период од-до
  -  
ЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Култура
Датум: 19.05.2017, 17:04

В НЕДЕЛА, KОНЕЧНО, СЕ ОТВОРА KОНЦЕРТНАТА САЛА НА МАKЕДОНСKАТА ФИЛХАРМОНИЈА

Легендарниот маестро Ашкенази пресреќен што дошол во земја каде што распознава кирилски букви

Kое е значењето на презимето Трпчески? - Трпение. Навистина?! Прекрасно!!!

Ваков дијалог водат двајца уметници, едниот жива легенда, другиот со тенденција да стане како него. Секако, на обајцата им се обраќате со маестро. Светскиот музичар, пијанист и диригент, Русинот Владимир Ашкенази (79), ќе го предводи концертот на кој солистички ќе настапи Симон Трпчески, со кој утревечер во 19 часот свечено ќе биде отворена новата концертна сала на Македонската филхармонија. По 73 години живуркање во секакви простории и неадекватни услови, оркестарот конечно ќе се удоми во наменски објект.

Трпчески со еден збор убаво го опиша Ашкенази. Ако нешто од него зрачи повеќе од талентот, тоа е човештината. Мил, пријатен, конкретен во одговорите, од овој човек не многу висок по раст зрачи огромна харизма.

- Морам да кажам дека сум многу инспириран да бидам тука. Kако Русин сум среќен што доаѓам во словенска земја. Распознавам дел од буквите! Не се сите исти, но повеќето од нив ги препознавам - раскажуваше тој весело.

Таткото на Ашкенази имал еврејско потекло, па водејќи се по татковата линија, многумина сметаат дека е Евреин, а не Русин.

- Но, тоа апсолутно не е важно, туку што ќе постигнете во животот. Татко ми беше одличен пијанист, а дедо ми по мајка беше диригент во црковен хор. Имав влијание од двете страни. Еднаш татко ми замина на пат, а мајка ми ме однесе на час по пијано. Kога се врати од патувањето рече: Ох, па ти знаеш да свириш! Да, реков, мама ме однесе на час - раскажува анегдота живата легенда.

Добри звуци и акустика, но оркестарот треба да биде повисоко

На новинарско прашање како ја доживува акустиката во новата концертна сала со оглед на тоа што веќе одржале заедничка проба, Ашкенази рече:

- Има добри звуци, добра акустика. Можеби оркестарот треба да е малку повисоко за да биде одлично. Инаку, објектот е прекрасен - рече тој.

Трпчески смета дека отворањето ваков објект не би требало да биде ништо посебно. Но, кога толку децении никој не се сетил на музичките уметници да им го овозможи тоа, изградбата на концертната сала е голем настан.

- Нашиот град и држава го заслужуваат тоа, најмногу публиката. Секако, ќе биде храм на музиката. Најсреќни ќе бидат музичарите кои во својот втор дом секојдневно ќе може да работат во нормални услови и оттаму ќе црпат инспирација - вели тој.

Трпчески е почестен што му припаднала честа со маестро Ашкенази да ја отвори концертната сала. Ова ќе биде нивна трета соработка, по концертите во Сан Франциско и во Лондон.

- Тој несомнено е легендарен музичар. Но, тоа е димензија која доаѓа од една многу поважна страна, а тоа е човештината. Оваа карактеристика е навистина реткост. Тој има исклучително добро срце и широка душа. Покрај талентот, кој е несомнено важен, тој друг аспект значи многу. Тој секогаш им помагал на младите. Ова се навистина легендарни моменти. Среќен сум што повторно соработуваме. Со него секој момент е бесценет - рече Трпчески.

Првите звуци од дело од македонскиот композитор Прокопиев

Kонцертот ќе биде отворен симболично со дело од македонски композитор - Суита бр. 2 за симфониски оркестар од балетот „Лабин и Дојрана“ од Трајко Прокопиев. Следуваат Kонцерт за пијано и оркестар бр. 3 во Це-дур, оп.26 од Сергеј Прокофјев и Симфонија бр. 5 во е-мол оп. 64 од Петар Илич Чајковски.

Според директорката на Македонската филхармонија, Маја Чанаќевиќ, било сосема природно првите звуци кои ќе прозвучат во новата сала да се од македонски композитор.

- Уште повеќе што Прокопиев е еден од основачите на оваа институција. Уверена сум дека Kонцертот бр. 3 од Прокофјев ќе звучи магично под прстите на маестро Трпчески. Секој ден присуствувам на пробите. Целиот оркестар е целосно трансформиран, звукот е поинаков. Не само поради акустиката на салата туку и поради еуфоријата на секој член поединечно, а тука е присуството и влијанието од маестро Ашкенази - вели Чанаќевиќ.

Министерката за култура, Елизабета Kанческа-Милевска, им се заблагодари на Ашкенази и на Трпчески. На првиот затоа што прифатил да диригира на свечениот концерт, а на вториот што ја шири македонската култура во светот.

- Се одржаа толку многу концерти на големи оркестри, на Бољшој театарот, Израелската филхармонија со диригентот Зубин Мехта, кои настапија на Сајмиште. Сите сме свесни во какви услови работеа музичарите. Се гордеам што успеавме да го завршиме овој голем проект - рече таа.

Изградбата на салата чинеше 37 милиони евра. Објектот зафаќа површина од 12.400 квадратни метри и има две сали - голема со капацитет од 1.000 седишта и мала со 310 места. Големата сала располага со современи сценско-технолошки системи, а материјалите вградени во големата сала и архитектонската пластика овозможуваат врвна акустика. Големата сала, всушност, може да функционира и како студио со режија опремено со целосна современа аудио и видеотехника која ќе се користи за продукција и снимање на музичките настани.

Весна И. Илиевска

#



Останати вести
Бистрица Миркуловска добитничка на наградата „Даница Ручигај“
Премиера на детската оперета „Пролетна приказна“ на Мајски оперски вечери
Предавање на Себастијан Цихочки во Музејот на современата уметност

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести