активностите успевам да ги завршам и задачите во фирмата и пак да ми остане време да средам некоја машинка што е донесена за донација. Битно е да се има желба. На кратко тоа би било тоа. Бидете хумани! - порачува Борче.

Од почетокот на донацијата досега се подарени повеќе од дваесет компјутери. Стотина семејства чекаат да бидат дел од модерната технологија. Апаратите се даваат по редослед на пријавени, без прескокнување. Во Тиквешијата, но и пошироко, па и во Струмица, Битола и Скопје. Веќе се имаат пријавено донатори и од други места и од Скопје. Хуманата мисија на Стаменов продолжува и усреќува луѓе од разни возрасти.

- Може не е некоја голема работа, ама јас овој успех си го изедначувам со мислата дека „воа е мал чекор за еден човек, ама е голем за човештвото“. Секое фала мене ми значи толку многу. Не ми е битно од кој град или село се тие на кои им е потребна донација. Не мора ни да ме знаат, не мора ни да се сретнеме ако се срамат. Важно е да придонесеме за нечија среќа колку-толку. Јас сум среќен што помогнав барем малку, донаторите среќни со своето дело - вели Борче апелирајќи до сите физички и правни лица кои имаат компјутери што не ги користат и им фаќаат прашина во некое ќоше да ги донираат.

Истото важи и за фирми што се занимаваат со компјутерска технологија. Сите да ја поддржат акцијата „Од нас за нас“.

Тоа што го започна младиот кавадарчанец наидува на позитивни реакции во јавноста.

- Браво, браво... Од толку луѓе ќе сретнеш и некој човек - е коментарот на една од социјалните мрежи напишан од Сузана Турунџиева.

А Борче апелира секој да помага кај што може, како може и ако може.

- Не знајте како се врте ваа. Може утре ви да бидите од другата страна, а некој нема да ви го забораве доброто шо сте го направиле - коментира тој.

Светлана Дарудова  

#



Останати вести
Обука за претприемаштво добија 23 невработени лица
Kочани кај градскиот базен ќе добие и спа-центар

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести