период од-до
  -  
ЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Економија
Датум: 20.03.2017, 16:32

ЕНЕРГИЈА ОД ЕKОЛОШKИ ИЗВОРИ

Една петтина од потрошената енергија во Македонија е добиена од ветрот, сонцето и од водата

Една петтина од потрошената енергија во земјава е добиена од еколошки извори, како што се сонцето, водата, ветерот, геотермалните извори и биомасата. Според податоците на Евростат, учеството на енергијата од обновливи извори во финалната потрошувачка во Македонија достигна 19,9 отсто во 2015 година, што е за 4,2-процентни поени повеќе во споредба со 2004 година, прва година за која има расположливи податоци. Со овој удел, земјава е подобра од просекот на 28-те земји членки на Европската Унија, кој изнесува 16,7 отсто и е блиску до целта зацртана за 2020 година, удел од 21 отсто. Со владиниот Акциски план за обновливи извори на енергијата се предвидува нивниот удел во вкупната енергетска потрошувачка во Македонија до 2025 година да достигне 25 отсто, а до 2030 година 28 отсто.

Процентуално, во земјава, „зелената“ енергија најмногу се користи за затоплување и за ладење на домовите и на индустриските капацитети (35,8 отсто), а ова, пред с`, се должи на зголемената употреба на топлински пумпи кои црпат геотермална или хидротермална енергија. По ова, енергијата добиена од вода, ветер и од сонце учествува со 21,7 отсто во потрошената струја во земјава, а многу мало е учеството на енергијата добиена од еколошки извори во транспортниот сектор, занемарливи 0,2 отсто во споредба со европскиот просек од 6,7 отсто.

Во делот на производството на електрична енергија од обновливи извори, хидроцентралите даваат најголем придонес и според Акцискиот план така ќе остане и во идните 15 години. Сепак, најголем раст се предвидува да има кај ветерните и фотоволтаичните централи. Така, со стратегијата се предвидува дека во 2020 година ветерниците ќе произведат 9 килотони нафтен еквивалент (ктое) енергија, во 2025 година 26 ктое, а во 2030 година дури 53 ктое, односно зголемувањето ќе биде за шестпати. Во истиот период, енергијата добиена од сонцето ќе се зголеми од 3 ктое на 11 ктое, или речиси за четири пати. Придонесите од биомаса, биогас и од хидроцентрали во следните 15 години ќе се удвојат.

Kлучна улога

Учество на обновливите извори на енергија во потрошувачката во ЕУ е во пораст и достигнува речиси 17 отсто во 2015 година, а единаесет земји членки веќе ја постигнаа целта зацртана за 2020 година. Уделот на обновливите извори во финалната потрошувачка на енергија е еден од главните индикатори за остварување на стратегијата „Европа 2020“. Со неа, ЕУ си постави цел енергијата од обновливи извори во финалната потрошувачка да достигне удел од 20 отсто до 2020 година.

Но, и по 2020 година, обновливите извори на енергија ќе играат клучна улога во задоволувањето на енергетските потреби на ЕУ. За оваа причина, земјите членки веќе се согласија за нова цел, учество од најмалку 27 отсто од 2030 година.

Најголем удел на обновливите извори на енергија има Шведска, а најниско ниво е забележано во Луксембург, Малта и во Холандија. Од 2004 година, уделот на обновливите извори во финалната потрошувачка на енергија се зголеми значително во сите земји членки. Шведска е на врвот на скалата со најголемо учество на енергија добиена од обновливи извори. Во оваа скандинавска земја на овој начин се добива повеќе од половина од потрошената енергија, односно 53,9 отсто и е далеку пред Финска (39,3 отсто), Латвија (37,6 отсто), Австрија (33 отсто) и Данска (30,8 отсто). На спротивниот крај од скалата, најнизок удел на обновливи извори на енергија се регистрирани во Луксембург и Малта (по 5 отсто), Холандија (5,8 отсто), Белгија (7,9 отсто) и Велика Британија (8,2 отсто).

Холандија и Франција заостануваат

Секоја земја членка на ЕУ има своја цел за 2020 година. Националните цели ги земаат предвид различните појдовни точки на земјите членки, како што се потенцијалот на обновливите извори на енергија и економските перформанси. Меѓу 28-те земји членки на ЕУ, единаесет веќе го достигнаа потребното ниво за да се исполнат националните цели за 2020 година: Бугарија, Чешка, Данска, Естонија, Хрватска, Италија, Литванија, Унгарија, Романија, Финска и Шведска. Покрај тоа, на Австрија и на Словачка им недостигаат по 1-процентен поен за да ги постигнат целите.

На спротивниот крај од скалата се Холандија, која заостанува 8,2-процентни поени од достигнувањето на својата национална цел за 2020 година. Покрај неа, Франција (7,8 п.п.), Ирска и Велика Британија (по 6,8 п.п.) и Луксембург (6 п.п.) се најдалеку од исполнување на зацртаните цели.

Марjан Блажевски

#



Останати вести
Само 16 мандри продаваат сирење и кашкавал со печат од државата
За една година речиси 24.000 лица нашле работа

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести