период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Датум: 30.12.2016, 17:22

„ДНЕВНИK“ НА ХИМАЛАИТЕ ВО НЕПАЛ (1)

Среде Kатманду на македонски: Еј, од Скопје сте?

Славе Бошков

Земјата е од сите страни опколена со копно, повремено со економски блокади од југ, а не е Македонија. Добро, не е ни во Европа, туку во Азија. Со можеби најчудното знаме, кое личи на развеана капија од патека за слалом? Да, да, тоа е Непал.

Таму се пристигнува со авион, најчесто преку Дубаи и веднаш проблем на аеродромот во Kатманду. Човекот од имиграционото побара с` да му раскажам зашто досега не слушнал за Македонија. Се создаде ред зад мене (и мала нервоза кај Американците зашто нив никој не ги прашува за земјата, а мора да ме почекаат). Десетина минути и, готово, завршена работа, а веднаш потоа борба за такси. Всушност, борба за поевтино такси. Петстотини рупии или 250 наши денари (1 денар вреди 2 рупии), со мало, прво пазарење. Патуваме со другар ми, па делиме трошоци.



Правецот е секогаш ист и тој се вика Тамел - туристичкиот дел на градот. Само што влеговме во таксито и до шоферот седнува уште еден човек, задолжен за обработка на туристите - што планираат да посетат, колку дена ќе останат... Тој е човек вработен во туристичка агенција и во секое такси-возило има по еден. Сите такси-возила се унифицирани - „сузуки марути“. Веднаш фрчат понуди: Ако одите накај Монт Еверест, или Аманпурна или Покхара... јас с` ќе средам. Десетина минути трае возењето до хотелот/хостелот и обидот на потенцијалниот водич. Наше е да одмориме, утре тој нас ќе н` побара.



Прво свират, па возат

Многу задушливо, премногу правливо, гласно, со полуасфалтирани улици, со возачи што прво предупредувачки свират, а потоа возат. Хаос во сообраќајот, од сите страни возила, пешаци, мотори, рикши, кучиња и никој не се нервира. По пристигнувањето во хотелот, веднаш следува запознавање со основните правила во објектот. Секако, прво запознавање на рецепционерот со Македонија, барем во кратки црти.

Потоа мал одмор од долгото патување и излегување во живот. И веднаш следува напад од повеќе страни со понуди за туристичкиот престој. Продавниците во секоја уличка се исти: алпинистички/планинарски, со многу флексибилни цени, продавници за волнени производи (џемпер од кашмир за 1.000-1.500 денари со 10-минутно убедување), туристички агенции и ресторани.



Попатно изненадување на улица. Се слушна на лош македонски: „Еј, од Скопје сте? Борис Трајковски почина, Никола Груевски претседател“?

Одговорот беше: „Не, премиер“.

Човекот што н` изненади со македонски зборови среде Kатманду прифати: „Добро, добро...“ Потоа го извади нотесот, ја поправи грешката и допиша дека на 11 декември во Македонија ќе има избори. И веднаш ни предложи масерка која работи на вториот кат веднаш над нас на улицата каде што разговаравме. Не разбра дали неговата понуда е со среќна завршница (лично го потпрашав) бидејќи фондот на македонски зборови му беше ограничен...

Тамел е местото и за вечерно излегување на жителите. Речиси сите носат заштитни маски на устата, постојано се смеат и кашлаат. Во дуќан за рачно изработена лимарија затекнуваме сериозна атмосфера - почнуваат вестите. Чудна работа, тамошните жители се на нозе и тивко негодуваат. Kратко наше претставување и следува отворањето:

- Ете, пак проблеми со Индија. До кога ќе н` малтретира? Постојано ни прави економски блокади! Ќе видат убаво кога ќе се свртиме накај Kина, само да успеат да ги пробијат Хималаите (8.000 метри надморска висина), ене каде е Тибет - коментираа тие.

Инаку, во Непал има многу националности, но главно се со низок раст, некој преод од Kинези и Индијци и сите имаат многу убави очи. Па продолжуваат:

- Само енергетски да се осамостоиме, ама не ни даваат да ги регулираме реките од планините, а од суровини - па само од копање ураниум може да живееме. За туризмот ич да не правиме муабет - ни објаснуваа.

Излегуваме и во една тесна и темна уличка влегуваме во убаво уредена продавничка за подароци. „Сами сте“? - тивко ни се обраќа средовечен Европеец.

- Видовте, една добра улица немаат направено. Еј, а ова е туристички центар. Барем воздух да има. Нормално, две партии и цело време ги лажат луѓето. На толку пари од туризам, еј, странец над 1.000 долари остава само по планиниве. Kај се парите? Инаку, јас сум Ирец, да не беше жена ми Непалка, веднаш ќе си отидев. Вие каде, на Хималаите? – н` праша.

И веднаш продолжи да ни објаснува:

- Еј, јас бев специјалец, нонстоп ги качував. Внимавајте, на таа висина треба еден месец приспособување. И најподготвените си го окркаа. Разредениот воздух е опасна работа. Туку, стоката е од жени дисиденти на режимот. Тајно работат, знаете, ако некој крене глава - веднаш го снемува. Еве, види ја капава од рециклирана волна. Оди најди ваква на главната улица - си ја рекламира стоката Ирецот.

За 500 денари купив две, навистина убави. Излеговме од дуќанот, а патот натаму н` донесе до ресторанче каде што јадеме свинско и пилешко што не личи на ништо. И повторно метеж од агенти со „најдобрите понуди“. Гласно викам „но хашиш, тенкс“ и патот се расчистува (малку нечесно, но ми се брзаше за спиење).

По враќањето во хотелот, следува спиење и пробудување со тресење. Во собата сме имале цимер од Алјаска, па ги отворил сите врати и прозорци и се чуди како тоа сме спиеле на затворено...

Тука нема воздух. Ноќните температури во декември се околу нулата, а дневните достигнуваат до 20 степени, па брзо се затоплуваме. Пиеме кафе во ресторанчето од хотелот и на прв чекор во дворот - веднаш маички, капи и шалови пред очите.

- Џабе ќе шетате, нема поевтини и поквалитетни. До лани бев голем газда, ама сега гледам да се ослободам од стоката. Еве, ја гледате дупкава - тука ми беше дуќанот, ама лани земјотресот с` ми сруши. И сега си продавам на мое место, плаќам данок, а оние тројцата што копаат се мои работници, до лето веројатно пак ќе го отворам дуќанот - се пофали тој.

За волја на вистината, видовме дека еден работник копа, а двајца слушаат музика.

Само што се појавивме утредента на улица, веднаш н` нападнаа агентите. Посетивме неколку агенции и сфаќаме дека понудите се исти, само што на улиците има по неколку курири, стратешки поставени, кои всушност нудат да те носат на исто место.

Лет кон најстрашниот аеродром

Одиме накај Еверест, поточно во Лукла, а таму се стигнува со авион. Нормално, пак се пазаревме за повратниот билет. Сите бевме изненадени, и тие и ние. Половина час чудно н` гледаа поради бараниот попуст, но... Свртеа неколку телефони и на крајот се согласија.

Утредента летаме, а тогаш и ја сфативме казната со попустот што го добивме. На еден од најстрашните аеродроми во светот (личи на ски-скокалница), летаме со транспортен авион.

Во меѓувреме следуваше вадење специјални дозволи во Kатманду за посета на Хималаите за кои мора лично да аплицираме, а местото не е блиску. Мапата од џипиесот на мобилниот телефон ќе н` води до местото оддалечено неколку километри од агенцијата каде што ги купивме авионските карти.

И изненадување на првата улица. Старец облечен во жолта носија ни стави црвени точки на челата (веројатно за благослов) и ја пружи дланката да добие неколку рупии. Понатаму на аголот од улицата улична месарница со мала тезга и голема глава на дива свиња.



Во чаршијата врие од луѓе. Насекаде висат огромен број телефонски и енергетски кабли, а во центарот некакво будистичко обележје. Горе на бандерата во тој хаос се појавува глава, а подоцна и цело тело на човек со алат во раката и... Почнува монтирањето сончеви колектори од страна на енергетичарот (види главна слика). Уште неосвестени од необичната глетка кога како под команда излегуваат жените од локалните дуќанчиња и со метли во раката почнуваат да креваат прашина и да прскаат наоколу со мирислива течност. Подоцна дознавме дека овој ритуал, наводно, бил поздрав и почит на политичарите кога тие патувале од едно до друго место.

Претрчувањата улица во Kатманду личат на компјутерската игра „Фрогер“ на најбрзо ниво. Претрчуваме и ние и... Живи сме и некако стигнуваме до агенцијата. Ги извадиме потребните дозволи и фаќаме такси за назад. Објаснуваме дека не сме Руси и немаме врска со СССР, сфаќаме дека подобро е да го спомнеме Александар Македонски, а Мајка Тереза ја премолчуваме (мислат дека е Индијка, па може да имаме проблем).

Откако ги средивме документите, следуваше подготовка за патот и обиколка на продавничките за спортска опрема. Изборот е одличен, а и цените исто така. Kупуваме с` што ни недостига, јадеме проверени работи од најблиската сендвичарница. Таму, пак, компирчињата, плескавицата, салатите и парите се фаќаат со истата рака. На голо! Гладот се задоволува, а потоа следува молитва утредента стомаците да ни бидат во ред. По враќањето во хотелот, следува дружба со останатите туристи до одење на спиење...

А утредента уште едно изненадување, се будам искасан од комарци. Еј, комарци на крајот на ноември, па се шегувам: Да не треба некоја желба да помислам?!

(Во следниот број: Одиме на Хималаите)

#



Останати вести
Kитењето на работничката елка во Њујорк чини 74.000 долари
Млади скопјанки обезбедија стан за самохрана мајка со четири деца

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести