период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Датум: 12.06.2017, 16:43

ПРИМЕРОТ СО ЕKОНОМСKИТЕ ТИГРИ

Без странски инвестиции, нема развој

Меѓусебната македонска завист, љубомора и пизма немаат граници. Слободно може да се споредат со вселената. Во тие наши „вредности“ секако се крие добар дел од причините зошто сме на ова дереџе и како народ и како држава бидејќи токму тие водат во поделби и конфронтации. Ако најдеме богати извори за нафта, многу е веројатно дека ќе се изедеме меѓу себе - дали е тоа добро или лошо? Власта ќе тврди дека е тоа невиден дострел, а опозицијата, сосема нормално за наши услови, ќе биде уверена дека е тоа државна (еколошка!) катастрофа.

Ако сме такви, а бетер сме, воопшто не зачудува што и странските инвестиции се предмет на длабоки поделби. Впрочем, како и с` друго. Опозицијата жестоко ги критикува бидејќи се давале високи државни субвенции, а уште понеприфатливи за нив биле ниските плати на вработените. С` заедно, се трошеле народни пари за богати странци, а на сопствена штета.

Kога дел од политичарите забележуваат дека платите што ги даваат странските инвеститори се ниски бидејќи се на ниво на домашните - има некоја логика. Тие не се баш среќни и им пречи што нивните ривали носат странски инвестиции и, нормално, бараат начин и повод да ги критикуваат. Меѓутоа, речиси запрепастува кога на истата линија ќе застанат и наши бизнисмени. Замислете, и тие се против ниските плати кои ги даваат странците! Тоа не е само популизам, кој нив не им личи, туку и јасен показ дека не ги разбираат работите. Пред некое време некој од нашите „бизнис-херои“ се фалел дека вработува повеќе стотици луѓе за да праша - а зошто се продава државата на странци за ниски плати!? Не е чудно што не му се јасни некои политички потези, ама загрижува фактот што не разбира и основни постулати на економијата.

Прво, ниските плати со кои живееме сите ние ги создава пред с` бизнис-секторот. Тие се еден од основните економски репери за земјата. И владата, која и да е, како голем работодавец, не може да биде изземена за таквата состојба иако, кога се буџетарите во прашање, ситуацијата е специфична. Од повеќе причини секоја наша власт е заинтересирана да има што повеќе вработени, макар и со помали плати.

За жал, ниските плати се нашата (и не само наша) главна компаративна предност, која е и мотив странците да ја изберат токму Македонија каде што ќе инвестираат. Бидете уверени дека ниту еден од тие што дошле кај нас не ја разгледувал Македонија како единствена опција. Во потесниот избор сите имаат две, три... држави. Со нив водиме тешки битки за да ги увериме инвеститорите да дојдат токму кај нас. Kонкуренти ни се обично и сите соседни и источноевропски земји, ама ги има и од други континенти. Свое влијание во дефинитивната нивна одлука секако имаат и владините стимулации, ама и тука сме во истиот зембиљ со конкурентите. Сите ги даваат. Пазарот функционира. А дали ќе успееме да ги привлечеме, зависи пред с` од нас. Секоја нова странска инвестиција е во принцип наш голем успех.

Второ, зарем не е нормално, ама и неизбежно, странските инвеститори да нудат плати според локалниот пазар? Според кој друг критериум тие треба да ги определуваат своите плати? Од кои причини да даваат повисоки плати од локалните? Овие неколку прашања ги разбиваат сите дилеми поврзани со платите на странските инвеститори. А ако некој мисли дека тие доаѓаат за нам да ни помогнат и да ни го зголемат стандардот, тој не е од овде.

Трето, место да критикуваат, нашите бизнисмени и работодавци треба да бидат пресреќни што странските инвеститори даваат плати според локалната цена на трудот. Причината е едноставна - ако даваат повисоки плати, нивните најдобри инженери и работници бргу ќе заминат кај странците! Или, за да ги задржат, ќе мора да им ги качат платите! Ќе дојде до крупни промени на пазарот на трудот и нашите бизнисмени ќе бидат најголемите губитници.

Четврто, иако има и исклучоци, странските инвеститори кај нас главно носат напредни технологии, врвна организација и одговорност во работењето, што е долгорочна добивка за целиот наш бизнис-сектор. Со време кадрите што се создаваат кај нив ќе бидат достапни и за нашите работодавци.

Петто, странските инвеститори с` повеќе (ќе) бараат домашни снабдувачи. Стандардите што тие ги поставуваат се на светско ниво и еве одлична шанса за сите наши фирми да направат сериозни исчекори во својот техничко-технолошки развој и тоа тука, дома, без дополнителни напори и трошоци. Во прашање се историски шанси за македонското стопанство.

Шесто, извозната ориентираност на странските инвеститори е за нас нова и исклучително потребна бизнис-култура. Се создава атмосфера на императив на извозот, што единствено може да води во побрз развој на Македонија. Оваа димензија не доаѓа многу до израз и не е многу забележлива, ама е исклучително важна.

Седмо, но не и најмалку важно, е што странските инвеститори во Македонија се генератори не само на стопанските туку и на политичките реформи. Тие стануваат дел од нашиот општествен живот и се заинтересирани и вршат притисок за подобрување на бизнис-климата, за забрзување на финансиските текови, за изградба на инфраструктурата, за решавање на сите релевантни прашања за создавањето оптимални услови за развој на Македонија... Тие не се спремни да толерираат, на пример, нефункционална правна држава. Со сите расположливи сили (ќе) се борат за ефикасен правен систем бидејќи од тоа зависат и нивните бизниси. Нашите политичари, кои и да се, ќе мора да водат сметка за тоа. А нашите бизнисмени, кои често пати со години не можат да добијат извршни пресуди за спорови што се кристално јасни, ќе имаат директна корист од странците и на овој план. А ниските плати, кои им се исти, сите ќе мора да ги креваат.

Ако се има предвид дека нашиот тежок политички и најголем економски проблем, без да ги потценуваме сите други, е невработеноста и привлекувањето странски инвестиции, добива целосно значење. Секому му е јасно дека без нив нема забрзан развој, што значи дека и овој наш клучен проблем, според кој сме речиси со највисок процент во Европа, останува - нерешлив. Стапката на невработеноста во земјата навистина е намалена последниве неколку години благодарение пред с` на странските инвестиции, ама таа е с` уште неприфатливо висока. Правото на работа е едно од основните и ако се чувствувате способен, а седите дома и не знаете што да правите со себе, навистина е трагично.

Една конкретна приказна покажува какви сме. Од чисто политички причини еден пријател остро ја критикува досегашната пракса на привлекување странски инвестиции. Очигледно под влијание на кампањата во јавноста жестоко ги осудува ниските плати со акцент дека такви инвеститори не ни се потребни. Го спомна случајот на своја роднина од Прилеп, која била разочарана, дури и несреќна, бидејќи за мали пари работела во грчка текстилна фабрика. Извини, му забележав, ама не те разбирам! Kритиката ти е сосема погрешно упатена. Проблемот не е кај никој друг, туку кај твојата роднина. Ако таа смета дека е експлоатирана и е незадоволна од платата, ништо полесно! Едноставно, треба да си даде отказ. Ама ~ требаат парите, скокна пријателот! Така кажи, му вратив. Ако е така, таа треба да биде среќна што ја има таа работа и што ги добива тие пари бидејќи ~ требаат! Решението, секако, не е идеално, ама во дадените услови тоа е сепак чекор напред.

Македонија нема друг избор отколку да продолжи да посветува максимално внимание на привлекувањето странски инвестиции. А ако тие се намалат или секнат, сите ќе бидеме поразени. За да се реализира таа задача, не може да се ангажира кој било. Нема случај некоја држава бргу да се развила без странски инвестиции. Сите светски тигри, вклучувајќи ја и Kина, своите стопански чуда ги постигнаа благодарение на странскиот капитал. И во земјите богати со нафта и гас, кои станаа пребогати кога цените на овие суровини експлодираа (во режија и поради интересот на големите западни нафтени компании), има огромни странски инвестиции. Треба да учиме од другите.

Ристо Никовски

#



Останати вести
Aрена за поштени кокошки
Kаде е (и кој е) Охрид според УНЕСKО?

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
ѕевгар, 13.06.2017 07:59:55
Да бевме некоја високо еколошки развиена средина, ајде де. Ама ние уште не научивме да не фрламе ѓубре каде ќе стасаме, државата е престорена во депонија, селектирање на отпад не постои, старата хартија се фрла...е ама отворање на рудници ќе било опасно! Кој ве лаже, кој ве мафтосува. Господ ви дал скапоцени метали, ви дал шанса да се извлечете од беда, ама вие ништо не разбирате.
Običen Makedonec, 13.06.2017 08:03:03
Suštinata na stranskite investicii e potrebata vo zemjava da vleze svež stranski kapital, a toa znači dotek na stranski svež kapital i devizi koi potoa će gi vbrizgate vo domašnata ekonomija i industrija. Koga na strancite će im poklonite najplodna makedonska zemja, koga će gi oslobodite od danok, koga će im izgradite objekti za potreba na firmite so makedonski pari i koga site plati i davački za novovrabotenite će im gi plaćate od državniot (makedonski) budžet, a pritoa im dozvoluvate na strancite da go iznesat siot kapital (obvrska spored Ustavot na RM) i da profitiraat od proizvodite vo koi e gradena potta na makedonskite rabotnici, toa voopšto ne može da se nareče stranska investicija, tuku domašna investicija so koja će se falite deka ste donele stranski kapital. Vo suština toa se narekuva LAGA, a ne stranska investicija i od takvata LAGA državata ima samo zian, ogromna šteta, a ne nekakva dobivka.
Niki, 13.06.2017 08:36:56
Има и можности за домашни или полудомашни инвестиции. Тоа се најпрвин акумулираните средства на фирмите од тука. А второ парите од печалбарите. Ако домашните бизнисмени гледаат подобар бизнис или купуваат во странство, средствата се одлеваат. А ако печалбарите со готови пари доаѓаат да инвестираат (во куќа или стан или одмор или фабрика дуќан) а овде наоѓаат на зафрканции и со години не можат да извадат дозвола за реновирање или изградба на сопствената куќа во сопствениот двор, тогаш како странците би биле позаинтересирани. Паметните власти би овозможиле најпрвин услови за инвестирање на домицилното население ако не поповолни тогаш барем еднакви услови како и за странците. Така се враќаме на изворот, да се обезбедат демократски и поволни услови за инвестирање за сите подеднакво, секако голема почит за сопственоста и сопственикот, посебно без корупција или мито. Македонче урбанист во Австралија на прашањето „сигурно ти е добро таму во урбанизам има добра заработка“, вели не смееш
Најнови вести