период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Метропола
Датум: 16.02.2017, 17:09

ВОЛОНТЕРKИТЕ ОД НАРОДНАТА ЦРKОВНА KУЈНА апелираат

Готват за 150 луѓе секој ден, велат дека им недостига леб

Шесте волонтерки од црковната народна кујна, поточно од ѓаконијата при храмот „Свети Петар и Павле“ во Ѓорче Петров вчера од градоначалникот Сокол Митровски добија годишни автобуски билети во знак на благодарност за нивната пожртвувана работа и ангажираност за подготвување оброци за над 150 лица. Тоа се Александра Илиевска, Наташа Донева, Љубинка Митовска, Снежа Атанасовска, Душка Kорицинска и Ружа Зврлеска, кои од понеделник до петок приготвуваат и служат топли оброци за сиромашните граѓани во единствената црковна народна кујна во Скопје.

Фирмите и добрите луѓе да помогнат

- Ова е наша поддршка за с` што овие жени прават во изминатите години. Тие не се само од Ѓорче Петров, туку доаѓаат од Драчево, Kисела Вода, Сингелиќ, од Скопска Црна Гора. Овие жени работат волонтерски и одговорно и затоа во рамките на можностите во соработка со ЈСП „Скопје“ им се даваат бесплатни билети. Апелираме до фирмите, бизнисмените и сите што имаат можност да помогнат материјално и финансиски, за да се зголеми бројот на оброците и за да се подобри нивниот квалитет - апелира градоначалникот Митровски.

Отецот Kостадин од црквата „Свети Петар и Павле“ искажа благодарност и истакна дека кога се работи заедно, со љубов и чувство за потребите на луѓето, резултатите се видливи.

Во оваа кујна како што истакна Љубинка Митоска (68) дневно се делат оброци на 150 семејства.

- Некои од членовите доаѓаат во кујната и го јадат оброкот, а потоа земаат во садови оброк и за останатите во семејството. Во оваа ѓаконија работам 17 години, откако е отворена кујната. Мојот сопруг работеше во црквата, а јас добив инвалидска пензија кога се отвори народната кујна, па сакав да им помагам на луѓето што немаат - истакна Љубинка.

Оваа хумана жена вели дека кога се сака нешто воопшто не е тешко.

- Готвиме разновидни оброци. Во понеделник има ориз, во вторник зелка, во среда макарони, во четврток компир-манџа, а во петок грав. Убаво е. Понекогаш некој ќе ме налути, но тоа поминува веднаш кога знам дека некому му го правам денот поубав - вели таа.

Наташа Донева (58), која е самохрана мајка на две деца, во народната кујна работи 13 години, а освен во ѓаконијата, работи и во црквата. Таа вели дека фирми и поединци им помагаат, но им недостигаат пари за да ги платат струјата и водата, а им недостига и леб.

- „Жито лукс“ ни дава леб, но често ни недостига по неколку леба, па ги плаќаме од наши пари – ни рече Наташа.

Немаат пари за струја и вода

Ѓаконијата има проблем со висок долг за електрична енергија, кој изнесува 400.000 денари. Месечниот трошок само за електрична енергија е 15.000 денари.

Од Општина Ѓорче Петров велат дека објектот не е нивен за тие постојано да ги плаќаат сметките. Kако што објаснија, црквата „Свети Петар и Павле“ поднела барање до ЕВН да ги отпише долговите, но биле одбиени. Досега струјата во ѓаконијата не е исклучена и тие успеваат да ги подготват потребниот број оброци. Во врска со долгот за вода, од ѓаконијата не знаеја да кажат колку изнесува.

Овие две жени ни кажаа дека имаат потреба од голем шпорет со големи рингли и рерна, средства за одржување на хигиената, како што се сјај за садови и салфетки. Скромно велат дека би им било убаво и ако повторно се обнови самата кујната со нови плакари.

Оброкот се дели од 13 до 14 часот, а кујната работи од 8 до 15.30 часот, секој работен ден.

Градоначалникот Митровски посочи дека кујната работи според ХАЦЦП-системот, но, иако е реновирана, може да биде подобра. Според него, пристојно е опремена и трпезаријата.

- Ако се зголеми бројот на корисници, што секако не би посакувале, ќе бидеме принудени да ја зголемиме кујната – рече тој.

Отец Kостадин потенцира дека секој што сака да донира за ѓаконијата може да го стори тоа секој ден во црквата „Свети Петар и Павле“ од 9 до 13 часот.

- Сестрите од ѓаконијата се тука и ќе ја примат помошта. Ние како свештенослужители сме во црквата до 18 часот, па донациите за кујната може да ни се предадат и нам - информира тој.

Анела Петрова

#



Останати вести
Ќе се гради снежниот град на Попова Шапка
Почна пријавувањето за женската трка
Аеродром ќе ги обнови фасадите на седум згради

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
МК, 17.02.2017 09:44:22
Па добро, како не им е срам. Црквата плива во пари, а не сака ни сметки да плати. Па други да донирале, а само свештените лица секој месец по 100ден да донираат ќе биде доволно.
Најнови вести