период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОтворенаСценаАктуелноВо фокусот Здравје
Економија
Датум: 07.05.2013, 16:45

ВО СИЛА НОВИОТ ПРАВИЛНИK ЗА МЕСО

Меленото рефус месо во продажба до септември

Само месо од прва или од втора категорија, без сврзно ткиво, внатрешни органи, саламурено, треба да содржи меленото месо, а строго се забранува и додавање вода, механички обработено месо, како и она од главата

Мелено рефус месо ќе може да се купува во месарниците до крајот на август, до кога е одложена примената на дел од одредбите на новиот Правилник за барањата во однос на квалитетот на меленото месо, подготовките и производите од месо, кој е објавен во „Службен весник“ и од овој месец е во сила. Одложување на примената има практично само во делот кој предвидува дека вакво месо ќе може да се купи во месарница само ако се одбере кртина која ќе треба месарот да ја сомеле на самото место или, пак, во некој од големите маркети, но само месо однапред спакувано во некој преработувачки капацитет, со одредена количина и декларирано. Иако на крајот од Правилникот стои дека тој треба да стапи во сила на почетокот од овој месец, Агенцијата за храна се премисли и донесе одлука до септември да им даде период на приспособување на месарниците.

- Оваа одложена примена на одредбите за мелено месо, подготовки и производи од месо од домашни животни има цел да им овозможи на операторите со храна преоден период во кој ќе се приспособат на барањата пропишани во Правилникот, но не ги спречува да отпочнат со примена на истите и пред 1 септември 2013 година. Меленото месо, подготовките од месо и производите од месо, кои се произведени пред денот на стапување во сила на правилникот, може да се ставаат во промет до денот на нивната употреба, а најдоцна до 1 јануари 2014 година - велат во Агенцијата.

Одложување нема во примената на општите одредби кои се однесуваат на производителската спецификација, категоризација на месото, класификација на подготовките и производите од месо, отстапки од декларираната нето-тежина, делови од животни кои не се употребуваат во производство на меленото месо, подготовките и производите од месо, употреба на адитиви и дополнителни состојки.

- Меленото месо отсега ќе мора во себе да има само месо од прва или втора категорија, не смее да содржи сврзно ткиво, внатрешни органи, саламурено или преработено месо и сол. Строго се забранува и додавање вода. Во него исто така не смее да има механички обработено месо (МОМ), остатоци од месо, кожа, делови од коски и ’рскавици, месо од главата, од дијафрагма и од нозете - стои во Правилникот за месо. Се предвидува и меленото месо кое е пакувано да може освен од свежо, да се произведува и од замрзнато месо, но тоа мора да биде јасно декларирано, при што замрзнатото свежо месо што се користи за производство на мелено месо не треба да е складирано подолго од 18 месеци за говедското, од 12 месеци за овчото и 6 месеци за свинското месо. Одмрзнатото месо не треба повторно да се замрзнува.

- Приоритет на Агенцијата за храна и ветеринарство е безбедноста на храната, а со новиот Правилник за барањата во однос на квалитетот на меленото месо, подготовките од месо и производите од месо, интенција е да се обезбеди рамноправна положба на пазарот на производителите на месо, месните подготовки и производи од месо, како и поголема заштита на потрошувачите од аспект на квалитетот - велат во Агенцијата за храна. Според нив, мелено месо, подготовките и производите од месо, ќе може да се произведуваат само во специјализирани објекти, под строго контролирани услови, од страна на компании кои за вршење на оваа дејност ќе добијат одобрение од Агенцијата за храна и ветеринарство, а месото ќе мора да го декларираат и да го спакуваат.

„Дневник“ посети неколку месарници во центарот на метрополата и утврди полни рафтови со мелено месо, во дел од нив декларирано, во дел не. Месарите велат дека за новите правила се информирани само од медиумите. Тие велат дека ваквиот правилник многу тешко ќе може да се спроведе бидејќи најголемиот ќар тие го прават токму од меленото месо.

- Во најголем дел од меленото месо има говедско месо, потоа соја, масно ткиво и остатоци од животни - велат во месарниците што ги контактиравме. Меѓутоа, не сакаат да прецизираат за кои остатоци станува збор. Тие коментираат дека оваа новината што Агенцијата ја донесе граѓаните ќе ги чини поскапо бидејќи ќе купуваат, на пример, по половина килограм говедско и свинско месо, кое пазарно има повисоки цени. За нив меленото месо и готовите смеси што ги продаваат или евтините колбаси не се измама за граѓаните, туку тоа имаа социјална димензија. Речиси сите соседни држави веќе имаат правилници со кои строго се забранува продажба на готово мелено месо во месарниците. Во Хрватска и во Србија правилниците беа донесени пред две години, но тамошните медиуми пишуваат дека во многу малку месарници се почитуваат.

Валентина Ангеловска

#



Останати вести
ЕУ размислува да го ограничи увозот на кинески соларни панели
Франција нема да ги приватизира државните компании
Хрватска се мачи да ги заштити брендовите
Законот за зелените пазари ќе го реши статусот на тезгаџиите
Челикот тоне, лековите врват
Поскапува „евросупер 98“

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести