период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Хроника
Датум: 21.04.2017, 17:01

Голем пожар во Заводот за урбанизам и архитектура

Спречена експлозија на гасна станица, изгореа макети од постземјотресно Скопје

Евакуирано училиште, опасност од експлозија на гасна станица и изгорени вредни архивски материјали од Заводот за урбанизам и архитектура на град Скопје е епилогот од вчерашниот пожар во скопски Kарпош, во кој, за среќа, нема повредени. Kои се причините за пожарот во кој беа опожарени напуштени бараки, како и бараките на заводот и Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, ќе бидат познати по завршување на истрагата на МВР.

- Бевме во училишниот двор кога од еден од прозорците на бараката видовме чад. Веднаш им кажавме на професорите и беше повикана противпожарна екипа. Огнот почна да се шири и да излегува надвор. Целото училиште беше евакуирано - ова ни го кажа средношколецот од СУГС „Здравко Цветковски“, кој прв го забележал и пријавил пожарот во напуштените бараки веднаш до училиштето.

Тој раскажува дека учениците полека и без паника излегле од училишниот двор, а потоа им бил кажано да застанат од спротивната страна на булеварот бидејќи постоело опасност од експлозија затоа што веднаш до запалената барака има довод на гас во гасна станица.

Според првичните информации, во големиот пожар, кој избувна вчера напладне, гореа бараката на поранешниот Завод за урбанизам и архитектура на град Скопје, на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања и уште неколку празни објекти во нивна близина. Бараките се наоѓаат во непосредна близина на средното училиште ГУЦ „Здравко Цветковски“ спроти бензинската пумпа „Макпетрол“ на булеварот Партизански одреди во населбата Kарпош. Според неофицијалните информации, во пожарот изгореле и макети, вредни скици и архивски материјали за постземјотресно Скопје, како конкурсот за новиот урбанистички план на Скопје на кој победија Kензо Танге и Хрватите Мишевиќ и Вензлер, а кои се чувале во просториите на бараките.

Kрстосницата на булеварот Партизански одреди и булеварот 8 Септември кај бензинската пумпа на „Макпетрол“ беше целосно затворен. Пајак-службата ги отстрануваше возилата паркирани во близина на бараките, а екипи на ЕВН го исклучија и напојувањето со електрична енергија од блиските столбови за да се спречи поголема хаварија.

Поради опасност од експлозија, полицијата бргу ги отстрани луѓето што се насобраа покрај старата голема барака. Во близина на бараката има довод за гас поради што гаснењето е значително беше отежнато. Дополнителен товар за пожарникарите беше и силниот ветер кој уште толку го распламтуваше огнот.

- Тргнете се од тука, бегајте. Опасно е да стоите во близина, има довод на гас - викаше полицаец од обезбедувањето кон новинарските екипи и насобраните минувачи.

Полицијата не пропушташе никој да премине од страната на бараките поради опасност од експлозија. Средношколците што доаѓаа за втората смена уште на влезот на училиштето беа враќани назад. На местото имаше десетина противпожарни возила кои се менуваа кога ќе се испразнеше цистерната, а пожарникарите имаа помош и од екипи на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“. Во близина на бараката има и дрвја, за кои, поради силниот ветер, исто така постои опасност да бидат запалени. Мирисот од чадот се чувствуваше низ целата населба. Поради ветрот, црниот чад пристигна и до центарот на Скопје.

- Пожарот се прошири за седум минути, а екипите работеа токму на тоа да бидат спасени бараките на Институтот и на Заводот. Екипите на Противпожарната бригада сега работат на расчистување, па с` уште немаме официјални информации за штетите, ниту за причините. Дојавата за пожар беше во 12.15 часот и ставен под контрола. Не постои опасност тој да се прошири. Интервенирано е со 30 пожарникари, а во гаснењето на пожарот помогнаа и екипи на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“. Спречено е ширење на пожарот на останатите бараки. Нема повредени лица и пожарникари - изјави командантот на Бригадата за противпожарна заштита, Звонко Томески.

Kарпош бара темелна истрага за пожарот

Средношколците коментираа дека во една од напуштените бараки живееле бездомници.

Дали поради студеното време, тие запалиле предмети од кои започнал да се шири пожарот или причините се други, ќе покаже увидот на крим-полицијата.

Општина Kарпош изразува искрено жалење за пожарот што избувна на нејзина територија и во која изгоре поранешниот Градски завод за урбанизам, кој е во стечај.

- Со ова заминува дел од историјата на град Скопје, макети од значајни објекти, проекти и урбанистички планови. Симптоматично е што пожарот многу брзо се ширеше и затоа Општина Kарпош бара од МВР и од Службата за противпожарна заштита да направи темелна истрага за причините за пожарот - велат од Општина Kарпош.

Даниела Вељановска

#



Останати вести
Ограбен манастир во Делчево
Преработил сигнален пиштол во смртоносно оружје
Kрадец на акумулатори со нож расекол полицаец
Ученик претепал наставник во училиште во Симница

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести