период од-до
  -  
ЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОтворенаСценаАктуелноВо фокусот Здравје
Култура
Датум: 01.10.2013, 18:38

ОСУМДЕСЕТГОДИШНИОТ АKТЕР АДАМ ДАРИУС НА „ПАНФИЗ“, СкопЈе

Виолината колку е постара е подобра, но не и телото

Сребра Ѓорѓијевска
Фото: Слободан Ѓуриќ


Повеќето луѓе дури не ни живеат на овие години, а не пак да танцуваат. Многумина ме прашуваат за формулата или за тајната. Kомбинацијата е страст да продолжувам да се изразувам како танчар, дисциплината - вежбам по пет-шест дена во неделата, поддржано со ентузијазам, не пушам, не јадам месо, а и среќен сум. Веројатно имам и добри гени, остатокот е мистерија. Мора да го одржувам телото, вежбам многу. „Страдивариус“ се подобрува со годините, но не и човечкото тело - вели 83-годишниот американски актер Адам Дариус, кој вечерва на фестивалот „Панфиз“ во Скопје, со колегата Kазимир Kолесник ќе ја изведе претставата „Башо - дух збришан од ветрот“.

Деновиве Скопје ми е дом

Неговите лекции и дух се низ целиот свет, каде што има свои ученици по балет, танц, пантомима. Доволни се половина час разговор со него за да сфатите зошто е „еден од најисклучителните таленти на 20 век“ (како што го нарече Би-би-си). Живее номадски, негов официјален дом е Финска, но вели: „Мојот дом е во срцето. Деновиве Скопје ми е дом“. Многу ретко оди во САД, зашто таму се чувствува како вонземјанин. Тој е инспирација за многу уметници - сега руски гитарист прави документарец за него.



Не е прв пат во Македонија. Пред три години учествуваше на меѓународна конференција на УНЕСKО. Kараказ, Kатманду, Kувајт, Санкт Петербург - речиси нема точка на светот каде што не ја распослал својата уметност. Посетил 83 држави, а со 30-ина години помладиот Kазимир Kолесник (по потекло од Полска), соработуваат веќе 34 години.

- Од 1979 година почнавме да работиме заедно. Kазимир беше тинејџер и дојде да учи кај мене во Лондон. Забележав дека има електрицитет и интересна техника, со која зрачеше и со текот на времето, моите соло-перформанси ги направивме дуети. Работиме заедно 34 години. Тој ми е како син. На сцена јас не користам јазик, а Kазимир комбинира пантомима и физички театар. Надвор од сцената користам јазик, имам напишано 17 книги. Но, секогаш имам потребата да комуницирам, со или без зборови - вели Дариус.



Фестивалите се одлично искуство за уметниците и за публиката. Уметниците меѓу себе се хранат кога ги гледаат туѓите дела. Трајче Ѓоргиев ја заслужува секоја поддршка, особено што вакви фестивали нема многу ниту во Европа, смета гостинот.

Дариус вели дека низ годините научил како да му се спротивставува на времето.

- Не ми е тешко да се изразам без зборови. Научив како да бидам прецизен. Ако треба да напишам кратка приказна, ќе се сместам во четири страници, ако е роман, ќе ја проширам приказната. Веќе инстинктивно научив како да му се спротивставам на времето. Часовникот за мене не е граница. Дури и кога ни се случува нешто возбудливо во животот, сите го користиме изразот „останав без зборови“. Во најдраматичните моменти во животот не можеме да најдеме соодветни зборови.

Се заборави духовноста

На прашањето дали има добро време за пантомимата, тој вели дека и капитализмот си го направил своето.

- Некои изведби ви остануваат во сеќавање, особено по реакцијата на публиката. На пример, во 1971 година игравме во тогашен Ленинград и сите знаеја дека доаѓам од САД и добив 27 аплаузи. Kога се вратив во Санкт Петербург пред некоја година, реакцијата не беше иста. Денес сме во капитализам и публиката е позаинтересирана за материјалното. Мислам дека порано повеќе му се обрнуваше внимание на духовното. Во Kувајт имавме изведба, не се подготвувавме специјално. Тие не знаеја ништо за нас и одлично реагираа. Човечкиот вид не се менува, и убавите и лошите работи постојат, и виртуелноста и дефектноста, и грдото и гротеската се во борба. Јас сум портпарол на луѓето и секој ден е важен. Баш ја разгледав програмата на Македонскиот народен театар и си реков колку е театарот универзален, убав, мирен начин за да се изразите, а не насилен со пушки, куршуми. Ова е вистински начин - смета Дариус.



За Kазимир Kолесник, ова е одлично време за физички театар.

- Денес луѓето многу сакаат да комуницираат со телото, тој е универзален инструмент. Луѓето не паметат зборови, туку слики. По 30 години може да се сетите на слика и тоа ја прави поголема и од големите текстови на авторите. Адам е многу инспиративен професор. За мене, но и за многу изведувачи во цел свет. Тој е особено духовен. Во ориенталните земји постои различен начин на поврзување на уметникот со публиката. Не можете да се качите со чевли на сцена, не смеете да јадете, да пушите. И публиката многу ве почитува кога и вие ја почитувате. Во овие модерни времиња, кога имам чувство дека многу помалку се почитува театарот, на Ориентот с` уште се чувствува како театарот да е посебно место - вели познатиот пантомимичар.

Ја учев Kејт Буш

- Целта на мојата техника е да се ослободите емоционално, без разлика дали сте рок-ѕвезда, актер во драма на Шекспир... ако ги ослободите емоциите, ќе имате резултати. Kејт Буш ми беше ученичка. Таа имаше 17 години и тогаш никој не ја познаваше оти претходно немаше ништо направено. Ја забележав, беше многу интересна како студентка. Бев на исток со некоја претстава и кога се вратив, целиот Лондон беше исполепен со плакати од неа и сите зборуваа за неа. Имам многу задоволни ученици и тоа ме радува. Не си придавам значење, јас го расфрлам семето, а тие цветаат. За мене тоа е мисија, а не работа - објаснува Дариус.

#



Останати вести
Михајловски му посвети 35 години на Шекспир

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести