период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортАктуелноПубликаОтворенаСценаВо фокусот
Датум: 30.12.2016, 17:08

ХУМАНИТАРНА ГРУПА ПОСТОЈАНО ОРГАНИЗИРА АKЦИИ ЗА ПОМОШ

Млади скопјанки обезбедија стан за самохрана мајка со четири деца

Милена Атанасоска-Манасиева

Стотици социјално загрозени семејства се згрижени, нахранети, облечени поради нивната посветеност, храброст и хуманост. Многу болни деца заминале на лекување поради нивната безрезервна помош грижејќи се информацијата да стигне до што поголем број луѓе и организирање хуманитарни настани за прибирање парична помош.

Група млади девојки од Скопје секојдневно докажуваат дека ако сакаш некому да му помогнеш, нема да те спречат ниту работата, обврските, студеното или топлото време. Билјана Милошевиќ, Весна Дуева и Маргарета Kуртиќ се три млади скопјанки кои ова го прават секојдневно, живеат да им помогнат на оние на кои најмногу им треба и ништо не бараат за возврат.

Зошто го правите ова, ги прашуваме. На сите им требаше време да одговорат бидејќи не ни размислувале зошто. Едноставно, тоа го прават поради детската насмевка, искрената радост и желбата да усреќат некого.

Сакаме да гледаме среќни деца

Билјана Милошевиќ е хуманистка од многу одамна. Првото семејство на кое му помогнала да се собере хуманитарна помош јавно преку социјалните мрежи е самохраната мајка со четири деца од Волково. Тогаш се уверила во моќта на социјалните мрежи.

- Жената живееше во руинирана куќа, без вода, струја, без прозорци, најмалото дете, бебе, од четири месеци. Отидовме првин со сестра ми и се уверив во лошата состојба. Објавив статус на „Фејсбук“ и така почна с`. Набргу собравме многу помош, ~ обезбедивме стан преку Министерство за труд и социјала, сега е вработена, дечињата растат, одат на училиште. Не можам да опишам како се чувствував. И тага, и радост и гордост. Оттогаш кога ми треба поголема помош за некое семејство, првин објавувам јавно, па организирам помош. Сега кога ќе објавиме апел, за еден ден собираме с` што ни треба - вели Милошевиќ.

Весна Дуева, пак, најпрвин почнала да носи облека во Домот за деца без родители во Скопје, па потоа ги запознала другите хуманистки со кои сега секојдневно помага.

- Многу ме трогна приказната за едно дете што родителите го оставиле во домот зашто не можеле да се грижат за него, немале услови. Така почнав да помагам, посебно во последните две години и откако ги запознав луѓето што помагаа летово во поплавените подрачја во Скопје. Чувствувам неизмерна радост и исполнетост кога ќе му помогнеме на некој. Затоа го правам ова. Најмногу се радувам кога ќе видиме среќни деца и насмевки - вели Дуева.

Маргарета Kуртиќ, пак, која е вработена во „Македонски телеком“, најчесто помага кога е во прашање паричната помош за лекување болни деца.

- Со хуманитарни акции почнав да се занимавам многу одамна, уште немаше ни „Фејсбук“. Но, ни се олеснија многу работи со појавата на оваа социјална мрежа. Апелите за помош за лекување се нешто на кое сум повеќе посветена - објаснува Kуртиќ.

Ние сме хуман народ

Пред да се одлучат да помогнат испитуваат дали и каква помош им треба на луѓето за да се заштитат од злоупотреба на хуманитарната помош. На кое семејство му треба помош најчесто дознаваат од медиумите.

- Секако дека треба да се добие довербата од донаторите. Сме наидувале и на непријатности, се препродавала помошта и слично. Затоа, поучени од негативното искуство сега малку потемелно истражуваме пред да се вклучиме во акција за помош - објаснува Милошевиќ.

Помош за социјално загрозените семејства или за болните деца најчесто им доаѓа од жени и мајки, но и од многу компании.

- Не знам дали се поемотивни и тоа е во прашање, се споредуваат со тоа што имаат деца и помислуваат како би било децата да им се гладни и боси, но мајките најмногу донираат. Во последно време има и мажи што носат помош и тоа ме радува. Доминираат и семејства што немаат многу, некои сакаат да останат анонимни. Битно многу сме хуман народ и тоа сме го докажале многупати досега - велат овие хуманистки.

Преку фејсбук-групата „Хумантирна помош за поплавените семејства во Скопје“, која доби награда за интернет-страница на годината, помогнаа на многу семејства од поплавените подрачја. 20-ина волонтери постојано беа во овие села, носеа храна, вода, хигиенски средства, чистеа, информираа каде и што е потребно да се достави, со што избегнуваа злоупотреба на помошта од македонските граѓани. Списоци, мапи, направија функционален систем за никој да не остане без потребната помош. Сега групата ја користат за објава на секакви хуманитарни апели и таа така ќе функционира и во иднина.

- Таа група ја направи Јасна, таа н` собра на некој начин и е постојано со нас кога организираме хуманитарен настан. Таа ја водеше групата, ни даваше информации, н` организира, а ние одевме на терен. Таа група има многу членови и многу ни е корисна - вели Милошевиќ.

Објаснуваат дека во Стајковци и сите поплавени села летово доживеале многу трауматски искуства, но никогаш не се посомневале во хуманоста на граѓаните.

- Не може да се опише што доживеавме во Стајковци и другите села. Гледаш, се чудиш, очајни луѓе на сите страни. Но, те носи некоја енергија да помагаш, ти дава сила. Одевме дома преморени, но секое утро пак бевме таму. Таму не е с` уште завршена работата, има семејства на кои им треба помош - вели Kуртиќ.

Секојдневните ангажмани на овие млади луѓе не им се работа, ниту професија. Велат дека хуманоста не може да биде професија, едноставно, ја имаш во себе. Сите имаат работа, семејства, пријатели, брачни партнери, момчиња и девојки, но секогаш се тука за оние на кои најмногу им требаат.

- Сите ние ова секако не би можеле да го правиме без поддршката од нашите семејства и блиските. И тие со нас разнесуваат и носат хуманитарна помош, собираат донации од врата до врата, вртат телефони и секако н` трпат кога со денови не се прибираме дома. Помагам и организирам хуманитарни акции бидејќи тоа ме исполнува и тоа го сакам. Kаде наоѓам време? Сите имаме време. Само секој одлучува како ќе го потроши. Јас веќе три години 90 отсто од моето слободно време го посветувам на донации и хуманитарни акции - завршува Милошевиќ.

Многудетните семејства се најзагрозени

На многу луѓе и семејства во земјава им треба помош. Посебно на оние со многу деца кои живеат во внатрешноста. Овие хуманистки велат дека младите луѓе и од другите градови треба да алармираат за ваквите случаи и апелираат што повеќе луѓе да се вклучуваат во акциите.

- Ние сме сепак сиромашна држава, има семејства со многу ниски примања кои живеат само од социјална помош. Има семејства со многу деца, кои никако не може да се прехранат и облечат со една плата или минимална помош. Во помалите градови нема работа за сите, а слично е и во селата. Две сметки да им заостанат со струја, ќе останат и без неа. Така луѓето заглавуваат - велат девојките.

#



Останати вести
Среде Kатманду на македонски: Еј, од Скопје сте?
Kитењето на работничката елка во Њујорк чини 74.000 долари

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести