период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаЕврорамаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Метропола
Датум: 21.04.2017, 16:32

ТРАЈАНОВСKИ НА УВИД ВО ИЗГРАДБАТА НА НОВИОТ ЛУНА-ПАРK

До септември ќе бидат монтирани првите реквизити

Во август или во септември годинава ќе бидат монтирани првите седум реквизити во новиот забавен парк, најави вчера скопскиот градоначалник Kоце Трајановски, кој официјално го објави почетокот на изградбата.

Тој нагласи дека новиот адреналински забавен парк ќе се гради на истото местото на стариот луна-парк во Градскиот парк и на истата површина од 25.000 квадратни метри. Во детаљниот план за него е предвидена поголема површина од 84.000 квадратни метри, но нема да се проширува.

- Ниту еден сантиметар нема да одиме повеќе, иако во јавноста се појавија шпекулации дека ќе заземаме и од останатата површина - потенцира Трајановски.

Промовиран новиот изглед

Градоначалникот Трајановски истакна дека конечно по 44 години скопјани ќе добијат атрактивен забавен парк, чиј изглед,како и изгледот на реквизитите беа промовирани вчера.

- Паркот ќе се гради во неколку фази. Во првата фаза ќе се гради инфраструктурата, поточно водоводот, фекалната и атмосферската канализација, а ќе се изведе и партерното и хортикултурното уредување, влезно-излезната партија, објектот за администрацијата, тоалетите и другите придружни објекти, што ќе чини 101 милион денари - најави Трајановски.

Објасни дека на конкурс се избрани фирмите-набавувачи кои паралелно со градежните работи во првата фаза ќе ги постават првите седум реквизити. Тие имаат рок од шест месеци да ги монтираат, односно треба да завршат во август или септември.

- Добавувачите ќе имаат обврска да го направат фундаментот, да го монтираат реквизитот и да го пуштат во употреба - објасни Трајановски.

Во првата фаза ќе се постават еден адреналински, два полуадреналински, три детски реквизити и еден воз на шини за што се издвоени речиси 130 милиони денари, односно 2,1 милиона евра. Станува збор за реквизитите: слободен пад (61.509.860 денари), саламантес (34.470.160 денари), возот ел пасо (1.810.120 денари) скокалиште (6.168.450 денари), сафари-авантура (13.546.400 денари), среќна лулашка (5.900.708 денари) и мини филџанчиња (7.080.000 денари). Нив ќе ги набават и ќе ги монтираат фирмите „Боминг Оливер“ и „Ивама трејд“, а инфраструктурата ќе ја гради фирмата „Жикол“ со која е склучен договор за 1,6 милион евра.

Вкупно 6,5 милиони евра

За останатите реквизи, како што истакна Трајановски, во развојната програма на Град Скопје се предвидени по 100 или 120 милиони денари за 2018 и 2019 година.

Проектот за новиот забавен парк предвидува 27 реквизити, од кои три адреналински, шест семејни и 18 детски. Во паркот ќе има разни видови лулашки, вртелешки, тобогани и слични забавно-рекреативни содржини. Kако што информира Трајановски во рамките на забавниот парк ќе има и ресторани, театар, објекти за забава и придружни административни објекти.

- Со тоа скопјани ќе добијат можност повторно да се вратат во забавниот парк и да уживаат, како најмладите така и повозрасните - истакна Трајановски.

Според него, изградбата, набавката на реквизитите и нивното монтирање ќе чини 400 милиони денари, односно 6,5 милиони евра.

Луна-паркот нема да работи, дискотеките уште оваа пролет и есен

Додека траат градежните работи, луна-паркот нема да работи, нагласи вчера градоначалникот Kоце Трајановски и додаде дека дискотеките кои се во неговите рамки ќе работат уште оваа пролет и есен, а потоа ќе мора да си најдат соодветни локации.

Старите реквизити се демонтираат и ќе се чуваат во магацини на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ и наскоро ќе се одлучи што со нив.

Градската власт по неколку неуспешни обиди да најде странски партнер концесионер за изградба на модерен забавен парк во Скопје одлучи изградбата да ја реализира самостојно во фази.

Постојниот забавен парк е основан е во 1955 година, а комплетно е обновен во 1973 година кога сите реквизити биле заменети со нови, кои се користеа до неодамна.

Анела Петрова

#



Останати вести
800 ученици се тркаа на „Ролер-трката 2017“
Пензионерски спортски игри во Аеродром
Хуманитарен семеен базар во НОВА
Почна дератизацијата во Ѓорче Петров

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести