период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаЕврорамаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Актуелно
Датум: 20.04.2017, 17:58

KАKО СЕ KАЛИ ОБЈЕKТИВНОТО И НЕЗАВИСНО НОВИНАРСТВО

Со парите на УСАИД се финансира и смената на неподобни новинари во „Макфакс“

Зад кадровските и други промени што последниве месеци се случуваат во новинската агенција „Макфакс“, а кои се прават со финансиска поддршка на американската организација УСАИД, позната и по заложбите за слободно и објективно новинарство, се наоѓа и отстранувањето од работа повеќемина новинари на чие залагање почиваше работењето на агенцијата во изминатите години. Процесот на отстранувањето на новинарите се одвиваше преку формата спогодбено раскинување на работниот однос откако на новинарите претходно јасно им беше ставено до знаење дека се менува уредувачката политика, се прави нов концепт и дека раководството не е задоволно со нивниот ангажман и финансиските ефекти од работењето на агенцијата. Такво „спогодбено“ раскинување на работниот однос доживеаја четворица новинари, вклучувајќи го и главниот уредник, при што од дотогашната седумчлена екипа, на работа останаа само тројца новинари.

Отстранувањето на новинарите на кои веќе не се сметало завршило кон крајот на февруари по што во ова агенција, која е една од најстарите новински агенции во земјата, почнале да се вработуваат нови лица, најмногу со префрлување новинари од други новински редакции во земјата. Така, новоекипираната редакција сега брои 18 новинари и фоторепортери, а главен и одговорен уредник е Санта Аргирова. Таа, познато е, во предизборниот период беше уредник на информативна програма на Македонската телевизија како кадровското решение на СДСМ врз основа на пржинскиот договор што го постигнаа четирите партии за одржување фер и демократски предвремени парламентарни избори. Поврзано за овие кадровски промени во јавноста во овој период се појавија информации дека целото преструктуирање на агенцијата и замената на новинарите се одвива со финансиска поддршка на организацијата на американската влада УСАИД. Проектот, чија финансиска тежина не е позната, освен збогатување на информативните содржини, предвидува и воведување интернет-телевизија. Доказ дека во овој проект е вклучен УСАИД се гледа и на самата веб-страницата на агенцијата „Макфакс“, на која во нејзиниот долен дел се наоѓа амблемот и логото на УСАИД, односно дека тоа е организација за помош од страна на американскиот народ. Истовремено, покрај логото, наведено е „информациите на оваа веб-страница не се официјални информации од владата на САД и не ги претставуваат гледиштата или ставовите на УСАИД или владата на САД“. Меѓутоа, никаде не е наведено која е причината зошто на веб-страницата е поставено логото на УСАИД, односно зошто имаше потреба да се потенцира дека информациите што ги објавува агенцијата не се „официјални информации од владата на САД“. Инаку, логото на оваа американска организација може да се забележи на неколку телевизиски и други медиумски проекти за кои е јасно дека парично се помогнати од неа.

„Дневник“ вчера стапи во контакт со дел од отпуштените новинари кои недвосмислено потврдија дека морало да заминат од агенцијата кога тоа им било јасно ставено до знаење со промената во уредувачката политика. Симеон Серафимовски, новинар што во „Макфакс“ работеше повеќе години, вчера ни опиша како одело престанувањето на неговиот постојан ангажман во агенцијата.

- Состојбите посебно почнаа да се влошуваат кога во агенцијата дојде Ване Цветанов, поранешен директор на Управата за спречување перење пари и финансирање тероризам и обвинет во случајот „Шпион“. Тој почна да ни интервенира во текстовите, да бара да пишуваме с` најлошо за актуелната власт и за Никола Груевски. Од нас се бараше да пишуваме новинарски приказни од теренот, но истовремено се бараше тие да се против власта. Нашите идеи за унапредувањето на работата Цветанов не ги пренесуваше на сопственикот. Напротив, тој беше дрзок со нас и се однесуваше на примитивен начин. Дојдовме на ниво на најдолните медиуми - потенцира Серафимовски.

Тој додава дека почнал да одбива такви задачи, а кулминација било кога на финансиерот на агенцијата му кажал дека новинарството не може да почива на плата од 100 евра, туку на квалитетни новинари.

- По тоа, управителката ме повика и ми понуди спогодбено престанување на работниот однос, а доколку не го прифатам тоа, ќе ме тужат за неодговорност во исполнувањето на работните обврски. Јас прифатив спогодбено да заминам во ноември, а потоа замина и колешката Билјана - наведува Симеон Серафимовски.

Во тој период, според сознанијата, во просториите на агенцијата с` почесто било гледано лицето со иницијали М.М., инаку близок соработник на лидерот на опозицискиот СДСМ, Зоран Заев, кој му е важен советник за медиумите. Набргу потоа доаѓаат и други кадровски промени, прво доаѓањето на Санта Аргирова, а потоа и други новинарски имиња. Меѓу нив е и Предраг Петровиќ, раководител на проектот „А1. он“, како и други новинари, кои дојдоа од други редакции откако за тоа постигнале договор со новото раководство на агенцијата.

Во импресумот на агенцијата може да се прочита дека меѓу 18-те новинари се и Љубиша Арсиќ, до неодамна вработен во „Фокус“, Гордана Дувњак, која до неодамна работеше во „Утрински весник“, Васко Маглешов и други новинари...

Kон крајот на февруари спогодбен отказ му е даден и на дотогашниот главен уредник на агенцијата „Серјожа Неделковски“, како и на уште една новинарка. И ним, како што дознаваме, им било ставено до знаење дека агенцијата има нов концепт по што им било јасно дека треба да бараат друга средина.

Рокади и во други медиуми

Вакви кадровски рокади не се невообичаени во македонските медиуми. Пример за тоа е неодамнешното отпуштање неколку новинари во телевизијата „Телма“, а наместо нив се примени повеќе други новинари. И во оваа телевизија како финансиер и спонзор на одредени емисии се јавува американската организација УСАИД. Истовремено, отказите во „Макфакс“ не предизвикаа никаква реакција на новинарските и нивните синдикални организации.

(Р.Д.)

#



Останати вести
Цел сме на политички притисок од СЈО, дипломатскиот кор игнорира
Министерот Ибрахими: Барањата на родителите на децата со посебни потреби се прифатливи
„Џудишал воч“ ги даде на суд Бејли и УСАИД

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести