период од-до
  -  
ЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Актуелно
Датум: 20.03.2017, 17:55

Д-Р АЛЕKСАНДАР МИТОВ ОД KОМИТЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНО МАЈЧИНСТВО

Недоносеноста алармантно jа зголеми смртноста кај бебињата



Алармантно е зголемен бројот на починати бебиња во земјата во минатата година кога умреле 261 доенче, според прелиминарни податоци на Државниот завод за статистика на РМ, што е за дури 31,8 отсто повеќе во однос на предминатата, 2015 година кога првиот роденден не го дочекале 198 бебиња. Оваа бројка се однесува на доенечка смртност, односно бебиња кои починале при раѓање и во првата недела од животот. Педијатрите велат дека, досега, најчестите причини за доенечката смртност се предвременото раѓање и конгениталните аномалии на плодот, а нешто помалку инфекции кај мајката. Во однос на социодемографските карактеристики на мајката, доенечката смртност досега беше поголема кај мајки со низок степен на образование.

И загадениот воздух можна причина

Иако доенечката смртност во земјата покажува тренд на опаѓање во последната деценија, од 2004 до 2014 година, таа с` уште беше повисока од европскиоте просек каде што умираат 4 од 1.000 бебиња, а скандинавските земји имаат најниска смртност кај бебињата, која изнесува 2,5 до 3 промили.

На прашањето дали во Kомитетот за безбедно мајчинство на Република Македонија ќе се прави вонредна анализа по овие загрижувачки податоци и што би можело да биде главната причина за овие црни бројки, за жал, и да се зголемуваат, претседателот на ова тело, д-р Александар Митов, кој е и магистер по јавно здравје, одговори:

- Државниот центар за репродуктивно здравје при Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство ги собира и анализира податоците од цела држава. Анализата за 2016 година е во тек. Врз база на добиените податоци ќе се дадат соодветни препораки за мерки. Најчестата причина за смртност е недоносеноста, која пак од своја страна се должи на низа фактори: зголемен број вонтелесни оплодувања, здравјето на мајката пред и во бременоста, нејзиниот нутритивен статус, присуството на инфекции во репродуктивните органи, пушењето особено лошо влијае... А постојат и фактори од страна на плодот кои дополнително може да придонесат за несакан исход, како, на пример, генетски модификации. Дополнително, загадениот воздух исто така е поврзан со недоносеноста и тоа го потврдуваат многу научни студии - вели Митов.

Тој нагласува дека „податоците не се комплетни ако се зборува само за смртност на новородени деца, туку треба да се вкрстат со видот и стапката на проблеми во бременоста. На пример, с` уште во земјата има речиси 10 отсто жени што не одат на гинеколог за следење на нивната бременост (поточно 9,87 отсто според податоците за 2015 година на ДЦРЗ и 9,41 отсто за 2014).

Најмногу од бебињата со помалку од 1.500 грама

Kомитетот за безбедно мајчинство е тело што функционира при Министерството за здравство и во кое членуваат педијатри, гинеколози и други специјалисти.

Зачудувачки е тоа што, иако породилиштата во земјата с` повеќе се опремуваат и се подобруваат условите и за раѓање и за пред и постнатална грижа на бебињата, а гинеколошките прегледи се бесплатни во најголемиот дел, сепак, смртноста на бебињата се зголемува наместо да се намалува. И министерот за здравство Никола Тодоров лани рече дека „во соработка со Kомитетот за безбедно мајчинство, поставивме таргет до 2020 година да се намали смртноста за една третина, односно на максимум 6,5 проценти“.

- Со подетаљна анализа на смртноста кај новороденчињата, ќе се види дека најголем процент од нив се родени под 32 гестациска недела и со тежина помала од 1.500 грама, па дури и помали од 1.000 грама. Затоа и анализата не треба да биде за една година, туку да се споредуваат повеќе параметри, како: навремен транспорт на ризична бремена жена до клиничка болница или до ГАK, тежина, гестациска старост, патологија во бременост и слично. Анализата на смртноста е комплексна метода, не е само груба бројка и истата се изразува во број на живородени деца, а не како апсолутна бројка. Затоа треба да зборуваме и за бројот на раѓања за 2016 година во РМ. Тука секако треба да се анализираат и социјалните индикатори, односно дополнителни параметри за семејствата на изгубените новородени деца - нагласува претседателот на Kомитетот, Митов.

Тој открива која новина може сериозно да ги подобри состојбите во овој дел.

- Kонечно, комплетната реконструкција на одделот за интензивна нега при Kлиниката за детски болести се очекува значително да ги подобри состојбите. Имено, овој оддел како најстар во државата и со особено едуциран кадар, ќе добие значителни дополнителни просторни и технички услови за зголемување на вкупниот капацитет, како и за уште повисок квалитет на здравствените услуги - вели Митов.

Бесплатни и сите прегледи и лекувањето

За намалување на доенечката смртност, бремените жени во минатата година беа ослободени од плаќање партиципација за сите прегледи, велат од Kомитетот за мајчинство.

- Од партиципација беа ослободени и за болничко лекување при патолошка бременост, породувањата се бесплатни за сите жени, без оглед на статусот на осигурување, а токму со цел да се намалат бариерите за жените од пониските социјални слоеви, изготвени се и клинички упатства за антенатална заштита и друго - додаваат од Kомитетот.

Љубица Балабан

#



Останати вести
Оливер Спасовски не се јави на распит кај обвинителот
МВР расчистува како бил удрен „мерцедесот“ на реисот Реџепи во куќниот двор
Вината за смртта на детето е кај сопственикот и кај тие што размножуваат кучиња без контрола

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести