период од-до
  -  
ЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Хроника
Датум: 19.05.2017, 17:00

Наместо свадба, трагедиЈа во Тетово

Свадбарски куршум и ги разнесе нозете на тетовка во Мала Речица

Тетовка за малку ќе загинела откако таткото на младоженецот на чија свадба била почнал да пука со пиштол, завчера во тетовска Мала Речица, информираa од МВР.

Во инцидентот била ранета 38-годишната М.О. во чии нозе завршил еден од ројот куршуми што ги испукал пиштолџијата.

Инцидентот се случил околу 11 часот, во дворот од семејната куќа на М.Н.(44), кој бил домаќин на свадбената веселба. Во еден момент М.Н., понесен од песната, го извадил пиштолот и почнал неконтролирано да пука. Kога куршумот ја погодил М.О. таа почнала силно да вика, а запомагањето ја надгласало музиката. Настанало штама. Повредената тетовка облеана во крв веднаш со автомобил била пренесена во Медицинскиот центар во Тетово. Kуршумот направил влезно-излезни рани на двете нозе, па жената по укажаната помош, поради сериозноста на повредите, била задржана на понатамошно лекување. Од тетовската болница случајот го пријавиле во полиција.

Полициска патрола веднаш дошла на местото и го привела пиштолџијата. Од него бил одземен пиштолот „зиг зауер 229“ во калибар од 9 милиметри, за кој имал дозвола. Биле подигнати и испуканите патрони, кои се предадени за вештачење.

- По сослушувањето осомничениот е ослободен, а по целосното документирање на случајот против него ќе биде поднесена и соодветна кривична пријава - информираат од СВР Тетово.

Гласна музика, истрели од пиштоли и рафални стрелби од автоматски пушки е вообичаениот декор на семејните веселби и прослави на етничките Албанци од Тетовско-гостиварскиот и Липковскиот Регион.

Најчесто се пука на семејните прослави, свадби и сунети. Расположението на присутните кулминира во оној момент кога ќе се припука од сите страни и од сите видови оружје. Понесени од песната и окуражени од пиењето алкохол, многумина од присутните го вадат оружјето и неконтролирано пукаат не водејќи сметка за сопствениот и за животите на присутните. Тогаш алкохолот се меша со локви крв, музиката и песната со болниот лелек на повредените, кои се случувало и да починат на половина пат кон некоја од блиските болниците. Така свадбите и веселбите се претвораат во трагични, крвави пирови. Никој од вооружените гости не знае каде завршил неговиот испукан куршум и како никому да не му е гајле кој е убиецот. Единствено се бара чаре како да му се помогне на повредениот, кој води борба за сопствениот живот. Трагичниот крај остава горчливи последици за настраданиот и црна дамка на семејството на чија веселба се случила трагедијата.

Според податоците на полицијата, на подрачјето на СВР Тетово лани биле пријавени шест случаи на предизвикување општа опасност. Пет од нив биле на подрачјето на Гостиварско, а еден во Тетовско. Во пукотниците што се пријавени во полицијата биле повредени четири лица, а била предизвикана и материјална штета на една куќа и автомобил што бил паркиран во непосредна близина од местото каде што се пукало.

Ваквите крвави свадби се честа појава, особено во овие месеци од годинава, кога гастарбајтерите се враќаат од странство и прават свадби. Порано се случувало да се припука од адет, ама сега се пука без мерка и по цена на нечиј живот, реагираат лица што биле очевидци на овој вид пукотници.

Она што е карактеристично за ваквите убиства или ранување е тоа што тешко може да се открие оној што пукал, па така тој останува неказнет. Истрагата редовно наидува на отпор и нема речиси никаква поддршка од семејствата, ниту на убиените ниту на семејствата каде што некој бил убиен. Владее тотален молк, никој не видел, никој ништо не слушнал, а што е најсимптоматично не се открива ниту идентитетот на лицата што во тие моменти носеле оружје.

Според жителите на Тетово, најголемата одговорност е на организаторите на веселбите и практиката на употребата на огнено оружје при прославите треба да се прекине.

Глоба од 200 до 500 евра или затвор до 5 години

Пукањето на свадбени свечености претставува прекршок на јавниот ред и мир за што е предвидена законска глоба од 200 до 500 евра во денарска противвредност, а зависно од околностите и крајните последици може да биде третирано и како кривично дело, за кое законодавецот предвидел и затворска казна од една до пет години.

Меѓутоа, казна нема за пиштолџијата што пред две години во гостиварската населба Фазанерија од заскитан куршум уби дете. С` уште не се дозна кој го испукал смртоносниот куршум што заврши во градите на детето. Полицијата во текот на истрагата утврди дека куршумот бил испукан на веселба во непосредна близина каде што десетгодишникот стоел на улицата со свое другарче.

Не се пронајдени ниту лицата што во истиот период пукаа во Горно Палчиште, кога беа ранети татко и син.

Пацка Лазарова

#



Останати вести
Ограбена сендвичарница
Kичевчец со нож го пробол зетот
Со автобус превезувал мигранти

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести