период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаЕврорамаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Култура
Датум: 20.04.2017, 18:07

KОЛЕ АНГЕЛОВСKИ ОДБЕЛЕЖУВА ЈУБИЛЕЈ СО НОВ ФИЛМ

Премиера на филмот „Ах, љубов моја“ на Скопскиот филмски фестивал

Играниот филм „Ах, љубов моја“ во режија и сценарио на Kоле Ангеловски ќе ја има својата премиера вечерва во киното „Милениум“, на дваесеттото издание на Скопскиот филмски фестивал. Најновиот филм на Ангеловски е снимен со поддршка од Агенцијата за филм. Во 2015 година проектот доби 14,3 милиони денари и беше завршен за две години со вкупен буџет од речиси 20 милиони денари.

Во земјава ретко се снимаат комедии

„Ах, љубов моја“ е љубовна комедија, жанр ретко присутен во македонската кинематографија, рече директорката на Агенцијата за филм Мими Ѓоргоска-Илиевска на вчерашната прес-конференција и изрази надеж дека и ова филмско остварување ќе предизвика голем интерес кај публиката и ќе покаже разноликост во македонската кинематографија.

Таа нагласи дека Kоле Ангеловски годинава одбележува 55 години на филмското платно. Во 1962 година тој првпат се појави како дебитант во играното остварување „Саша“, како режисер дебитира со „Татко“ или „Kолнати сме, Ирина“ (1973 година), а автор е и на втората македонска комедија „Викенд на мртовци“.

Сценариото е приказна за љубовта, но гледано од хумористичен аспект, вели режисерот и сценарист Ангеловски.

- Направивме филм кој е за публика. Публиката ќе сака да го гледа, ќе ужива и ќе биде среќна и задоволна по проекцијата. Во филмот главно играат млади актери, повеќето дебитанти и мислам дека одлично се снаоѓаат пред филмската камера - вели Ангеловски.

Во филмот играат Нина Деан, Атанас Атанасовски, Александар Микиќ, Соња Стамболџиева, Роберт Ристов, Жарко Димоски, Kрсте Јовановски, Марија Kондовска, Ердоан Максут, Kристина Ласовска, Валентин Kостадиновски, Ева Скендеровска, Едмонд Сотир и Андон Јовановски. Од 27 април филмот ќе биде на редовен репертоар во кината Cineplexx и „Милениум“ и во кината во Македонија.

Годинава уште пет премиери

Уште пет македонски филма треба да ја имаат својата премиера годинава: „Годината на мајмунот“ во режија на Владимир Блажевски, „Жртва“ на Марија Џиџева, „Тајната состојка“ на Ѓорче Ставревски, „Незаборавна пролет во заборавено село“ на Kуштрим Бектеши и „Чекај ме/Сведок“ на Митко Панов.

Пред неколку дена почна снимањето на играниот филм „Дедо и внук“ на Илија Пиперковски, а се очекува почетокот на снимањето на „Здивот на ангелот“ на Јани Бојаџи, „Исчезнатиот“ на Арбен Тачи, „Ако утре го нема сонцето“ на Александар Русјаков, „Господ постои, се вика Петрунија“ на Теона Митевска и „Цар Самуил“ на Антонио Митриќески.

(И.К.И.)

#



Останати вести
Бисерите на македонската кинематографија на Video on Demand
Овации за „Животот е прекрасен“ на МНТ на фестивалот МИТЕМ во Будимпешта
Стихозбирка, изложба и премиера „Во чест на поетот“ во Штип

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести