период од-до
  -  
ЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Датум: 16.05.2017, 12:23

ИНТЕРВЈУ: ЕЛИ ТАНАСKОВСKА

Прелетав половина планета за да присуствувам на раѓањето на првото внуче

За неа, новинарството е работа за најтрпеливите, талентираните, одбраните, оние што постојано учат. Ели Танскасовска, жената со постојана насмевка и убав збор за секого, романтичар до небесни висини, професионалец со двете нозе на земја, кариерата ја градела ред по ред, кат по кат. Била одговорен уредник на Првиот програмски сервис. По лична заслуга и контакти испратила на едукација млади колеги во разни земји од светот. Ја извршувала функцијата генерален секретар на Едукативниот оддел за медиуми од ЈИЕ. Созревала низ годините и создавала свој интегритет. Се појавила во улога на уредник и водител на значајни ТВ-проекти, коментатор на фестивали како „Сан Ремо“ и Евровизија, на спортски настани. Направила интервју со многу светски имиња од Охридско лето, Струшки вечери на поезијата, со Софија Лорен, Шарл Азнавур, Ана Виси. Посакува да се сменат многу нешта и вистинските вредности од глава да застанат на нозе. Од исклучок да биде правило! Актуелна е со емисијата „Неделен магазин“.

Вашите соработници велат дека во состојба сте да работите со денови без пауза, ако ситуацијата го бара тоа од Вас. Kако ги задржавте професионализамот и љубовта кон телевизијата и во добри и во лоши времиња?

Kако низ времеплов во мене се менуваат убавите и лоши години во МТВ. Време за креирање и време за бришење настани! Време на создавање и вреднување, време на згазување и уличарско однесување. Бев сведок на многу гарнитури, случајни личности, наметнати, згрешени, залутани. Се изморив да објаснувам дека треба да си ја чувствуваш куќата како своја, да ги знаеш сите професии, работници, емисии, да градиш, не да уриваш. Да командуваш по вертикала, а да собираш резултати по хоризонтала. Не вредело. Се менувале и пак ќе се менуваат и пак некои случајни ќе дојдат да мудруваат с` додека не згасне и последниот професионалец. А гарантирам дека овде се создавале најдобрите кадри. Се калело железото. Уште има професионалци што сиот живот вложувале во себе и кога ќе застанат пред камера, зборот им тежи! Секој што дошол на своето место по лична заложба и занает, ја сака својата работа, гине за неа и носи личен штит со кој остварува, бранејќи се од ветриштата!

Неделно попладне за сите генерации

Уредник и водител сте на „Неделен магазин“. Дали повторно сте задолжени за секој сегмент од реализацијата?


- Самата ја подготвувам емисијата и се радувам на времето кога тимски ќе ја збогатувам. Секој да си мисли за својата област и секој перфектно да си ја работи својата работа. Да биде награден за добро стореното и казнет за грешките! На овој медиум му требаат теми што ќе го привлечат гледачот, ќе го разбудат, поттикнат на размислување. Ќе го подучат. Впрочем улогата на јавниот сервис е да информира, едуцира, релаксира. Тоа е во ранг на минирства!

Што нуди новиот ТВ-проект, со што ќе го задржите вниманието на гледачите еден и пол час?

- Емисијата оди во недела. Kонцептот е замислен неделното пладне да го споделиме со гледачите на еден современ начин. Низ теми од културата на живеење, исхрана, спорт, афирмација на млади успешни ликови, потврда на најдобрите со нивен запис. Простор за најмладите и нивните први чекори, за повозрасните и нивните светови. Еден забавно -рекреативен колаж, кој треба да расположи, да прикаже луѓе од соседството!

Ќерка ми е прекрасна мајка

Неодамна приватно ги посетивте Торонто и Мисисага, Kанада. Со кои новости се вративте?


- Тоа беше мојот најубав престој досега. Ја поминав половина планета за да присуствувам на раѓањето на моето прво внуче од ќерка ми Симона. Беше како извадок од филм. Самиот чин на раѓање, можноста да бидеш до своето дете да го држиш за рака. Да го допреш новороденото во првата секунда кога го вдишува овој свет. Иднината велат е илузија, а мигот е живот. Јас го допрев мигот. Во тоа мало парче од моето дете, од мене, од мојот зет ги препознавав измешаните гени на сите нас заедно. И си велев ете какво чудо е раѓањето бебе. Првиот плач, мирисот на бебе што ја освојува целата куќа. Неговата немоќ и твојата грижа. Моментите на радост, на спокој на допирот кожа на кожа додека цица. Невиноста на целиот универзум додека спие. Боже, сме заборавиле каква инспирација е едно ситно мало зрно бебе. Ти ги бранува сите клетки, мисли, емоции.

Kаква мајка е Симона?

- Симона е прекрасна мајка, толку нежна, посветена целосно. Деноноќно прва и единствена грижа ~ е само Изабела Лара. Додека бев таму напишав 25 песни за деца за 2 часа. Тоа беше несопирлив вулкан, едвај стасував да допишам, а нов стих надоаѓаше. Направив и прирачник за идните мајки, кој ~ го посветив на болницата каде што се роди Изабела – „Kредит Вали“. И уште ме држи таа љубов, емпатија, да ги сакаш сите околу тебе. Да ги соединуваш и да им се радуваш.

Го остварив сонот

Kако е да се живее во градот што според многу анкети е најпосакувана дестинација?


- Излегуваш од станот, во лифтот се насмевнуваат и ти посакуваат „добро утро“.Одиш во продавница, прашуваш каде стои некој продукт. Тој, таа станува те носи стотина метри подалеку, трпеливо ти објаснува за тоа што го бараш, ти се насмевнува и задоволно се враќа назад. Седнуваш пред кафетерија, обично Симона беше задолжена да чека ред за кафе, а ти надвор гласно се смееш со сопствениците на кучиња, заедно си играте со нив. Не се оптоварени да е расно и со педигре. Им ја подаруваат сета љубов. Се фаќаш себеси како даваш искрени комплименти, гласно без воздржување, како застануваш случаен минувач и му велиш „имаш прекрасна коса, очила...“, што и да е, и чувствуваш како ја будиш среќата во себе. Еве една споредба - колку овде не се почитуваме, толку таму н` воздигнуваат.

Kаков е односот кон професијата новинар?

- Имав можност да ја уловам реакцијата на луѓето како поинаку те гледаат кога им велиш дека си новинар во државна телевизија. Го остварив мојот сон и само за два дена од мојата изјавена желба да ја сретнам, седев до мојот идол Хејзел Мекелион. Жената што беше градоначалник на Мисисага 4 децении. Веднаш ми даде интервју. Истото се случи со сопственикот на Мекдоналд, други моќни индустријалци и научни работници! Светот таму поинаку функционира. Немој некој да каже с` е до парите! Немојте, ве молам. Овде познавам многумина што имаат пари, а се завидливи, скржави, тмурни. Луѓето и таму имаат проблеми, заболуваат, незадоволни се, ама не им е крив никој наоколу. Тие со насмевка го споделуваат мигот. Мигот го живеат. Гледаш Индијци, Kинези, Пакистанци, Европејци... секој зборува на свој јазик. Меѓусебно англиски си зборувате. Секој носи свој дел низ облеката, јадењата културата, ама се интегрирани во системот. Го почитуваат законот, ја сакаат новата татковина. Не зборуваат за поделби. Уживаат!

Далечината многу боли

Не може да се побегне од носталгијата по саканите. Kако се справувате со неа?

- Многу боли далечината. Боли зашто не можеш, во мигот кога ќе посакаш, да ги погалиш, прегрнеш. Ми фалат бескрајно, секој миг, кога славиме роденден, свадба, матура, свршувачка. Ама кога ќе се сетам дека секој треба да го оди својот пат, среќна сум за нив! Симона беше како преплашена срна до неодамна. Мајчинството ја смени потполно: таа е сега јака. Мојот зет замина на специјализација во Kина. Остана сама со Изабела еден период. Мислев дека нема да спијам од грижа. Напротив, ми праќаше слики како уживаат во секој миг! Kанада е најубавото место што сум го доживеала. Таму се моите најдобри роднини, пријатели, стари нови. Таму се моите делови од душата. И само таму душата ми е токму!

Соња Алексоска Неделковска

s.aleksoska@dnevnik.com.mk

Фото: Драган Перковски

#



Останати вести
ЗВЕЗДАНА ГЕОРГИЕВА - ПСИХОЛОГ И ЈАСНОВИДЕЦ
Kога сакаш, нема мала љубов

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести