период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаЕврорамаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Економија
Датум: 20.04.2017, 16:01

БИЗНИС-ФОРУМ

Турски ИТ и здравствени компании заинтересирани за инвестиции во Македонија

Kомпании од областите ИТ и здравство од Измир се заинтересирани за инвестиции во Македонија. Претставници на речиси 20 фирми од Измирската трговска комора од ИKТ и здравствени кластери вчера на бизнис-форум и средби со македонски компании членки на Стопанската комора на Македонија и Турција (МАТТО) ги разгледуваат можностите за соработка.

Покрај потенцијалите за инвестирање, ги анализираат и можностите за заедничко учество во европски проекти и настап на трети пазари, а конечниот ефект треба да биде зголемена трговска размена меѓу двете држави.

- Присутни се компании од Турција од ИТ-областа кои се заинтересирани да инвестираат во Македонија и да отворат свои претставништва, како и фирми од здравствениот сектор, производители на фармацевтски производи, медицински помагала да ги пласираат нивните производи тука. Kако комора стоиме на располагање да ги поддржиме во нивните намери - изјави Марија Томевска, потпретседател на МАТТО.

МАТТО и Измирската трговска комора вчера склучија договор за соработка што, според Томовска, дополнително ќе ја зголеми трговската размена меѓу Македонија и Турција.

- Македонија и Турција во изминатиот период имаат создадено значителни стратешки врски, економската размена е на високо ниво и изнесува над 450 милиони евра. Сепак, сметаме дека со дополнителните врски што ќе ги воспоставиме со Измирската трговска комора и со другите комори од Турција ќе ја зголемиме трговската размена и ќе придонесеме за зголемени странски инвестиции од Турција - рече Томевска.

Од Измирска трговска комора, исто така, очекуваат да се воспостави нова соработка помеѓу компаниите во насока на зголемување на трговската размена и економски развој.

- Се надеваме дека ќе имаме можност да воспоставиме соработка и контакти за компаниите од ИТ-секторот и здравствените услуги и оти преку постигнатите добри резултати ќе придонесеме за соработката помеѓу двете земји, а во Турција ќе се вратиме со успешни резултати - изјави Емре Илалан, член на Управниот одбор на Измирската трговска комора.

Пред претставниците на компаниите од Измир беа претставени детали за индустријата за здравствена заштита и процедурите за регистрација на лекови и медицински помагала во Македонија.

Претседателот на Асоцијацијата на приватни здравствени организации Андрија Арсовски се надева дека ќе се отворат повеќе перспективи за соработка на македонските здравствени установи и за фирмите што се занимаваат со дистрибуција и изработка на лекови.

- Со оглед на капацитетите што ги има турскиот здравствен систем и турските компании мислам дека ова ќе биде само еден вовед во натамошната успешна соработка затоа што постојат многу можности што треба да се искористат - изјави Арсовски.

#



Останати вести
Работилница за партнерство за подобра бизнис-регулатива
Проект за преквалификација и вработување ИТ-кадри
„Самсунг галакси С8“ и на македонскиот пазар
Во ЕУ најфалсификувани лековите, кај нас спортската опрема и чантите
5.000 туристи од Полска ќе се сончаат на охридските плажи

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести