период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортАктуелноПубликаОтворенаСценаВо фокусот
Економија
Датум: 20.03.2017, 16:34

СТОЧАРИТЕ НЕЗАИНТЕРЕСИРАНИ ЗА РЕГИСТРИРАНО ПРОИЗВОДСТВО

Само 16 мандри продаваат сирење и кашкавал со печат од државата

Минимални стандарди на градба на објектите, нивна посебна адаптација за да се молзе и чува млекото - се само дел од минималните услови што треба да ги исполнат бачилата за да станат мандри од кои ќе се продава млеко со државен печат. Освен приспособени објекти, треба да имаат посебна опрема, која се користи за молзење и преработка на млекото. Засега се евидентирани само 16 објекти за производство, обработка и манипулација со производи од млеко со традиционални карактеристики. Од нив две се за директно снабдување. Регистрираните објект за ваков тип производство се лоцирани во близина на Берово, Велес, Kавадарци, Kратово, Свети Николе, Битола, Гостивар, Богданци, Дебар, во Скопје и во Градско.

Сите се регистрирани во Регистарот на одобрени објекти и оператори со храна со традиционални карактеристики. Засега сите мандри се за производи од овчо и козјо млеко.

Производителите се евидентираат во регистер што се води од Агенцијата за храна, а од нив се добива и посебно одобрување, кое е основа за продажба на безбедно овчо и козјо сирење со традиционални карактеристики.

Најбитна е хигиената

Во Агенцијата за храна велат дека регистрираното производство значи и безбеден производ. Со регистрацијата се гарантира следливост на производот што доаѓа од мандрите, а тоа е главна основа за непречена трговија и извоз.

- По стапувањето во сила на Правилникот за условите и опремата во објектите што произведуваат храна со традиционални карактеристики – сирење добиено од млеко од овци и кози, од наша страна се одобрени 16 објекти што произведуваат храна со традиционални карактеристики. Тоа се мандри за производство на сирење од млеко од овци и од кози. Од таму објаснуваат дека производите од фарма директно одат за снабдување на локален малопродажен објект. Ова значи дека од мандрата сирењето веднаш се пласира до крајниот потрошувач, со посебно означување на потеклото на храната. Фармерите опфатени со овој правилник треба да ги одржуваат чисти сите објекти поврзани со примарното производство, вклучувајќи ги и магацините, редовно да ги дезинфицираат на соодветен начин опремата, контејнерите, гајбите, но и возилата и другата опрема што се користи во производството.

Лесна регистрација

Во Правилникот е предвидено дека максималното количество пресно млеко што може да се преработи на ниво на фарма не треба да изнесува повеќе од 10.000 литри годишно или до 30 литри на ден. Исклучок е пресното млеко од овци, кое може во неограничени количества да се преработи на фарма.

Во Агенцијата велат дека обезбедуваат поддршка за сточарите што сакаат да се евидентираат како производители на овчо и на козјо сирење со традиционални карактеристики, во поглед на давање информации за начинот на одобрување на фармите и нивно евидентирање, насоки за адаптирање на фармите и производствените капацитети. Од стручни лица добиваат и информации во поглед на исполнувањето на минималните условите за производство на безбеден производ со традиционални карактеристики. Овие капацитети се контролирани од Агенцијата и тоа од аспект на контрола на безбедноста на храната за животни, здравствената заштита на животните и безбедноста на млекото од фармите како суровина за производство на млечни преработки.

Според истиот правилник, од земјоделско стопанство директно може да се продава пресно млеко, козјо и овчо сирење, селски јајца или мед. Услов е само производителот да се регистрира во Агенцијата за храна и да има декларација со минимални податоци за потеклото и гаранција дека се исполнети соодветните хигиенски услови за производство. Земјоделците на фармите дневно може да продадат 10 килограми риба од сопствениот рибник или еден тон мед годишно. Ако производот е расиплив, треба да се обезбедат посебни услови за чување како разладни уреди и витрини.

Валентина Ангеловска

#



Останати вести
За една година речиси 24.000 лица нашле работа
Една петтина од потрошената енергија во Македонија е добиена од ветрот, сонцето и од водата

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести