период од-до
  -  
ЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Датум: 12.05.2017, 18:12

НЕВРОПСИХИЈАТРИТЕ ЗА ОТKАЖУВАЊЕТО ОД ПУШЕЊЕ

Зависноста од никотинот е поголема и од зависноста од хероин

Зависноста од никотинот е поголема дури и од зависноста од хероин и токму затоа е потешка и за третман кога некој сака да се откаже од пушењето. Млади што пушат цигари многу полесно може да станат зависници од дрога поради тоа што и марихуаната, и хероинот и други се внесуваат и во вид на цигари. А никотинот прави трајни оштетувања на секоја клетка во организмот, но најчести промени се јавуваат на црниот дроб, крвните садови и срцето, белите дробови, желудникот и цревата, импотенција, чести инфекции и предвремено сушење на мозокот, предупредува д-р Павлина Васкова, невропсихијатар во Психијатриска болница Скопје во Бардовци.

Таа вели дека сите лица што употребуваат супстанци кои создаваат зависност, т.е. кои се вградуваат во работата на секоја човечка клетка, првин развиваат т.н. психичка зависност, а потоа и физичка зависност, со јавување апстиненцијални кризи во недостиг на цигари.

- Лекувањето зависници од цигари досега, колку што знам, никаде во светот не е на болничко ниво, само амбулантски, па исто и кај нас. Ретко и мал број пушачи доаѓаат во советувалиштето за алкохолизам во „Даре Џамбаз“. Релативно тешко е пушачите да се мотивираат за лекување и воспоставување апстиненција, меѓутоа уште потешко е воспоставената апстиненција да ја одржат, да се превенираат рецидивите. Поради тоа, потребен е организиран психосоцијален третман (отворање советувалишта, отворена телефонска линија) и особено групи за помош и самопомош на лицата што имаат развиено зависност - додава д-р Васкова.

Речиси 80 отсто од зависниците живеат во семејни заедници, па поради тоа зависностите не се само индивидуален проблем, туку проблем на целото семејство, а со тоа и на општеството во целост.

Се откажал со автоген тренинг

Еве неколку примери на граѓани што успеале да се откажат од оваа зависност:

- Имав 30-ина години пушачки стаж, почнав уште на почетокот на средното училиште. Од пушач кој дневно тегнел по 20 цигари, почнав да комбинирам и луле, обично навечер, и пури и цигарилоси. Неколкупати ги оставав по две-три недели, но им се навраќав повторно и повторно. Донесов длабоко во себе лична одлука дека треба и сакам да престанам да пушам. Kога ги прегледував албумите со лични и семејни фотографии, сфатив дека речиси на сите сум со цигара - во уста или меѓу прстите. Не бев свесен за тоа и тие слики ми изгледаа чудни оти мислев дека пушам помалку. Си реков и дека е доста со пушењето, доста го мачам организмот со отрови, иако убеден сум дека таквата одлука требаше да ја донесам порано, односно да прекинам со пушењето по завршувањето на средното училиште, да кажам: „Доста ви беше, луди години!“ - раскажува 58-годишниот Х.И. од Скопје.

Тој не користел никакви помошни средства за одвикнување, како гуми за џвакање, фластери.

- Kористев принцип на автоген тренинг - се убедував себеси дека пушењето е штетно и за мене и за околината и тоа си го повторував секогаш кога ќе паднев во искушение да дувнам една цигара. Домот го претворив во зона на забрането пушење така што гостите пушачи ги замолував да пушат на тераса. Си велев дека е подобро да живеам здрав и активен живот, живот без цигари. Можеби и таквиот ментален тренинг влијаеше по извесно време чадот од цигари не само да ми се гади туку и да ми предизвикува болки во грлото и главоболки. Сега бегам од цигарите, ги чувствувам на километри. Има веројатно десет години, можеби и повеќе, како не сум запалил цигара. Промени? Сите фотографии во постпушачкиот период се разликуваат пред с` по тенот на кожата - го немам повеќе стариот жолт тен, кој веројатно е заради отровите во организмот внесени преку пушењето. А вкусот - сега е многу поинакво чувството за храна, за пијалаци, па дури и кафето и алкохолот ми се поавтентични сега отколку порано. И, секако, спиењето. Има голема разлика - вели овој скопјанец.

Тој сега многу жали што потрошил 30 години на пушење.

- Сум се труел себе си, но, за жал, сум труел и други околу себе. Јас се решив за живот без цигари и сум поборник за живот во здрава околина и ќе бидам среќен доколку мојот пример биде инспирација за други - порачува Х.И.

Ја оперирал жолчката и ги фрлил цигарите

Kумановец, кој има 61 година, ја раскажува својата приказна.

- Се откажав пред 3 години од пушењето, а пушев цел живот и тоа по две кутии дневно. Но, требаше да ја оперирам жолчката и токму тоа за мене беше еден пресврт во животот и ги оставив цигарите. Не палев воопшто, па домашните се чудеа, а најчудно ми беше што кога и сопругата пуши, мене не ми доаѓа стрв и јас да запалам! Мислам дека кај мене победи јаката волја да ја искоренам оваа тешка зависност. Се надевам и сопругата ќе успее во тоа - вели овој граѓанин на Kуманово.

Скопјанка успеала да се откаже по 20 години пушење цигари.

- Првата цигара ја запалив на 15-годишна возраст, а потоа пушев иако немав потреба од цигари и една кутија ми траеше цела недела. Се вработив и речиси на секоја пауза палев цигара, повеќето од колегите пушеа, па малку по малку почнав секој ден да купувам цигари. Од ништо се навлеков на пушење. Но, бидејќи имав проблеми со засипнатост на гласот, ми открија полипи на гласните жици и морав да се оперирам. Последната цигара, иако тогаш не знаев дека и ќе биде така, ја испушив вечерта пред да ме оперираат и - се збогував со цигарите иако хирургот ми кажа дека барем 2 недели не смеам да запалам... Поминаа речиси 20 години, не запалив ниту една цигара - раскажува скопјанката Љ.П. (51).

Таа се прашува: „Не знам како јас можев речиси прекуноќ да ги баталам цигарите? Зарем не бев зависник - пушев речиси 20 години“?



Инспектор се откажал по 4 посети



Во Советувалиштето за откажување од пушење при скопскиот Центар за јавно здравје, кое работи од 2014 година, мал број пушачи досега побарале да се откажат од оваа зависност - по тројца годишно. Еден од успешните примери е 39-годишен инспектор од Скопје, кој по 21 година пушачки стаж, годинава успеал да се откаже од овој порок.

Д-р сци. Валентина Симоновска, специјалист по социјална медицина, која го води индивидуалното советување, раскажува како се одвивало откажувањето:

- Мотивот со кој овој клиент се јави кај нас беше: нелагодното чувство и влошената здравствена состојба и тој одбра индивидуален тип на советување. Нашето советувалиште тој го посети 4 пати за 5 месеци и имаше три телефонски советувања. Првпат дојде во септември 2015 година, а во март лани тој престана со пушење. Направивме запис на клиентот, анкетен прашалник за пушачкиот профил, одредивме БМИ (боди мас инекс), Фагенстромов тест за процена на тутунската зависност, тест за можна појава на хронична опструктивна болест и карцином на белите дробови. Во процесот за откажување од пушење користевме „5а стратегија“, и тоа ask, advice, assess, assist и arange - објаснува Симоновска.

На овој клиент, како и на другите пушачи, му бил даден совет за промена на однесување со водење дневник и 5-дневен план за активности.

- На второто советување клиентот покажа тешкотии во процесот на промената на однесувањето што се бараше од него, и тоа во форма на шок, фрустрација и депресија. Со тестот на Prochaska проценивме дека клиентот е подготвен да истрае во намерата, но е несигурен бидејќи го мачат непријатни чувства за времето кога не пуши. Се јавија и бариери во откажувањето од пушење поради претходните неуспешни обиди за откажување од пушење, уживање во пушењето, долготрајно пушење и ослободување од стрес, како и неможност да ги ангажира рацете постојано додека желбата за пушење престане. За да се надминат апстиненцијалните симптоми, го советувавме за тимска работа и помош од психолог и психијатар, чија улога имаше значаен удел во успешноста на овој позитивен пример - нагласува Симоновска.

Годишно, во просек, се јавуваат до 3 лица во Советувалиштето за индивидуално советување, двајца се откажале од пушење, а до денес таму постојат 15 досиеја за ваков третман.

- Мотивот за откажување е различен - доминира стравот за здравјето, најчесто имаат опкружување што пуши, а важно е да може да се обратат на лекар кој ќе спроведува советување и ќе помага во овој долг и тежок процес и кој може и по телефон да го побара кога ќе западне во криза. Интересно е што кај сите клиенти постои јасна определба за почитување на Законот за забрана на пушењето - порачува доктор Симоновска, која очекува многу поголема посетеност на Советувалиштето, кое е достапно за широкото население, а за што не треба никаков упат, само добра волја и мотив кај пушачите да се обидат да се откажат од зависноста од пушење.

Само по тројца годишно во Советувалиштето

Никој од пушачите не мисли сериозно на здравјето додека не се соочи со првите проблеми што ги носат болестите, нагласуваат лекарите.

- Тоа е нашата перцепција од работата во Советувалиштето и е токму како што стои и во литературата, а важи за сите ризици за здравјето и за човековата природа воопшто. Единствено, досегашните испитувања и напори во светот да се потенцираат вистинскиот ризик од пушењето и апсолутниот бенефит од непушењето ја подигаат толку свеста на луѓето така што тие или воопшто веќе не започнуваат да пушат или се обидуваат што побргу да прекинат. Се разбира, има и такви што ги игнорираат фактите, не им веруваат, а нивниот број е различен во разни средини. Информациите и подигањето на степенот на знаење директно влијаат врз нашите ставови, но за да се направат промени во конкретното однесување и да се прекине со пушењето, треба нешто многу повеќе - јак мотив, силна волја, добар пример... - нагласува д-р Весна Спирова, специјалист по социјална медицина и раководителка на овој оддел во Центарот.

Во САД бројот на експушачи е поголем од бројот на активни пушачи

Чадот на тутунот содржи смртоносна мешавина од повеќе од 7.000 хемикалии; стотици се штетни, а 70-ина може да предизвикаат рак. Лицата што прекинуваат да пушат значително го намалуваат ризикот за болест и рана смрт. Иако користа за здравјето е поголема за оние што престануваат порано, корисно е да се престане со пушење на која било возраст. Никој не е престар за да престане да пуши, предупредуваат од центрите за контрола и превенција на болестите во САД.

Од сите возрасни пушачи во САД, речиси 7 од 10 (68 отсто) изјавиле дека целосно сакаат да престанат да пушат во 2015 година. Од 2002 година бројот на поранешни пушачи во САД е поголем од бројот на тековните пушачи.

Пушат поради стрес и дебелеење

Најголемиот број пушачи стануваат зависни од никотинот, наркотик, дрога, која се наоѓа природно во тутунот. Повеќе луѓе во САД се зависни од никотин во споредба со која било друга дрога. Истражувањата упатуваат на тоа дека никотинот може да предизвика толкава зависност колку и хероинот, кокаинот или алкохолот.

Прекинувањето на пушењето е тешко и може да се потребни повеќе обиди. Лицата што престануваат да пушат често повторно продолжуваат поради симптомите предизвикани од прекинувањето, поради стрес и зголемување на тежината.

Апстиненцијални кризи

Симптомите предизвикани од прекинување на пушењето (уживање на никотинот) може да вклучуваат:

Чувство на раздразливост, гнев или анксиозност; проблеми во размислувањето; желба за тутун; чувство на глад посилно од вообичаено.

Kорист за здравјето од апстиненцијата

Прекинувањето на пушењето ја има следната корист врз здравјето:
Намален ризик за рак на белите дробови и многу други типови рак; Намален ризик за срцева болест, мозочен удар и периферна васкуларна болест (стеснување на крвните садови надвор од срцето); Намален ризик за срцева болест 1-2 години по прекинувањето на пушењето; Се намалуваат кашлањето, свирењето во градите и недостигот на воздух; Намален ризик од развој на некои белодробни заболувања, а се намалува и ризикот за неплодност кај жените во репродуктивниот период.

Поради пушење, предвреме ќе умрат 500 милиони луѓе

Во 2015 пушењето предизвикало повеќе од еден од десет случаи на смрт во светот убивајќи над 6 милиони луѓе, со глобална загуба од речиси 150 милиони години живот приспособени на инвалидитет. Преваленцата на пушењето и морбидитетот и морталитетот денес опаѓаат во повеќето, иако не во сите богати земји. Смртноста во иднина во земјите со низок и среден доход се очекува да биде голема.

Во светот се проценува дека едно од четири лица или 933 милиони луѓе се секојдневни пушачи, а 80 отсто од овие пушачи живеат во земјите со низок и среден доход. Половина од секојдневните пушачи или половина милијарда луѓе што се живи денес, може да се очекува предвреме да умрат од пушење, освен ако не престанат да пушат.

(Преземено од списанието The lancet, април 2017)

Љубица Балабан

#



Останати вести
Секој обид на САД да ги контролираат руските бродови ќе се смета за обЈава на воЈна
Ќе ти го смениме името, па отсега ќе бидеш од земјата ка де што е на ѓаволот дупката

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести