период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Хроника
Датум: 12.06.2017, 15:45

Обвинителството поЧна истрага за фалсификувањето лажни документи

Фалсификаторот од Чаир правел и алат за провалување?

Основното јавно обвинителство ќе истражува каде и кај кого завршиле фалсификуваните лични карти, возачки дозволи, судски уверенија и други документи кои во изминатите пет години ги изработувал скопјанецот Аднан М. (60), кој беше уапсен деновиве во својот дом во Скопје каде што функционирала мини-фалсификаторската печатница. Полицијата против него поднесе две кривични пријави за две кривични дела - фалсификување исправа предвидено и казниво по член 378 од Kривичниот законик и за изработување и набавување оружје и средства наменети за извршување кривично дело од член 395.

Во недостиг на официјални информации, не е познато дали втората кривична пријава се однесува за изработка на клучеви или друг алат за провалување, како што стои во кривичниот законик, или за огнено оружје.

- Во периодот од 2012 до 2017 година пријавениот изработувал разни јавни исправи со невистинита содржина, и тоа лични карти, возачки дозволи, свидетелства за завршено средно образование, судски решенија, пресуди, договори за купопродажба на моторно возило, медицинска документација и слично. Исправите ги изработувал на лажни обрасци, како да се издадени и заверени со печат и потпис од државни и јавни институции од државата, а целта била фалсификуваните исправи да се користат како вистинити во правниот промет во земјата и во странство - велат од скопското обвинителство.

Од таму велат дека е донесена наредба за спроведување истражна постапка, а се очекува Основниот суд Скопје 1 да му одреди притвор.

Kако што информира МВР, осомничениот од 2012 година до пред неколку дена кога бил откриен и уапсен, извршил голем број фалсификување на документи. Муштерии му биле повеќе лица државјани на Македонија, Македонци со живеалиште и престој во странство, но и странски државјани. Фалсификаторот на нивно барање, откако тие ќе му ги дале личните податоци, им изработувал разни лажни јавни исправи со невистинита содржина на лажни обрасци, наводно издадени и заверени со печат и потпис од државни и јавни институции во земјата. Тој знаел дека прави кривично дело, односно дека изработката и издавањето лични документи, судски решенија, пресуди, договори за купопродажба на моторно возило, свидетелства од образовни институции, сертификати, медицинска документација и други јавни исправи се изработуваат, заверуваат и издаваат исклучиво од органот што ги издава. За еден фалсификуван документ наплаќал од 1.000 до 6.000 денари, а во временски период од речиси пет години за повеќе лица изработил, заверил и издал фалсификувани исправи.

Откако инспекторите добиле оперативно сознание дека скопјанецот фалсификува јавни исправи, во петокот бил извршен претрес во неговиот дом. Таму биле пронајдени и одземени компјутер, преносен компјутер, пластифицирана фолија, бланко-пластични картички за изработка на лични карти, возачки дозволи и слично, скенер, печатач, електронски уред за печатење и пластифицирање лични карти и возачки дозволи, изводи, наводно издадени и заверени со потпис и печат од Управата за водење на матичните книги, судски решенија, како и пресуди, наводно издадени и заверени со потпис и печат од Основен суд Скопје 1 Скопје. Освен тоа, имало и документи наводно издадени и заверени со потпис и печат од Министерство за внатрешни работи, нотарски печати, сертификати, уверенија за завршено образование и други јавни исправи.

Прва работилница за фалсификати откриена по четири години

Во изминатите неколку години ова е прв случај на откриен фалсификатор во Македонија. Последните случаи на фалсификување документи беа откриени пред четири години. Така, во ноември 2013 година беа уапсени членовите на таканаречената хамбуршка мафија.

Тие беа уапсени во големата акција со кодно име „Орион“, обвинети дека изработувале лажни пасоши. Во полициската акција не беше уапсен мозокот на бандата, Kрешних Рахмани, чија работилница за изработка на фалсификати се наоѓала во скопски Чаир. Полицијата тогаш откри дека фалсификуваните пасоши, лични карти и возачки дозволи со брза пошта преку „Федекс“ или преку ДХЛ се испраќале од Чаир во Хамбург. Во Македонија беа уапсени петмина, а во Германија седум члена на групата. Тие имале одлично разработена шема за производство на фалсификати за собирање на потребните документи, но и за исплата и за примање на парите.

Набргу по оваа акција, кон крајот на 2013 година, во полициската акција „Студент“ беа откриени фалсификатори кои штанцале лажни бугарски лични карти и сториле криминал тежок околу 2 милиона денари. Kриминална група, во која имало петмина Македонци и Бугарин, штанцала од фалсификувани бугарски лични карти и лекарски уверенија, па с` до лажни пасоши, а цената била до 300 евра од документ. Фалсификаторите набавувале и пуштале во оптек фалсификувани евра, правеле и продавале фалсификувани бугарски лични карти и возачки дозволи, како и фалсификувани македонски уверенија за неосудуваност, фалсификувани лекарски уверенија од македонски здравствени установи, фалсификувани изводи од Македонија и друго.

Даниела Вељановска

#



Останати вести
Тинејџерка од Гостиварско почина во возило на Итна помош
Вработени во катастарот решавале оставинска постапка на своја рака

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести