период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Датум: 16.05.2017, 12:25

Естрадно-актерска двоЈка: браЧен стаж долг 28 години

Kога сакаш, нема мала љубов

И покрај силната индивидуалност, Росана и Ѓорги имаат исто размислување дека љубовта, почитувањето, компромисот и довербата се најважните мирудии што го одржуваат бракот. Нивната врска е симбиоза, преплетување, исто како и во интервјуто. Всушност, во име на двајцата зборуваше Ѓорги, задачата што сам си ја одредил. Патем, кој подобро од него ја познава Росана?

Деновиве семејството Тодоровски има неколку причини за славје - 28 години љубов помеѓу Трупче и Росана, роденденот на Ѓорги... Некаде прочитав дека бракот значи триумф на фантазијата над интелигенцијата, но ме интересира како вие двајца ги изодевте сиве овие години?

- Мај е некако нашиот месец и навистина убаво почна - на први, додека сите славеа, јас снимав во Охрид, новиот филм на Илија Пиперковски, „Дедо и внук“, а по неколку дена, на шести беше Св. Ѓоргија - Ѓурѓовден - мојот именден, а на седми мај - годишнината од нашиот брак, 28 години Трупче и Росана... Прекрасни денови поминати со семејството и пријателите, малку напорно, но постои дебело оправдување зошто ја баталивме диетата. Многу храна, пиво, торти... и кога си со најмилите, тие стануваат денови за паметење. Што да кажам - овие дваесет и осум години ги поминавме некако релаксирано, му заблагодарувам на Бога, без поголеми бранови што би н` изместиле од нашиот ритам. Најубавото нешто што ни се случи е Ивана, најубав производ на нашата љубов. Секогаш велам, нашата ќерка е нашето богатсво... Што се однесува до констатацијата дека бракот е триумф на фантазијата над интелигенцијата, или обратно - не знам, но знам дека во нашиот случај станува збор за триумф на љубовта. Ако некого сакаш, љубиш, болуваш, посакуваш, почитуваш, разбираш, нема друг триумф, триумф е сето тоа заедно. Секој фантазира за нешто убаво, големо, возвишено, сонуваш да си заедно во добро и лошо, да создадеш нов живот, да донесеш на свет нов живот, а разумот ти зборува дека мора да се вложиш себе, да одделиш дел од себе, да се жртвуваш, посветиш, а знаеш дека не е с` толку лесно, дека не оди с` толку мазно, не е толку лесно и ако не можеш да пливаш - размисли... Мислам дека и Росана и јас сме добри пливачи и добро се снаоѓаме и сигурен сум дека така ќе биде и во следните педесет години.

Сопруг на Росана

Kога под ист покрив ќе се најдат луѓе од и со јавна професија, значи екстра сензитивни, умно е егото да се стави под контрола. Успеавте ли да ги прескокнете прашањата кој е подобар, подолговечен, помоќен...?

- Е сега за да биде с` во ред, убаво е и многу помага кога и двајцата се јавни личности. Не знам како е кај други, но кај нас не постои ривалство, ниту јас можам да бидам подобар пејач од Росана ниту таа подобар глумец од мене, а за другото имаме договор. Таа дава напатствија, јас слушам и исполнувам, нели - договор куќа гради. Единствено ме погодува тоа кога ќе измијам садови и чаши, што ми наоѓа мана дека не сум ги плакнел добро... Тоа ти е - Росана никако да ми признае дека сум најдобрата машина за садови со повеќе од дваесет програми... Шегата настрана, имаме потполно разбирање и за с` се дополнуваме. Ако немаш проблем и кога ќе ти речат дека по професија си сопруг на Росана, тоа значи дека точно секој си знае колку вреди и кои му се квалитетите и маните, само така можеш мирно да пловиш...

Можеби поадекватно е ако брачната заедница ја сметаме за коалиција - не е секогаш лесно, но важно е да постои заедничка цел... Патем, колку често сакате да се потсетите на минатото? Навистина, како Трупче ~ се случи на Росана и обратно?

- Не, бракот не е коалиција, туку компромис, договор, самодавање, никој не те тера сосила, не те принудиле, туку самиот си се согласил и затоа, уживај во него. А уште кога ќе дојдат децата, тоа е врвот на таа убавина, на тоа заедничко живеење. Привилегија е мајката да донесе нов живот на свет, а задоволство на таткото што учествува во сето тоа, за тоа живееме. Затоа и самите, ние двајцата си ја коваме судбината бескомпромисно.

Англичанец стана македонски зет

Kои се вашите најголеми брачни компромиси - во поделбата на домашните обврски, во растењето на ќерката Ивана или кога се решивте за домашно галениче?

- Прикаската за нашата љубов многумина во некоја прилика ја слушнале, тоа е како еден сон стана јаве и јас сум пример како желбите се остваруваат. Убаво е да се враќаш во минатото, тоа ти ги исполнува душата и срцето, те враќа во сегашноста, отрезнува, дава сила и надеж за утре... И сето тоа - бакнежи, погледи, прегратки, можеби по друг редослед, сеедно, раѓањето на Ивана, нејзините мали рачиња, виолетовите очиња како на Елизабет Тејлор... Не се заборава нејзиното прво запче, вакцина, кога тато седеше надвор од ординацијата, бидејќи не можев да слушам како плаче, носењето во градинка и молбата - не оставај ме, татичко, за по извесно време да нејќе да си дојде дома... Kога е Ивана во прашање, јас сум најдобриот биограф - го паметам првиот училиштен час, првите родендени во основно, прекрасните гимназиски денови, првите љубови, првото самостојно одење на одмор, па факултетот, па САД - две години едноподруго, да знае „Скајпот“ да кажува, кај ќе ни е крајот...Вработувањето во Лондон и с` така некако брзо се случуваше, ние старееме, таа си расте и дојде времето на љубовта со Џејмс; нејзиниот другар од Лондон... Ха ха, како мама и тато да не знаат што е другар, кој ни затропа на врата и ни го побара пиленцето... И с` понатаму се повторило и ќе се повтори кај сите семејства - солзи радосници, благослов.

Но, морам да признам дека дека Ивана е татина галеничка, јас повеќе попуштам и затоа ние сме толку добри другари. А за нашето домашно милениче, јоркшир териерот Лејди, сите еднакво ја сакаме, но нема компромис за тоа чија е. Моја, се знае, иако е купена да ~ се исполни животната желба на Ивана, подарок од мама. Бев противник на чување куче во стан, ама ајде сега оддели ме од таа љубов и приврзаност. Таа е мојата обврска и не постојат пари за кои би можел да ја дадам. А моите две дами ја чуваат само кога сакаат или која јас сум на пат...

За некој месец ве очекува семејна веселба, свадбата на Ивана. Привикнавте ли на фактот дека девојчето порасна, одлета од гнездото? И, што вашиот зет, инаку Англичанец, најмногу сака во Македонија? Kако изгледаат вашите семејни средби и дружења?

- Точно, со почетокот на летото н` чека уште еден прекрасен чин, свадбата на Ивана и Џејмс. Со нетрпение чекаме, во фаза сме на подготовки и ги броиме деновите кога ќе можеме заедно со нашите деца, роднини и пријатели да ја споделиме таа радост... Што да кажам за Џејмс освен дека полека, но сигурно станува прав Македонец - ужива во мезе, помага за ајвар, заедно чистиме снег пред зграда, помага дома да правиме супер јадења, научи по малку да пцуе... Тој многу н` почитува, особено - Росана. Вели дека таа го поседува најубавиот глас што досега го чул. Сигурен сум дека ќе биде уште повоодушевен кога на свадбата ќе му запеат Марјана и Росана, тоа мислам ќе биде големо изненадување!

И ако ние двајцата послужиме како пример за нормален брак во овој многу ненормален свет, задоволството ќе биде мое.

Валентина Тодоровска

#



Останати вести
ЗВЕЗДАНА ГЕОРГИЕВА - ПСИХОЛОГ И ЈАСНОВИДЕЦ
Прелетав половина планета за да присуствувам на раѓањето на првото внуче

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести