период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Економија
Датум: 12.06.2017, 16:35

ЌЕ СЕ НАМАЛИ ОСНОВАТА ЗА ПРЕСМЕТKА

Граѓаните од јули ќе плаќаат пониски казнени камати на сметките и на денарските кредити

Пониски казнени камати ќе плаќаат граѓаните и фирмите за јулските сметки за струја, телефон, парно, вода и за земените денарски кредити. Од 1 јули, односно од следниот месец, се намалува основата за пресметка на законската казнена камата, што автоматски значи дека и затезните камати одат надолу. Или ако сега затезната камата за правни лица изнесува 13,75 проценти, таа од јули ќе биде 13,25 отсто, а за граѓаните се намалува од 11,75 на 11, 25 проценти на годишно ниво, но за секој ден доцнење.

Високи камати

Пресметките за висината на затезната камата се прават полугодишно, односно на 1 јануари и на 1 јули. Со оглед на тоа што НБМ ја намали основната камата по 1 јануари годинава од 3,75 на 3,25 отсто, намалената стапка ќе биде основа за казнената камата дури сега од јули.

Законска казнена камата плаќаат и граѓаните и фирмите. На првиот ден од доцнењето на кредитот, па секој нареден ден додека не се плати ратата, банкарите, освен редовната годишна, наплатуваат и законска казнена камата. Но, таква се плаќа и на телекомуникациските сметки за мобилен и телевизија со интернет, како и на сметките за парно и вода. Граѓаните се жалат дека станува збор за сериозно високи камати, иако во последниот период како паѓаше основната камата на НБМ така се намалуваа и лимитите на казнените камати.

- Имам телевизиски пакет со интернет и телефон и плус мобилни броеви. Навистина од денот на приемот, односно од достасувањето на ратата, без исклучок, наплатуваат и казнена камата. Тоа се можеби мали суми ако не платите за неколку дена, ама сепак за една недела стасува и до сто денари - вели скопјанецот Горан С.

Тој и сите физички лица на компаниите на кои има плаќаат сметки од 1 јули како казнена камата ќе им плаќаат 11,25 проценти. Таа се пресметува како збир од основната камата плус осум процентни поени. Од 1 јули основа за пресметка ќе биде стапката од 3,25 отсто колку што е и моментно каматата на благајничките записи на НБМ. Досега основата беше 3,75 проценти затоа што кога се правеше последната пресметка на 1 јануари, толку изнесуваше и оваа камата на НБМ. За правни лица казнената камата е основата на НБМ или 3,25 отсто плус 10 процентни поени или сега ќе биде 13,25 отсто.

Повисока договорна камата

Од компаниите велат дека казнената камата е законски утврдена и дека како се менува основата така варира и пресметката, па тие веднаш автоматски ги коригираат каматите. Ако се гледа само за банкарските кредити, ваквиот начин на пресметка важи само за денарските кредити. Од банките не даваат податоци дали во последниот период има значајно зголемување и намалување на приходите од казнени камати. Во последните неколку години се намалува основата, но растеше и кредитното портфолио. Од друга страна, банкарите пресметуваат и таканаречена договорна затезна камата, која е лимитирана, но е значително повисока од редовната законска казнена камата. Впрочем, во повеќето банки во сите договори со фирми стои дека за доцнењето ќе се пресметува и договорна камата.

- Kазнените камати се законска обврска за клиентите и ние ги пресметуваме во согласност со одредбите и утврдениот начин на пресметка. Договорната камата не се однесува на граѓаните, туку само на фирмите - вели Николче Петковски, директор на Еуростандард банка.

Инаку, договорната казнена камата е редовната зголемена уште 50 отсто. Банкарите почнуваат со пресметка на тие стапки ако фирмата доцни со отплатата повеќе од 15 дена.

Александра Томиќ

#



Останати вести
Најбогатите кријат многу повеќе пари отколку што се мислеше
Електричните возила сега се 2 отсто од глобалната флота, а до 2025 ќе достигнат удел од 15 до 20 отсто
Забрана за програмирано расипување на апаратите по истекот на гаранцијата
Лани потрошивме 6,5 милијарди квч струја, 71 отсто била од домашно производство, покажува извештајот на РKЕ

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести